Водич низ СКОПЈЕ

Велигден во Грција

TR GR EN

Најважните моменти од најголемиот празник во годината

Тешко може да се опишат интензивните чувства за време на Велигден во Грција. Има очигледни и јавни промени на расположенија (од среќа во тага, од елегија во екстаза, од лирични чувства до хедонистичко уживање во добро друштво и храна). Педесетдневен пост му претходи на Велигден а во последната седмица (Светла Седмица) секојдневниот живот се одвива во склад со одбележувањето на сите драматични настани опишани во Евангелијата. Обичаите се различни во зависност од регионот, но и поради предхристијанските обичаи – прославувањето на обновувањето на природата и пролетната рамнодневица не случајно се поврзуваат со Велигден.

Современиот живот и урбанизацијата го сменија начинот на кој ја перцепираме духовната страна на Велигден. Во денешно време повеќето луѓе постат само во текот на Светлата Седмица, а голем број воопшто не постат. Многумина не ги посетуваат бројните црковни служби кои се изведуваат во текот на целиот пост. Сепак, било да се верници или не, луѓето навистина сакаат да учествуваат во овој настан затоа што на тој начин членовите на заедницата се зближуваат. Постот исто така се смета за обид за прочистување и ревитализација на духот, па поради тоа многу луѓе се придржуваат до правилата за постење, но не во духовна смисла туку во секуларна – како воздржување од храна од животинско потекло (вегетаријанска исхрана со исклучок на морска храна и мед) и постењето е сè попопуларно кај оние кои се грижат за своето здравје. Секако и активностите на отворено и уживањето во обновувањето на природата се неразделни елементи на Велигденската традиција. Јоргован (Paschalia) е цвеќе кое го симболизира Велигден бидејќи неговото име е уште еден синоним во грчкиот јазик за овој празник. Пасха е официјалното име за Велигден кое доаѓа од еврејскиот збор – премин.

Сите видови морска храна, житарки, мешунки и зеленчук се конзумираат во текот на големиот пост а виното е неизбежен придружник на секој јадење. Многу често во грчките домови за десерт се служи алва (смеса од мелен сусам и шекер), но и во рестораните како знак на внимание од сопственикот.

4

Ова се неколку од најпознатите обичаи поврзани со празникот и сите се поканети да земат учество во прославата. Цветници е ден кога после литургијата на верниците им се делат крстови направени од исплетени палмови гранчиња. Постот дозволува јадење риба па низ цела Грција на овој ден се подготвуваат највкусните специјалитети од риба.

Украс од палмови гранчиња на островот Китера

Украс од палмови гранчиња на островот Китера

Свеќите (Lampades) се подарок пригоден и за деца и за возрасни. Се изработуваат на безброј инвентивни начини но еве неколку традиционални украси: бубамара (paschalitsa што значи мала Велигденска дама) е симбол на Велигден и на пролетта.

Велики Четврток е ден кога се фарбаат Велигденските јајца во црвена боја како симбол на распнувањето кое во црквите се одбележува подоцна истата вечер во свечена атмосфера. Некои луѓе претпочитаат да ги фарбаат јајцата на традиционален начин со лушпи од кромид или со специјална техника на фарбање со користење на природни цвеќиња и листови.

Четврток е исто така ден за печење цуреки (tsoureki), зачинети Велигденски кифлички. Рецепт кој доаѓа од Истанбул но најчесто се практикува во Солун. Велигденските кифлички кулуракија (koulourakia) се исто така популарни особено во јужна Грција. Заедно со цуреки (tsoureki) тие се разменуваат како подарок помеѓу роднини и пријатели.

10

Велики Петок е прв државен празник од Велигденските празнувања па многу луѓе патуваат до своите родни места или во природа на село. Тие кои остануваат во градовите имаат избор да ги посетат околните манастири каде ќе го почувствуваат Велигденскиот дух. Враќањето кон корените подразбира и посета на вечните почивалишта на претците кои се украсуваат со пролетно цвеќе и се палат свеќи во нивно сеќавање. Најзначајниот настан утрото на Велики Петок е цветното украсување на гробот Христов (Epitafios) како симбол на погребувањето на Исус Христос. Вообичаено тоа е парче платно на кое е извезена сцената на оплакувањето поставено на мал дрвен ковчег.

Украсен Христов гроб од манастирот Влахерна, Солун

Жените избираат со какви цвеќиња да се украси гробот и парохиите се наттпреваруваат во тоа чија декорација ќе биде поспектакуларна. Прошетка низ соседството е шанса да се разгледаат сите мирисни, шарени гробови кај соседите и е еден од омилените моменти од празникот. Вечерта на Велики Петок се одржува процесија која потсетува на погребна поворка. Луѓето држат темни свеќи во знак на жалење и ги пеат најтажните црковни стихови. На островите и крајбрежјето, места со долга поморска традиција, Христовиот гроб се носи на море и процесијата се движи низ пристаништата и бродовите.

Хидра, Сароник

Хидра, Сароник

Утрото на Велика Сабота исто како и претходното на велики Петок започнува тивко. Продавниците се затворени но тишината нема да трае долго. Прв кој ја нарушува тишината е градот Крф: во 6 часот наутро од црквата на Пресвета Богородица (Panagia Xenon) се слушаат звуци на громогласно тресење и викот кои го означуваат земјотресот опишан во Библијата кој се случил по смртта на Исус на крстот. Крф е многу познат по обичајот наречен “војна на бокалите” кога садови од теракота се фрлаат од балконите за да се прослави “првото воскреснување” кое се слави во Грција во сабота напладне. Специјални садови (botides) се полнат со вода за да се добие посилен звук кога се кршат на средновековните камени улици.

Првото воскреснување всушност се случува во Ерусалим каде Светиот Оган се пали во внатрешноста на Црквата на Христовиот гроб за време на еден мистичен ритуал на кој присуствуваат претставници од сите христијански вери и Православната Христијанска црква. Оганот се пренесува со ламба во авион до Грција за понатаму да се пренесе низ сите цркви во земјата. Најинтересниот момент е околу петнаесет минути до полноќ кога сите светла се исклучени, а луѓето се собрани во црквите во потполна темница. Во тој момент од внатрешноста на црквите огнот се пренесува со свеќи брзо ширејќи се наоколу… Точно на полноќ се пее Велигденската песна: “Христос Воскресна!”… или само така си претпоставувате затоа што во Грција на полноќ може и воопшто ништо да не слушнете. Огромен број петарди пукаат во тој момент, црквените ѕвона ѕвонат, луѓето се прегрнуваат и поздравуваат со “Христос Воскресна”. Соговорникот треба да одговори “Навистина воскресна”, но тоа секако едвај ќе го можете да го слушнете.

На островот Калимнос вревата е посилна од било кое друго место: наместо петарди луѓето фрлаат вистински динамит од карпите кои го опкружуваат градот.

На островот Киос “војната на ракетите” започнува помеѓу 2 ривалски заедници кои целат кон црковните ѕвона.

Запалените свеќи се носат дома и се приготвува специјална вечера за семејството и пријателите. Традицијата наложува тоа да биде јагнешко како симбол на “жртвата” или супа од јагнешки внатрешници и пролетни зачини (mayiritsa). Забавата со кршење со јајца започнува. Оној чие јајце ќе остане цело до крај, после кршење со сите присутни е победник. Не е важно ако не го знаете ритуалот на благослови и одговори за време на овој обичај (учите додека се забавувате!).

Недела е ден посветен на заедничко славење и забава. Се играат традиционални танци, се пеат песни на отворено и ова е одлична прилика да се запознаете со разновидноста на грчкиот фолклор за време на организираните настани на централните плоштади во селата и градовите.

Парос, островите Киклади

Парос, островите Киклади

Популарна народна песна посветена на пролетта од Тракискиот регион…

…и една од Крит.

Секое семејство подготвува ручек со јагнешко месо којшто е секогаш премногу комплициран и долготраен процес со кој не можете сами да се справите. Луѓето пеат, танцуваат, пијат и се мезат од многубројните предјадења додека чекаат да се приготви јагнешкото и да се постави Велигденската трпеза. Соседите се посетуваат за да си го честитаат празникот и да наздрават. Румелискиот регион е познат по печено јагне на ражен, обичај кој е задржан претежно во внатрешноста на Грција. Мажите се задолжени за поставување и надгледување на печењето, но сите доаѓаат да го свртат раженот барем по еднаш.

Колачињата со младо сирење и мед од Егејот (melitinia на Санторини, kaltsounia на Крит) се десерт кој мора да го пробате. Сите видови на кифлички со сирење се добредојдени на Велигденската трпеза.

Понеделник е последниот државен празник од Велигденските денови (во меѓувреме децата уживаат во втората недела од пролетниот распуст). За промена, ништо посебно не се организира на овој ден. Сите одмараат особено оние кои конзумирале јагнешко малку повеќе одошто требале!

Не е важно кое место ќе го одберете – Велигден во Грција е уникатно искуство и најдобра можност да ги запознаете луѓето, па се надевам ќе се видиме наскоро!

Среќен Велигден! Kalo Pascha! Happy Easter!

Софија Николау

Коментари