Водич низ СКОПЈЕ

Уметност од срма

TR GR EN

Филигранот е една од најубавите техники за обработка на метал. Векови наназад со оваа техника е изработуван накит и украсни предмети на кои и денес им се восхитуваме. Меѓутоа, постојат и други начини за употреба на филигранството, па по среброто, срмата е најдобриот материјал за изработка на филиграни. Оваа специфична техника и редок занает карактеристичен за ова поднебје, бара многу трпение и љубов при рачната изработка на уникатните дела.

filigran od srma 5

Скопјанката Роса Маневска по професија правник, изработува слики од срма. Таа е ракотворец повеќе од 10 години и заедно со уште неколку жени во Македонија се единствените изработувачи на филиграни од овој материјал. Нивните производи се уникатни, оригинални, ретки и препознатливи.

filigran od srma1

Љубовта кон оваа уметност кај неа се раѓа повеќе од љубопитност, најпрво изработувајќи слики за свое лично задоволство, а подоцна и за продажба. За овој редок занает вели дека не е тежок, но е спор и бара многу посветеност и трпение, но пред се` љубов затоа што оваа работа не може да се работи без љубов.

Од срма можам да изработам се`, освен ликови“, вели Маневска. „Тоа не е можно, бидејќи срмата сама по себе е сјајна, а ликовите се топли и бараат топла боја, па ликот изработен од срма ќе изгледа како маска.“

filigran od srma2 filigran od srma 3 filigran od srma4

Освен срма во сребрена и златна боја, во последно време користи срма и во други бои. Срмата ја набавува од Скопје, Гостивар и Тетово, од познати лица во кои има доверба.

„Работам секојдневно, но оваа работа нема одредено работно време, што значи како професионалец можам да работам час и половина, а потоа едноставно лепакот го прави своето. Срмата е многу жива, рацете по некое време почнуваат да се плеткаат во неа, а и миризбата од лепакот е непријатна и за очите, затоа е неопходен одмор, па потоа се продолжува со работа. За седум – осум часа работа дневно може да се изработи една пеперутка“, објаснува Маневска.

filigran od srma

До сега нема пропуштено ниту едно случување на кое била поканета, како во Македонија, така и надвор од неа. Тука спаѓаат базари на ракотворби, разни работилници, изложби на ретки занаети и слично. Зад себе има пет самостојни изложби во Македонија за кои на нејзино големо изненадување интересот бил доста голем. Има огромна желба да ја претстави својата работа и надвор од нашата земја и се надева дека ќе добие покана за такво нешто.

„За мојата работа има интерес не само кај странците туку и кај нашиот народ од сите генерации. Сум присуствувала на неколку работилници и особено сум изненадена што младите се заинтересирани за ваквиот вид уметност и успешно успеваат да ги изработат зададената задача“, раскажува Маневска.
Од нејзините уметнички дела, најбаран мотив е пеперутката инспирирана од нашиот национален брош изработен од Вангел Деребан и истата ја има во 15 бои.

filigran peperutka

Исто така не помалку застапени се и мотивите од антиката на Македонија, фолклорните елементи како носии, везови и пафти. Меѓутоа има и луѓе кои имаат посебни барања и на нејзино огромно задоволство впечатоците секогаш се импресивни.

„Младите не прашуваат за цена, доаѓаат, бендисуваат некој мотив, ако немам готов во тој момент се договараме да го изготвам и доаѓаат да го земат. Ги купуваат за секаква пригода: роденден, именден, свадба, вселување во стан. Со задоволство можам да истакнам дека моите дела ги красат домовите на претседателот, премиерот, генералштабот на АРМ, бројни бизнисмени, па и некои турски актери“, додава Маневска.

Најголемо задоволство од оваа работа и е реакцијата на лицата на клиентите за финалното издание на сликата. Тоа нема цена, вели Маневска, која за крај ни откри дека од овој малку познат и заборавен занает сепак може да се живее.

Кристина Ангелеска

Коментари