Знаете дека понекогаш еден ѕид, значи повеќе од еден ѕид… Затоа има поговорка која вели „Да имаат ѕидовите јазик, па да можат да проговорат“… Бидејќи ѕидовите и објектите во себе кријат тајни, кои никој од нас не ги знае. Од време на време размислувам што ли би раскажувале ѕидовите на старите објекти во Истанбул. Од нив би сакал да ја слушнам вистинската приказна за Истанбул…
Таков објект е Кулата Галата во Истанбул. Средновековната кула е сместена во населбата Галата, во близина на Златниот рог. Видлива е од крајот на секоја улица која се протега од Каракој до познатата Истиклал Џадеси. Ако се возите со ферибот, покрај големиот број објекти, таа како рубински бисер ќе ви намигне, да тука сум со сета моја историја и раскош. Малку е несреќна. Како да копнее по старите денови.
Кулата Галата е полна со мистерија. Го набљудува Истанбул од самиот врв, го гледа тоа што никој друг не може да го види, го знае тоа што никој не го знае. Една таква сторија е самоубиството на младиот Ведат, син на поетот Умит Јашар Огузџан. Тој не успеал да го спаси својот син, кој се фрлил од кулата на 23-годишна возраст. Кој би можел да знае каква болка е вградена во камените ѕидови на кулата.
Поетот длабоката болка за својот син ја изразил вака:
6-ти јуни, 1973 година,
Прекрасен топол летен ден,
Светот беше прекрасен, светол,
Тој ден од кулата падна еден човек,
Така наеднаш се фрли во просторот,
Во пролетта на својот живот,
Заедно со сите свои надежи,
Беше во парчиња,
Еден човек падна од Кулата Галата,
Тој човек беше мојот син.
Факт е дека ако ја посетите Кулата и ако преку нејзините „очи“ не го разгледате Истанбул, всушност не сте го виделе вистинскиот Истанбул. Една од најпознатите легенди за кулата е онаа за Хезарфен Ахмет Челеби. Во текот на 17 век, тој се обидел да лета од кулата до Ускудар со крилја прикачени на рацете. По неколку обиди успеал да го направи тоа со помош на ветрот кој го одвел преку Босфорот до Ускудар. По овој настан кулата се нарекувала и кулата на Хезарфен. И покрај сите доживувања, таа денес тивко, безгласно се издига во срцето на Истанбул. Ако патувате во Истанбул, посетете ја. Потсетете се на приказната за Хезарфен, за трагичната смрт на Ведат. На нејзиниот највисок кат денеска има ресторан кој дополнително дава еден величествен поглед на Истанбул и на Босфорот. Влезот ќе ве чини 10 турски лири (околу 4.5 евра). Тогаш поточно ќе сфатите дека објектот е нешто повеќе од само куп наредени камења.
3Д прошетка на следниот линк: http://www.3dmekanlar.com/en/galata-tower.html
Неколку фотографии од објективот на Балкон3 , чиј новинар неодамна ја посети Кулата Галата.
Хусамедин Гина