Пролетта оваа година многу доцнеше, но, сепак влегува низ вратата на јуни. Примамливо ги буди сништата, а прекрасниот шарм на пролетта, нејзиното шаренило и блескавите сончеви зраци ги исполнуваат нашите желби. Сè расцутува, можете да видите преплет од илјадници бои. Тоа е прекрасно за да ги одморите очите гледајќи во дрвјата, зеленилата на планините, цветовите. А најдобар начин да се ужива во природата е пикникот, прекрасен момент да се ужива со семејството, пријателите и блиските.
Кога ќе погледнеме во историјата, ќе забележиме дека луѓето кои живеат во градовите секогаш се обидувале да бегаат во природата што почесто на мирни и прекрасни зелени места. Речиси во сите делови на светот оваа забава во природата се нарекува пикник. Зборот потекнува од францускиот збор ‘pique-nique’. А, значи ладни, едноставни, обични специјалитети подготвени за јадење во природни услови.
Поаѓајќи од овие факти Балкон3 ви препорачува еден вкусен рецепт лесен за правење, а и доста економичен:)
Потребни состојки за кифла со виршли:
2,5 чаши брашно за леб
1 пакетче инстант квасец
1 лажичка гранулиран шеќер
1 јајце
1 чаша топло млеко
70 g путер (стопен)
малку сол
4 – 5 виршли
За горниот слој за премачкување
1 жолчка од јајце
1 лажица сончогледово масло
сусам
црвена пиперка
зелена пиперка
феферонки
Подготовка:
Брашното се става во еден поголем сад. Се додава квасецот, солта, шеќерот и добро се промешува. Потоа се додава јајцето, млекото и путерот и се меси. Ако е потребно, за тестото да не се лепи во раце, се додава по малку брашно. Потоа тестото се покрива и се остава еден час да отстои. Потоа, тестото се дели на девет парчиња. Секое парче на тесто се отвара со раце, а не со оклагија. Потоа виршлата се става внатре и се затвара во вид на ролна.
Со помош на нож се пресекува на пет парчиња, но не целосно. Се превртува во облик на цвет, со тоа што виршлата да остане во горниот дел. Потоа поставете го во тепсија, на која е ставена хартија намачкана со масло. Се покрива и се чека 30 минути. На жолчката од јајца додатето го сончогледовото масло, изматете и намачкајте ја површината на тестото. Посипете сусам, пиперките (претходно исецкани во вид на квадратчиња) се ставаат во средината на цветот.
Печете ги во рерна на 180 степени петнаесетина минути.
Веќе се готови за послужување.
Кифлите со виршли се готови, на здравје!
Хусаметин Гина