Со цел да ви ги претставиме еврејските обележја на Атина на Балкон3, ги побаравме архивите на Музејот на Евреите во центарот на Атина. Таму нè дочекаа со одлична вест: група од околу 600 луѓе од нееврејско потекло наскоро требаше да тргнат во иста потрага, па се приклучивме на турата со водич, организирана од Полис/Атенистас – група која активно работи на подобрување на сите аспекти на урбаното живеење. Тие ја организирале оваа турa инспирирани од успехот на претходната во која ги пронаоѓале остатоците од отоманска Атина.
Краток вовед
Евреите во Грција се најстарата еврејска заедница во Европа која датира од пред 2300 години. За себе велат дека се “грчки Евреи” и нивната приказна е цврсто вткаена во историјата на Грција. Во Атина живее мнозинството од заедницата (2500 од вкупно 5500) и атинската заедница е официјално признаена од страна на современата грчка држава во 1889 година. Следејќи го трендот на иселување од центарот на Атина кој започна во 1970тите тие, како и повеќето Атињани, сега живеат во бетонските блокови на предградијата.
Музејот на Евреите во Грција
Основан е во 1977 година и претставува место кое не смеете да го пропуштите ако сакате да се запознаете со историјата, наследството и секојдневниот живот на еврејската заедница во Грција. Музејот е награден за својот придонес кон интеркултурно разбирање и е сместен е во зграда со неокласицистички стил, која во 1997 беше реновирана за да ги задоволи потребите на постојаната изложба и редовните образовни активности.
Г-ѓа Ориета Тревеза-Сусиис е одговорна за образовната програма која се одвива повеќе од деценија. Таа истакна дека има сè поголем број на училишта од цела Грција кои организираат посети на музејот кои се планирани во 3-4 дена во неделата. Исто така музејот организира семинари за наставници (во редовната образовна програма децата учат за Холокаустот), а има и образовни пакети наменети за деца од 10 до 15-годишна возраст и посети на училишта ширум земјата.
Г-ца Тревела нè пречека и понуди да нè поведе во специјална обиколка на извонредната музејска колекција. Толпата луѓе го исполни подземниот дел каде се наоѓа старата синагога која била отстранета од своето првобитно седиште во една зграда во Патрас, југозападна Грција. Двата вида на традиционална облека ги претставуваат двете главни потекла на грчко-еврејското наследство: Романиоти (“Rom-” е генеричко име за сите грци кои биле под Римската Империја) и Сефарди (од “Sefarad” – од Шпанија) прогонети од шпанските монарси откако целата земја била освоена од Кралот Фердинанд (1492).
Романиотите се уникатен грчко-еврејски амалгам. Тие биле длабоко интегрирани во грчката заедница во сите фундаментални аспекти на секојдневниот живот но сепак ја зачувале својата вероисповед. Карактеристично е што тие зборувале грчки но користеле еврејско писмо. Во период од 1800 години тие биле доминантни претставници на еврејскиот народ сè до XV век кога 20 000 Сефарди се доселиле како бегалци од Шпанија, јужна Италија и Португалија. Сефардите имале еднакви права како и сите други немуслимани во Отоманската Империја, што значело признавање на вероисповед и други права, според политиката на Султанот Бајазит II. Тие зборувале јудео-шпански или Ладино (дијалект на јазикот зборуван во Кастиља), имале развиена градска култура и со себе донеле еден нов космополитски изглед на местата во кои се населиле. Повеќето се населиле во Солун (наречен “Мајка на Израел”) кој оттогаш е значајна колепка на наследството на еврејската дијаспора во Грција, Балканот и Медитеранот.
Вино и потребните работи за молитвата на Сабат од неколку синагоги во Грција. Исклучок е долната извезена покривка за леб која доаѓа од Битола, Република Македонија. Денес централна синагога во Солун е синагогата Монастириотес (1925) која била изградена со донации од евреите од Битола (Манастир).
Опремата за церемонијалното невестинско капење од отоманските денови (сад за вода и дрвени кломпи) многу личи на онаа пронајдена во историските амами во Истанбул, Турција. Предметите потекнуваат од Истанбул, но и од Египет и Грција.Судбината на евреите во Грција е поврзана со судбината на земјата и турбулентните настани во првата половина на XX век во долгиот список на војници и офицери кои биле жртва на Балканските војни, Првата светска војна, Војната во Мала Азија, Втората светска војна и Антифашистичкиот отпор. Музејот одвојува посебно место за Мордехај Фрицис – еден од првите грчки офицери кој го загубил животот на фронтот бранејќи ја земјата од трупите на Мусолини во 1940 година.
Во цела Европа е познат фактот на спасувањето на илјадници Евреи со отворена и координирана акција на грчките нееврејски институции, имено, грчката црква, полицијата, академијата, институтите за терцијално образование, техничките и професионални комори и разни локални институции, факт којшто разбирливо е посебно истакнат во музејот. Евреите биле криени од своите сограѓани, им биле издавани нови лични карти со грчко-христијански имиња и на тој начин избегнале прогон и смрт во некој од концентрационите логори.Ова бил случај со мнозинството евреи кои живееле во 1940-тите во Атина која била окупирана од страна на италијаните (околу 4000 староседелци и 3000 бегалци од Солун окупиран од германците). Тие биле “сметани за сограѓани и луѓето имале доверба во нив” (Хроника на Централниот Еврејски Совет на Грција). Тие живееле и работеле во културно мешана средина во областите на стара Атина – Плака, Монастираки, Петралона и Тисиан. Хрониката и Еврејската Енциклопедија го бележат заговорот за “киднапирање” (и чување на безбедно место) на рабинот Барзилаи со помош на локалните власти и членови на антифашистичкото движење. Сепак, и покрај огромната помош која рабинот ја пружал на локалнотот население, околу 1500 евреи не успеале да избегнат апсење и прогон во Аушвиц- Биркенау, а 800 од нив биле заробени токму овде пред синагогата.
Првите Eвреи во Атина
Нашата група застана да го слушне краткото предавање по историја на нашиот водич/истражувач пред античката Агора (археолошко наоѓалиште) каде се пронајдени остатоци од стара синагога кои датираат од III век н.е.Според историчарот М.Молко забележан е контакт помеѓу атињаните и јудејците во VI век п.н.е. иако населувањето ви Грција започнало во хеленистичко време по освојувањата на Александар на Блискиот Исток. Во римско и византиско време грците и јудејците живееле во заедничка империја и користеле заеднички јазик – грчки. Водичот на групата ни посочи дека лесно можеме да пронајдеме еврејски населби од доцната антика низ цела Грција ако ги побараме во Библијата (Делата на Апостолите), особено во Посланијата на Апостол Павле (и неговите посети) до еврејските заедници во I век н.е.
III век н.е. Фрагмент од плиток релјеф (бас релјеф) пронајден во атинската Агора на кој е прикажана Менора и палмин лист (lulav). Евреите продолжиле да пристигаат и да се населуваат во Грција по бунтовите во Јудеа и уништувањето на храмот на Соломон од Римјаните.
Нов споменик на Холокаустот
Групата продолжи кон најзначајниот споменик на Холокаустот во Атина кој се наоѓа веднаш до Агората на крајот на ул. Ерму во населбата Тисио. Споменикот е поставен во 2010 год. после петгодишна работа и е мермерна скулптура на скулпторот Диана Маганиа. Загубата на животи на еврејската заедница во Грција изнесува 87% од вкупното население и е една од највисоките стапки во Европа, оттаму зраците на Давидовата ѕвезда се скршени и одвоени од јадрото кое сепак опстојува.Имињата на грчките градови изгравирани на зраците се потсетник на некогашните истакнати заедници. Споменати се Солун, Кавала, Драма, Серес, Ксанти, Лариса, Вериа, Волос, Халкида.
Градови кои никогаш не ги залечиле раните од загубата на еврејското наследство се Јанина во северозападна Грција (централно место на Романиотите) и Ханиа на островот Крит. Во 2004 година грчкиот Парламент го прогласи 27ми јануари за Ден на сеќавање на грчките евреи, жртви и херои на Холокаустот.
Мелидони, улицата на синагогите
Близу споменикот се протега малата, елегантна улица Мелидони каде се наоѓаат двете активни синагоги во Атина. Нашата група трагачи беше пречекана од Рабинот Мизан и членовите на Атинската Еврејска Заедница во сефардската синагога Бет Шалом (изградена 1935), единствената која редовно функционира. Нејзините архитектонски карактеристики се уникатни, поинакви од она што вообичаено се наоѓа во синагогите во Грција, и вклучува два витражи кои прикажуваат гледишта на верата насликани од уметници кои не се Евреи.Кога влеговме во синагогата забележав ненадејна промена кај моите сограѓани кои престанаа да зборуваат и мирно седнаа, такашто рабинот почувствува потреба да ни објасни дека синагогата не е црква, односно не се смета за пребивалиште на Бог, па затоа не мора сите да молчат. Во опуштената атмосфера посетителите беа информирани дека ова е мултифункционално место за социјална интеракција вклучувајќи и неформални средби со пријателите. Јазикот кој е сочуван со зачувувањето на религијата е од најголема важност за одржување цврсти врски помеѓу различните групи евреи кои живееле и живеат на територијата на Грција. Рабинот Мизан, роден во Лариса, одговори на желбата на посетителите да го видат најстариот свиток од Тората што го поседува оваа синагога, којшто тој лично го купил и реставрирал според одредбите на верата.
Ец Хаим романиотската синагога (изградена 1904, позната и како Јанотики “од Јанина”) се наоѓа од спротивната страна на Бет Шалом на улицата Мелидони. Единствената романиотска синагога која служи на заедница на грчки романиоти се наоѓа на Менхетен, Њујорк. Кехила Кедоша Јанина била изградена во 1927 од романиотите од Јанина кои се приклучиле на големиот бран доселеници во САД на почетокот на XX век. По Холокаустот во Грција такви поделби според потеклото речиси и да не постојат и заедницата е заинтересирана единствено да го зачува идентитетот кој кореспондира со нивните современи потреби.
Храна за размислување
На крајот на нашата потрага ја запознавме Нехама Хендел од Франција која, заедно со сопругот рабин, е сопственик на нов кошер ресторан (служи храна која е во согласност со правилата за исхрана на Јудаизмот). Таа шармантно се извини за нејзиниот француски акцент и нè покани во “Гостијо” на специјален оброк за нашата група. Сефардскиот ресторан ги таргетира локалните жители и туристи кои ги следат строгите одредби на еврејската исхрана или пак имаат желба да ја запознаат кујната инспирирана од грчката и медитеранската еврејска традиција.Кошер храната е во голем дел компатибилна со традиционалните грчки јадења од зеленчук, љубовта кон виното и морска риба. За жал, тешко се наоѓаат состојки со соодветен сертификат на грчките пазари и најмногу зависат од увоз. Еврејската заедница е премногу мала за да ја зголеми побарувачката, иако има зголемен тренд на сертифицирање на кошер храна која доаѓа од странство, но има за цел локалната грчка храна да добие кошер сертификат.
Постои еден непобитен факт: бројот на грчките евреи се намалува не само поради мешаните бракови туку и поради општиот тренд на стареење на нацијата (појава распространета во сите јужноевропски држави) и отселувањето на младите погодени од финансиската криза.
Музиката е нераздвоен дел од секое дружење во Грција па затоа за крај на денот група музичари изведоа песни од традицијата на сефардите. Голем број членови на заедницата ни се придружија на вкусниот ручек.
Ако сакате самите да одите во потрага еве неколку корисни информации:
- Jewish Museum of Greece,29 Nikis street (Syntagma)
- The Athens Agora
http://odysseus.culture.gr/h/3/eh351.jsp?obj_id=2485
- Beth Shalom Synagogue
http://www.chabad.gr/templates/articlecco_cdo/aid/66375/jewish/Synagogues.htm
- Gostijo Sephardic restaurant
https://www.facebook.com/Gostijo?sk=photos#!/Gostijo
- Kosher food in Athens
http://www.jewishmuseum.gr/en/information/restaurants.html
- Kosher consultants in Greece (technical info)
www.koshertechnicalkonsultants.org
Софија Николау