Водич низ СКОПЈЕ

Тврдината „Пунта Кристо“ се простува од Дименжнс

Кога Австроунгарската империја ја изградила тврдината „Пунта Кристо“ пред 150 години, очекувањата биле дека најсилниот звук во неа ќе доаѓа од пукањето на топовите што ќе го бранат најважното воено пристаниште на Јадранот, градот Пула, од непријателите што ќе се обиделе да го освојат. Во изминативе седум години сосема различни и многу помирољубиви звуци се одбиваа од нејзините ѕидови и доаѓаа од озвучувањето на еден од најреномираните европски фестивали на електронската музика – „Дименжнс“.

Но годинава и оваа армија ќе се повлече од стратешката позиција на ридот на 45 метри над морето. Утврдувањето за последен пат ќе биде домаќин на одбраното друштво љубители на електронската музика кои ќе дојдат на годинешното издание на „Дименжнс“.

Уште една спектакуларна древна локација ќе биде местото каде на 28 август ќе стартува осмиот по ред „Дименжнс“ – прочуениот амфитеатар „Арена“ во Пула. Стара околу 2.000 години, „Арена“ е единствениот римски амфитеатар кај кој целосно е зачувана оригиналната архитектура, од 200 такви објекти во светот. Сосема соодветно на моментот, човекот кој ќе ја има честа да го отвори фестивалот ќе биде никој друг туку легендата на електронската музика, „Волшебникот“, Џеф Милс.

Него ќе го придружува еден од највозбудливите тапанари на минатиот век, Тони Ален, водачот на бендот на култниот африкански пејач Фела Кути, кого самиот Кути и Брајан Ино го прогласија за татко на афробитот. Нова димензија на денс-музиката, пак, ќе и даде третиот изведувач на отворањето, Обџект, кој ќе презентира песни од својот последен албум.

Меѓу неколкуте десетици изведувачи во четирите дена на фестивалот со свој сет ќе се појават и Нина Кравиц, Хании, Пола Темпл, Бен УФО, долгогодишниот резидент диџеј во култниот клуб „Фабрик“ во Лондон, Крег Ричардс, како и легендата на детроитската техно сцена, Октејв уан, кој ќе има настап во живо.

Љубителите на хаус музиката ќе бидат воодушевени од имињата на Џајлс Питерсон, Омар-С, а за проштален настап од тврдината во Пула ќе пристигне хаус легендата од Чикаго, Лери Хрд ака Мр. Фингерс.На првичната листа на објавени имиња има уште многу техно, хаус, д’н’б, соул и диско изведувачи од целиот свет.

Цената на влезницитеза концертот на отворањето изнесува 270 куни (околу 36 евра). Билетите се продаваат преку следниот линк.

Цената на влезниците за сите четири дена на фестивалот е 400 куни (околу 55 евра), а нив како и сместување во кампот може да резервирате на следниот линк.

Самоил Петрески

Коментари