Васко Дуковски, нашиот веќе добро познат кларинетист, кој живее и твори во САД, денеска настапува во клубот „Дром“ во Њујорк, каде што заедно со прекрасен тим изведувачи ќе го придружуваат македонскиот композитор, продуцент и пијанист Дуке Бојаџиев. Ќе биде презентиран материјалот од новиот албум на Бојаџиев „Сон. Верба. Љубов.“, кој се очекува да излезе наскоро.
Пред неколку дена на 21 март настапи и во Обединетите Нации по повод дебатата за меѓуетнички и меѓучовечки односи на Алијансата за цивилизации на ОН, организирана од претседателот на ОН, на кој изведе дела од познатиот српски композитор Александар Симиќ. Минатиот викенд со ансамблот за современа музика Арџенто имаше усшпешен настап изведувајќи седум премиери на дела компонирани од композитори од Универзитетот Колумбија (Columbia University).

Васко Дуковски
Новиот албум кој го работи заедно со ансамблот за современа музика Талеа, содржи дела од познатиот италијански композитор Фаусто Ромители (Fausto Romitelli) и ќе биде снимен наредниот викенд во мултимедијалниот културен центар “EMPAC” кој го поттикнува развојот на авангардни уметници и композитори.