НЕНСИ ВИЕИРА е една од најреномираните уметници што го истражуваат огромното музичко наследство на Зеленортските Острови (Кабо Верде), поточно нивната „морна“, национален музички стил којшто неодамна беше прогласен од УНЕСКО како нематеријално наследство на човештвото. А на сцената, таа е една од најсилните чувари на ова наследство, претставувајќи го низ целиот свет. Нејзината музика, која зборува за патувањата и морето, за копнежот и далечината, опстојува на различни фреквенции, нешто што секогаш им дава посебна динамика на нејзините концерти, на кои таа секогаш претставува „морни“, „фунани“, „коладери“ и звук што се шири низ океанот и светот. Виеира, која живее во Португалија, го имаше своето деби во 1995, но првпат го привлече вниманието во 1999, кога се појави на компилацијата „Musica de Intervenção Cabo-Verdiana“ (Интервентна музика од Зеленортските Острови), пеејќи заедно со легендарниот Илдо Лобо. Таа потоа ги објави албумите „Segred“ (Praça Nova, 2004), „Lus“ (Harmonia Mundi/World Village, 2007), „Pássaro Cego“ со Мануел Пауло (Arthouse, 2009) и „Nô Amá“ (Lusafrica, 2012), а во 2018 го објави многу фалениот „Manhã Florida“ (Lusafrica). Во моментов, Ненси подготвува нов албум, што значи нејзиниот извонреден репертоар ќе биде збогатен со нови песни.
|