Да се искачиш на врвот е опција (право на избор), но да се симнеш долу е задолжително. Ова го напиша познатиот алпинист Ед Вистурс, првиот Американец кој се искачил на сите 14 врвови повисоки од 8.000 метри во светот, во својата книга во која го опишува подвигот. Дури и далеку поедноставните авантури почнуваат со тешка одлука-дали воопшто да се појде. Нашиот пријател Сашо Новески одлучи за прв пат да го освои врвот Солунска Глава на планината Јакупица во Македонија. Патешествието го овековечи на два начини-со зборови во неговиот дневик и со одлични фотографии. Уживајте во дневникот и во фото-галеријата.
Чеплес – Даутица – Солунска Глава
Петок
За мене работен ден до 18:30, а веќе со спремен ранец за тргнување. Во 19:20 го фативме возот за Богомила. Во 20:10 на железничката во Богомила не чекаше Роберт, човекот кој со кола требаше да не однесе до Папрадиште. Кога стигнавме во селото, направивме кратка пауза да се подготвиме и да тргнеме на пат до Планинарскиот дом Чеплес. Само што ги изодевме првите стотина метри, почна да врне дожд. Нејсе, ние сме направени од поцврст материјал, си велиме.
По половина час одење низ густа шума налетавме на уште една група планинари од Скопје од планинарскиот клуб „Македон“ кои се движеа кон Чеплес. По вообичаеното здраво живо, продолживме заедно и стигнавме до домот во 22:00 часот. Откако се сместивме и средивме, се запознавме со сите луѓе што беа пристигнати во домот. Краток муабет, по една чаша топла ракија или топол чај и заминавме на спиење. Не чекаше станување рано сабајле и напорен ден, па требаше да имаме бистри и наспани глави.
Сабота
Саботата станавме во 5:30 часот. Мрзоволно се протегнавме, но сепак сите станаа набрзина. По завршување на утринските хигиенски обврски, некои појадуваа, а некои се напија само топло чајче. Поради густата магла, стартот го одложивме за уште еден час. Тргнавме во 7:05. Времето сега беше бистро, а пред нас видливо.
Маглата се спушти под нас, лежејќи над населените места Нежилово, Папрадиште, Црешново, Богомила, Ореше, Ораовдол…
Јасното време не дружеше по целиот шумски пат, па по зимската патека, се до гребенот над горна ливада. Од левата страна на гребенот можевме да го видиме Плавник, но не и Јакупица, односно само врвовите на Јакупица беа гордо исправени над густата магла. А, од нашата десна страна видливоста беше едвај 50 -тина метри и не можевме да се радуваме на Нежилова карпа со врвот Солунска Глава, но после десетина минути се пружи поглед на Нежилова карпа. Можете само да замислите…
Врвот Солунска глава се наоѓа на 2.540 метри надморска висина. За името, се вика Солунска глава затоа што кога времето е јасно и бистро, од тука, можете да го видите дури и Солун.
Во 12:00 тргнавме назад за да стигнеме со време до Планинарскиот дом Чеплес. Овој пат се враќавме по летната патека. Бргу одевме. Кога стасавме здивнавме малку и на брзина се пресоблековме, па се подготвивме за ручек. Добро јадење со добра салата и прекрасни луѓе. Планините не прават подобри. Планот беше да преспиеме и оваа вечер во Чеплес, но околу 21:00 часот ни текна да се симнеме во Папрадиште и таму да преспиеме во планинарскиот дом. Тоа и го напраивме. Си ги собравме ранците и пат под нозе. По широкиот пат се симнавме надолу. Минувавме низ прекрасната шума, прекрасните мали водопади кои шумеа во ноќта. Замислете ја оваа слика, со малку осветлување од месечината и од нашите челни ламби.
Не ни се брзаше. Полека надолу со добар муабет стасавме до селото. Но, во домот немаше никој. Почекавме 20 минути и дојде Емил, домарот на планинарскиот дом. Ни отвори и ни покажа каде ќе се сместиме. Што ни остануваше освен да сумираме импресии до долго во ноќта.
Недела
Во Папрадиште останавме цел ден. Утрото пристигнаа деца од Русија кои во Македонија биле дојдени да го изучуваат македонскиот јазик и да ги запознаат нашите убавини. Помуабетивме, им одговоривме на пољубопитните од нив. Поминавме еден неамбициозен ден, како што доликува на недела, во одмор и во муабети, восхитувајќи се на убавината што не опкружуваше.
Околу 16:00 часот пристигна Роберт, човекот што требаше да не однесе до Богомила. Во 18:35 се качивме на возот за Прилеп. После 45 минути возење стасавме. Се разделивме со пријателите и секој по дома. Туш и веднаш на спиење затоа што за мене сепак понеделникот е работен ден.
Ако некој реши да го искачува овој врв првпат како што направив јас, секако, добро подгответе се и задолжително побарајте луѓе што ја познаваат планината за да ви ги покажат сите убавини. Нормално, и безбедно да ве однесат до врвот и да ве вратат назад. Јас бев импресиониран од ова авантура. Се надевам дека и вие ќе го направите истото, а до тогаш уживајте во фотографиите.
Текст: Сашо Новески
Фото: Ване Михајловски