Сте се нашле ли некогаш „заробени“ на аеродромот во некој голем град чекајќи со часови да дојде времето за вашиот лет? Додека сте се наоѓале на ничија земја сигурно сте го гледале градот низ прозорците посакувајќи да шетате по улиците и музеите наместо да го минувате времето седејќи на клупите од аеродромот. Во Истанбул таков проблем нема да имате. Сите патници кои патуваат преку Турција и кои помеѓу летовите имаат повеќе од седум часа разлика наместо да седат на аеродромот можат да одат на возбудлива тура низ градот.
Турата наречена „TourIstanbul“ ја организира најголемиот авиопревозник во земјата Туркиш Ерлајнс, а трае точно шест часа и што е најдобро е бесплатна. Шест часа се сосема доволно време да вкусите еден залак од Истанбул и да посакате да се вратите повторно за да го добиете комплетното мени.
Ги прашавме организаторите како дошле до идејата да организираат ваква турза за патниците кои имаат поврзување на летови преку најголемиот град во Туриција.
– Нашата компанија е со седиште во Истанбул, па преку аеродромот Ататурк во овој град се сите конекции со другите светски дестинации. Затоа одлучивме на оние патници кои имаат таканаречени „лоши коненции“ да им овозможиме тура низ Истанбул со која ќе можат да се запознаат со историјата на градот и повозбудливо да им мине времето наместо да седат на аеродромот чекајќи го летот, велат за Балкон3 од „TourIstanbul“.
Додаваат дека има голем интерес за овие тури и патниците се задоволни од тоа како им е организирано времето.
– Некогаш ако има долго време помеѓу два лета патниците преферираат хотелска услуга, но нашите патници повеќе сакаат да уживаат во турата низ градот, дури и да се уморни сакаат да го разгледаат прекрасниот Истанбул, објаснуваат организаторите.
Со турата следи и доручек или ручек за сите патници и тоа бесплатно. На тој начин патниците се запознаваат и со традиционалната турска кујна која им останува во сеќавање дури и кога ќе си заминат.
– Сметаме дека на овој начин го промовираме не само Истанбул туку и туризмот во целата држава бидејќи постојано добиваме мејлови, телефонски повици и пораки од целиот свет, завршуваат од „TourIstanbul“.
Има три тајминзи за турите низ Истанбул:
-Од 9 часот до 15 часот
-Од 9 часот до 18 часот
-Од 12 часот до 18 часот
Што добивате:
-Транспорт со автобус
-Професионален водич на англиски јазик
-Доручек и ручек
-Посета на музеи
-Време за шопинг
Што ќе видите:
Тура 1
Змијскиот столб познат како Серпентински столб или столбот Делфи. Станува збор за антички бронзен столб кој се наоѓа на Хиподромот во Истанбул, Турција. Овој столб е еден од најстарите споменици во Истанбул. Тој бил посветен на богот Аполон, а преместен е во Истанбул од неговото наоѓалиште во градот Делфи во Грција.
Хиподромот во Истанбул кој не бил еден од најспектакуларните објекти во градот, но претставувал центар на општествено-политичкиот живот во главниот град на империјата и централно и омилено место за собирање на населението од градот, место каде се одржувале гладијаторски борби и трки со коли.
Обелиск на Теодосиј: Станува збор за староегипетски обелиск кој денес се наоѓа на Хиподромот познат како Плоштад Султан Ахмед во Истанбул, Турција. Бил изграден од страна на римскиот император Теодосиј I во текот на 4 век. Првичниот обелиск е подигнат во периодот од 1479-1425 п.н.е. во големиот храм на Карнак. Римскиот иператор Констанциј II (337-361) го донел во Александрија за да одбележи 20 години од неговoто владеење во 357 година. Обелискот во Александрија останал до 390 година, кога по заповед на Теодосиј I бил пренесен во Константинопол, каде бил ставен на Хиподромот, каде што се наоѓа и денес.
Цистерна Базилика е музеј кој се наоѓа во Истанбул, Турција. Во времето на Византија, оваа подземна цистерна го снабдувала Константинопол со вода. Се наоѓа помеѓу Хиподромот и Аја Софија, а позната е по своите столбови. Цистерната е долга 146 метри, широка 65 метри и зазема површина од 9.800 м2.
Султан Ахмедова џамија наречена и Сина џамија, е муслимански храм во Истанбул. Ја изградил архитектот Седефкар Мехмед Ага по наредба на султанот Ахмед I во периодот меѓу 1609 и 1616 година. Поради своите бои – сина, зелена и бела кои доаѓаат од употребените материјали- плочка и порцелан, во Европа исто така е позната и како Сина џамија. Џамијата Султан Ахмед е првата џамија во Османлиската империја, која има 6 минариња.
Германската Фонтана е стилизирана фонтана во северниот крај на стариот Хиподром. Таа била изградена да ја одбележи годишнината од посетата на германскиот император Вилхелм II во Истанбул во 1898 година. Првично е изградена во Германија, а потоа транспортирана парче по парче и склопена на сегашната локација во 1900 година.
Топкапи Сарај е палата која била главното седиште на администрацијата на Османлиската империја во периодот помеѓу 1456 до 1853 година. Била изграден во времето на султан Мехмед II. Палатата претставувала место каде се одржувале голем број на државни конференции, совети и забави на султанот, а денеска претставува музеј кој има непроценлива колекција на споменици и уметнички дела. Овде се наоѓа и мечот на пророкот Мухамед. Денес, Топкапи Сарај претставува една од најголемите туристички атракции на градот.
Тура 2
Кулата Галата: Средновековната кула е сместена во населбата Галата, во близина на Златниот рог. Изградена е од камен,а висока е 66,90 метри (62,59 метри без украсот на врвот). Во времето кога била изградена, таа била највисоката градба во градот. Факт е дека ако ја посетите Кулата и ако преку нејзините „очи“ не го разгледате Истанбул, всушност не сте го виделе вистинскиот Истанбул.
Прошетка од Булеварот Истиклал до Бејоглу
Истиклал е еден од најпознатите булевари кој се наоѓа во Истанбул, во округот Бејоглу, во близина на плоштадот Таксим. Булеварот е долг околу три километри. Се смета дека во текот на неработните денови, булеварот го посетуваат околу 3 милиони луѓе.
Бејоглу е округ кој се наоѓа на европската страна на Истанбул, Турција. Овој регион се наоѓа на т.н. историски полуостров во Константинопол од страната на Златниот Рог. Во текот на средниот век, регионот се викал Пера, и тоа име се одржало до создавањето на модерната турска република.
Тура 3
Сите знаменитости од Тура 1 плус Капали чаршија
Таа е една од најголемите и најстарите покриени пазари во светот. Комплексот се состои од 12 основни згради и располага со 22 порти, кои се наоѓаат на 85 улици кои собираат меѓу 250.000 и 400.000 посетители на ден.
Уживајте во овој вкусен залак од Истанбул и вратете се повторно за да го добиете комплетното мени:)
За резервации и за дополнителни информации: http://www.istanbulinhours.com.
Автор: Балкон3