Моите сеќавања на Газиантеп се прилично магливи бидејќи последен пат го посетив овој град на службено патување пред околу десетина години. Она што остана во сеќавање е археолошката легенда Зеугма и силуетата на градот.
Во тоа време жителите беа окупирани со приказните за легендарниот град Зеугма и чудесните откритија на огромни мозаици на подовите и ѕидовите на резиденцијални објекти во отворениот антички град кој стои на падините над реката Еуфрат. Но, мозаиците не беа единствените уникатни нешта пронајдени таму бидејќи имаше и статуи, како статуата на Марс, кои за кратко време станаа светски познати. Тогаш ми се чинеше дека локалните жители не беа само љубопитни туку и помалку завидуваа на сите богатства кои излегуваа од земјата што тие ја користеа единствено за земјоделие. Мојата мотивација и поттик да се вратам во овој древен град се должи на овие сеќавања и бев многу возбуден што конечно имав можност да го посетам музејот во Зеугма во кој се изложени сите артефакти и мозаици коишто уметничката заедница успеа да ги спаси од водите на браната Биречик.
Газиантеп е современото име на градот кое го добил по завршувањето на војната за независност на Турција. Се спомнуваат неколку стари имиња бидејќи ова парче земја било дом на неколку славни цивилизации и се верува дека Селеукос, главниот командант на војската на Александар Велики, бил основачот на градот. Градот е прочуен по својата гастрономска понуда и многумина доаѓаат уште рано наутро во градот за да посетат некој од познатите ресторани, да вкусат вистински ќебап и навечер се враќаат дома. Што се однесува до мене, јас не сум ниту љубител на месо ниту вегетаријанец, но тоа нема да ме спречи да ги пробам сите познати јадења и ќебапи во текот на мојата посета на Газиантеп.

Катмерџи Зекерија http://www.katmercizekeriya.com/
Моето патување започнува рано наутро со еден пријател кој е одговорен за прекрасните фотографии кои следат. Слетавме во 10 наутро и веднаш почувствував глад па желбата за разгледување на мозаици и антиквитети ја заменив со добра храна. Отидовме во Катмерџи Зекерија (Katmerci Zekeriya) чии пецива се познати дури до Истанбул, а таму веќе беа пристигнати и сите други патници од авионот. Немавме ништо против овој ритуал и покрај тоа што не сакавме нашата посета да се претвори во туристичко клише. Пробавме катмер, ронливо пециво направено од тенки кори и мелени фстаци. Вистинска калорична бомба која личи на баклава, но не е толку блага. Девојките не прашуваат колку сакате кога нарачувате, туку веднаш ви носат една порција на маса, така не ќе мора да трагате по катмер низ градот во текот на денот. Обичај е катмер да се јаде за појадок.
Желни веднаш да започнеме со откривањето на градот, бргу го пронајдовме нашиот хотел лоциран во најстариот дел на градот во близина на тврдината и старите пазари. Хотелот е Anatolian Houses (Анадолска Куќа) и претставува типична стара градска куќа.

Anadolu Evleri www.anadoluevleri.com Tel : 0.342.220 95 25
Веднаш го оставивме багажот во соба и побрзавме до еден од старите автентични пазари наречен Бакарен Пазар. Бевме претходно предупредени дека е можно повеќето продавници да не се отворени бидејќи е недела а ние сакавме да го видиме пазарот во вообичаена атмосфера на секојдневно купување. Мојата прва помисла за пазарот беше заштита а ќе дознаеме зошто откако ќе добиеме информации од локалните жители.
Бакарен Пазар: Инфраструктурата на пазарот вклучува 8 улици и 280 продавници кои се реновирани според традиционалната типологија на автентични анадолски пазари во проект спроведен од страна на општината. Проектот ја добил наградата за Реставрација на Стари Градови. Во текот на кратката прошетка уживавмегледајќи ги старите мајстори како работат и направивме многу фотографии од нив. Мајсторите изгледаа сериозни додека ги полираа послужавниците и имавме чувство како да играат улога во некој нивен филм. Го почитуваме нивниот професионализам иако пазарот врвеше од туристи и локални жители кои се обидуваа да купат потребни работи за домаќинството. Атмосферата беше динамична и исполнета со бои.
Бакарниот пазар е опкружен со други познати пазари како што е историскиот трговски центар Зинзирли Безистен, Тутун Ан Бујук Бугдај пазарот (Zinzirli Bedesten, Tütün Han, Büyük Buğday Pazarı).
Откако се прошетавме низ сите се најдовме пред една друга историска градба Tarihi Tahmis Kahvesi (Старата Кафеџилница). Овде ја направивме првата кафе пауза иако овој регион е познат по мененгич кафе (Menengiç coffee) кое го пробав пред долги години во Хасанкеиф (еден друг, многу познат древен град кој во поголем дел е под вода) и не можев да сфатам што е тоа. Ова специфично кафе се приготвува со млеко и има многу добар вкус за разлика од традиционалното турско кафе. Tahmis значи толчено. Кафето се толчи во резбан камен аван. Според некои белешки Султанот Мурат IV тука се одморал и пиел кафе во текот не нападите на Багдад. Најважната карактеристика која го разликува ова место од обичните кафеџилници е тоа што било сведок на историски настани и е дом на книжевноста, музиката и локалните театарски претстави (Karagöz) веќе долги години. Додека се одморавме, група локални музичари влегоа и нè натераа да го следиме природниот ритам на градот.

Tahmis Coffe House www.tahmiskahvesi.com.tr
По веселата пауза навративме до продавницата Ејуп Бахарат (Eyüp Baharat) за да купиме зачини и билки кои се составен дел од вкусот на познатата кујна на Газиантеп. Продавницата се наоѓа веднаш спроти кафеџилницата и нејзиниот сопственик, г-динот Ејуп е многу пријатен продавач. Заминавме со црвени пиперки и пакетче бонбони направени со специјална техника која се користи во овој регион. Подоцна пробав сос од калинка и веднаш се заљубив во вкусот.

Eyüp Bahçeci: 0342 232 05 87 Boyacı Mah. Eski Buğday Pazarı Ateş Geçidi NO:1/E Şahinbey
Изгубени во Бакарниот Пазар
Како што одминуваше времето се појавија и првите знаци на глад па побрзавме до ресторанот Metanet и пробавме лахмаџун и симит ќебап (ќебап од фино мелен булгур).

Мое омилено јадење е симит ќебап (ќебапи од фино мелен булгур). Горе во десниот агол.
Имаме само уште 2-3 часа дневна светлина па после ручекот продолжуваме со прошетката низ стариот град, но овој пат посветувајќи повеќе внимание на историските џамии. Повеќето џамии во Газиантеп датираат од XII – XIV век со забележливо влијание на арапската архитектура особено во орнаментите на минарињата. Дрвените минариња се украсени со богата резба но изгледаат духовно, елегантно издигнувајќи се кон небото. Повеќето џамии се изградени од камен во различен декоративен стил. Најстара е Бојаџи џамија (Boyaci Camii) која има неверојатни орнаменти од сино стакло вградени во нејзиното минаре.
Околу 4 часот попладне решивме да го свртиме кормилото кон музејот Зеугма. Планиравме да го посетиме во недела но постоеше можност за полудневна тура до Халфети и Румкале (Halfet,Rumkale) па не сакавме да ризикуваме и да не ги видиме светски познатите мозаици.
Древниот град Зеугма/ Белкис; Историја и важност
Во 300 г.пне Селеукус I, еден од генералите на Александар Македонски го основал градот како место со стратешка и комерцијална важност на реката Еуфрат. Тој основал уште еден град, наречен Апамеја по неговата сопруга, веднаш од спротивната страна на реката и ги споил со мост. Со текот на времето Селеуција растел и се развивал а Апамеја постепено назадувал. Името на градот било сменето во Зеугма (што значи Мост или Премин) и станал најголемиот град на источните граници на Римското Царство. Населението пораснало до 80,000 жители благодарение на финансиските средства од платените војници од 4тата Легија коишто се населиле таму и развојот на трговијата во мирнодопски услови.
За постоењето на овој град се дозна во 1987 но се здоби со слава и светско внимание после 2000-тата кога беа откриени голем број артефакти. Само 70% од градот се спасени пред да се пушти браната Биречик. Со огромни напори биле ископано две вили, Посејдон и Еуфрат и пренесени во музејот во Газиантеп заедно со голем број камени блокови, столбови, фонтани и мозаици. Вилите Посејдон и Еуфрат се сочувани во природното опкружување благодарение на огромен ѕиден постер на кој е прикажан ридот над реката. Мора да признаам дека крајниот резултат е прилични импресивен.
Посетата на музејот започнува со мозаикот на Пресудата на Парис, Океан и Тетис, и Аратос кои се изложени на ѕидовите. Еден од најважните предмети во музејот е статуата на Марс која била пронајдена при ископувањето на вилата Посејдон во 2000. Таа била сокриена под садови за храна во оставата и се претпоставува дека таму била сокриена поради нападите на Сасанидите. Статуата, висока 1,52 м, е всушност дизајнирана да стои на плоштадот и била поставена на 30 сантиметарска основа од базалт на врвот на столб висок 6,60м. Марс е симбол на богот на војната Арес и затоа неговиот израз на лицето покажува лутина и незадоволство. Кренатата десна рака е свиткана во лактот и држи копје, а во левата држи цвет кои симболизираат војна и плодност.
Би сакал да ги завршам моите музејски приказни со светски познатиот мозаик на “Циганката”. Тој е изложен во посебна просторија во првиот дел на вториот кат. Просторијата е дизајнирана како лавиринт и создава чувство на мистерија особено со нагласување на прогонувачкиот поглед на девојката. Мое скромно мислење е дека со текот на времето овој мозаик може да ја надмине славата на Мона Лиза бидејќи предизвикувачкиот поглед припаѓа на дамнешни времиња, илјадници години наназад.
После вака исполнет ден решивме дека е најдобро да ја завршиме приказната за градот и да го откажеме патувањето до Халфети и другите отворени древни градови во околината. Си ветив дека ќе се вратам повторно, можеби на пролет. Сепак за сите оние кои сакаат приказни за остатоци од антиката следуваат неколку информации.
Античкиот град Дулук
Дулук датира од 600 г. пне и претставува еден од најстарите градови на светот. Тој бил место каде се спојувале источната и западната култура и религиозен центар за обожавателите на Тешуп, Зевс и Долукенос. Најголемото, до сега познато, подземно светилиште посветено на Митра се наоѓа во Дулук. Исто така, постои некрополис со многу гробови и цркви издлабени во карпа.
Отворен Музеј Јесемек (Yesemek)
Ова место се наоѓа на 113 километри од Газиантеп близу градот Ислахије е бил основан како рудник и работилница за изработка на скулптури за потребите на Хититите пред околу 3500 години. Статуите се расфрлани на еден зелен рид, некои потпрени на страна, некои со лицето надолу. Повеќето се лавови со грива и крилја во стоечка или седечка позиција. Останатите се сфинги, воени кочии, статуа на човек-мечка, близнаци планински божества и други суштества.
Румкале (Хромгла)
Румкале се наоѓа 62 км од центарот на градот и има прекрасни градби и природни убавини. Постои легенда дека Апостол Јован издлабил соба во карпа во која се преселил за да направи копии од Библијата. Се вели дека неговиот гроб е сè уште таму па затоа Румкале претставува светилиште за христијаните. Во тврдината, освен ѕидови и кули, се наоѓа мала џамија, црква посветена на поетот Св. Нерсес и манастирот Баршавма. Можат да се забележат цистерни за вода и бунари, но многу објекти се сè уште неидентификувани.
Неделата ја поминавме во Беј Махалези (Bey Mahallesi), еден од најзачуваните делови од градот. Исто како во Бакарниот Пазар улиците и старите градби се реставрирани и сочувани благодарение на државата и општината Газиантеп. Населбата се наоѓа на рид и го добила името по џамијата Беј која, за жал, денес не постои. Додека талкавме низ улиците почувствувавме мир помеѓу ѕидовите на старите градски куќи. Една одлика на овој дел на градот е начинот на којшто живеат постарите станари на овие куќи со нивните централни дворови наречени “хајат”, кујни и остави. Овојпат направивме кафе пауза во Папирус, многу стара куќа со огромен двор внатре. Можете да влезете и да ги ги разгледате собите со шарени дрвени тавани и стари фотографии од поранешните станари.

Папирус
Врати и улици во населбата Беј (BEY), предградие на Газиантеп
Последно, но не и најмалку важно, го завршуваме нашето патување во ресторанот Ашина (омилен кај локалните жители) каде пробавме јувалама (yuvalama) што многу ми се допадна. Сега почнувам да сфаќам дека во текстов не посветив многу внимание на храната. За да го поправам тоа еве неколку добро познати специјалитети од Газиантеп.
Кујната на Газиантеп
Баклавата и ќебапите се познати ширум светот (додека го пишувам овој текст Европската Унија ја прогласи баклавата од Антеп за автентична баклава). Зачините кои се користат при приготвувањето на храната и кои даваат различен вкус на јадењата, доматното пире и мелените пиперки, сосови и мешавини се заслужни за популарноста на јадењата и десертите од Газиантеп, меѓу кои се: ќебап од кромид, ќебап од фино мелен булгур, ќебап од модар патлиџан, ќебап од јапонска мушмула, ќебап од тартуфи, супа со кисело млеко и топчиња од ориз (yuvalama), пилав од пченица, пилав од леќа, лахмаџун, катмер, вртена триаголнеста баклава и десерти од гроздов сок (шира)…

Имам Чагдаш www.imamcagdas.com Асортиман на баклава
Довидување Зеугма, Довидување Газиантеп
Текст: Нилуфер Акча
Фото: Таркан Акташ