Европа старее! Според податоците на ЕУРОСТАТ, просечната возраст на жителите во Европската Унија е 39,8 години, а се очекува до 2060 година просекот да биде 42,7 години. Животниот век на луѓето е продолжен, па така во 2010 година 16 отсто од населението на ЕУ било на возраст над 65 години. Европската Унија ја прогласи 2012 за година на активно стареење и солидарност на генерациите. Во рамките на одбележувањето Делегацијата на ЕУ во Македонија организираше конкурс на кој средношколците од земјава пишуваа есеи на тема „Зошто е кул да си стар?“. Балкон 3 го објавува победничкиот есеј на Наташа Толевска, ученичка во СУГС „Георги Димитров“.
Cool!
Колку е убаво човек да е кул.
Сталожен, смирен, опуштен; ништо да не може да те исфрли од рамнотежа; да живееш по свои норми… Мислев дека тоа е тешко, речиси претешко.
Сè додека едно другарче од училиштето, пред почетокот на заедничкиот родителски состанок, не ми потшепна дека имам кул-татко!
Мојот татко е COOL!
А стар е. Педесетина години носи на своите плешки.
Можеби грешам?! Не за годините, туку за она… стар!
Мојот татко не го интересира што велат другите кога секое попладне оди да џогира покрај Вардар. Како некогашен ракометар, џогира за свој ќеф. Убаво му е. А и здраво е.
Некогаш му правам друштво во трчањето. Првиот пат кога започнав да му правам друштво во трчањето, му реков дека сум побрза од него. И му ја летнав со ножињата по кејот. Ама по пет минути душманско трчање морав да седнам. Задишана, испотена, колената ми се тресеа… А тој?! Клај, клај… Ме стигна и, без да ми обрне внимание, надуено помина покрај мене. Види го старецов?! – си реков во себе. Станав и со трчање го стигнав. Посрамена, ама решена да му доправам друштво до крајот на неговиот ритуал. Тој за момент застана, ме погледна во моите ситни игриви очиња, лесно ме повлече по кадрите и без да трепне, направи метафизички заклучок: Нате, живеј бавно за да живееш брзо. Аууу, ама мисла! Изгледа предците ни се од Кина. Фамилијата на Конфучие! Се чувствував како зајачето што се тркаше со желката во народната приказна.
Тогаш сфатив дека стареењето е предуслов за мудроста. Стареењето, иако велат дека е неповратен процес, кај мудрите луѓе е значаен повратен процес. Колку што старее мојот татко, толку од него секој ден добивам по една лекција за живеењето. Мојот кул-татко е мојот најдобар пријател, другар, сопатник низ животот. Биолошкото стареење го замени со духовна младост. Колку постар – толку помудар.
Сакам да бидам прва во класот. Сите петки да ми бидат – од А до Ш, т.е. од математика до физичко. Зошто да не? Ама имам тројка по математика. Не ми оди некако. А кому му оди математиката, па мене да ми оди?! Тука е тато, па ќе ми помогне. И… Ни три, ни четири… му ја објаснив ситуацијата, можноста од појава на пубертетски стрес, пад на мојот статус во класот, можни девијантни појави во мојата психа… А тој ни со око да трепне. И плус ми вели: Ќерко! Злато на тате. Никогаш немој да учиш за да бидеш прва во класот. Учи за знаење. За себе. Утре, кога ќе се вработиш, никој нема да те праша која си била во класот, туку ќе бара да покажеш умешност во работењето. Ќе бара да знаеш успешно да работиш, за да може да ти овозможи редовен личен доход. Затоа: биди свој човек и не барај да ти помогнам во она во коешто треба самата да си помогнеш.
Многу ме нервира мојот татко. Кул-татко? Како да не! Да не ми е татко, ми доаѓа да го истепам. Ама срамота, кај се чуло и видело татко да се тепа! А тој секогаш ме тепа во поим. Но пак ја сфатив неговата мудрост. Од тој ден учам онака како што џогира мојот татко – со полно темпо. Учењето ми стана задоволство. Резултатите си дојдоа сами по себе. Сега сум со сите петки во дневникот. Ама никогаш не изустив дека сум најдобра во класот. Им се радувам и на убавите оценки на моите другарки, а на послабите од нас редовно им помагам. Се случи нешто многу интересно. Наместо да се зајадувам со другарките, сега се јавија меѓусебни симпатии и нови другарувања. Така училиштето ми стана втор дом. Го сакам. А сѐ повеќе го засакувам мојот стар татко. Стар?! Реков стар татко?! Срам да ми е: мојот татко не е стар. Тој е искусен човек. Мудар. Годините не ја намалија неговата вредност, туку напротив – тој станува сѐ посилна потпора во мојот живот. Се гордеам со мојот кул-татко. Староста знае да биде COOL.
Сега не се плашам како ќе се облечам за излегување, за на роденден, журка… Според мојот кул-татко, човек треба да се облекува според можностите и пригодите, но облеката не го прави човекот. Моето однесување може да ја надополни мојата личност и да се прифатам себеси онаква каква што сум. Тоа што се трудам да бидам COOL не значи дека сум совршена. Совршенството на човекот из’ртува од неговата внатрешност.
Деновиве со мојот татко одам на дополнителни часови по англиски јазик. Го убедив дека не е доцна да биде вистински европски човек. Всушност, Европа ни тропа на вратата, па мора да ја дочекаме подготвени. Ја убедив и мајка ми, заедно со мојот кул-татко, да почне да оди на курсот по танцување. Беше тешко, ама успеав. Хи-хи-хи… Сега тато и мама, во дневната, гушнати, играат по тактот на песната на Енрике Иглесиас. Мојот кул-татко некако ми е зацрвенет во образите. Ја гушка мама и ѝ шепоти нешто на увце…
Баш е кул да се биде кул-семејство.
НАТАША ТОЛЕВСКА
СУГС “Георги Димитров” II-6