Два чајника, еден врз друг, два грста цејлонски чај, црн, од жолта кутија – со канаринец – и барем еден-двајца пријатели. Доволно елементи за пријатен муабет и дружење! Другото ќе го направи чајот!
Турски, руски, цејлонски, црн.. Наречете го како што сакате! Сигурно се разбираме.. Чајот во мали стаклени чавчиња, црвенкасто-кафена боја – јакиот – како што го нарекуваат некои, велејќи дека треба да внимаваме кога го пиеме, зашто, ако испиеш повеќе од два-три – отиде притисокот над 140. Но, и тоа се митови, како што ќе ви објасни секој што имал подолгорочно искуство со чајот од два чајника. Ако не сте го пробале досега, срам да ви е! Веднаш појдете во најблиската чајџилница или – побарате ги пријателите Турци, Албанци, Бошњаци.. и, замолете ги да ви објаснат што сте пропуштиле да пробате!
ПРЕТКАФЕ
Независно кој како го нарекува, дали за Албанците е – руски, за Турците само – чај, за Македонците – турски – неколку работи се заеднички за чајот од два чајника, независно кој каде го приготвува и од каде потекнува мастрафот. И Турците и Албанците и Бошњаците го подготвуваат од растението тхеа синенсис или цамеллиа синенсис, а различен од другите чаеви го прави начинот на подготвување. “Тоа е дел од нашата култура, од нашата традиција.. си пиеме чај дома.. во чајџилница, пред куќа, на излет – секое место е згодоно место за чај. Чајот е дружење, дел од секојдневниот живот”, ќе ви рече секој што ќе го прашате, како што ни рекоа првите луѓе што ги сретнавме во една од чајџилниците во скопската Стара чаршија.
Сакајќи да откриеме колку што можеме повеќе за турскиот чај, се договоривме во нашата обиколка на чаршијата да ги повикаме колегите Бесник Шуки и Хусамедин Гина, сакајќи преку нив и преку нивните пријатели од чаршијата да откриеме колку што можеме повеќе за традицијата на пиење чај кај Албанците и кај Турците и кај муслиманското население во Македонија воопшто.
Разговорот го почнавме со еден од другарите на Бесник од детството, кој израснал во чаршијата и испил илјадници чашки чај во животот.
“Денес има многу чајџилници, па еве и јас отворив од неодамна чајџилница. Порано, во време на бивша Југославија, ја имавме само некогашна Слога, кај влезот Чифте амам. Луѓето одеа таму, се пиеше чај и се играше томбола. Приватните чајџилници почнаа да се отвараат од 1987-88 година. Времето се менува, ама не се менува навиката да се се пие чај”, ни рече првиот соговорник.
Како што научивме од нашите пријатели, секоја турска или албанска фамилија најмалку два пати во денот си прави чај дома и за нив е речиси незамисливо да почне денот без чај. “Чајот е задолжителен дел од појадокот во секоја турска куќа. Денот не може да почне без чај”, ни рече Хусамедин, потсетувајќи дека на тоа упатува и турскиот збор за појадок, кахвалтı, кој значи преткафе – нешто што треба да направи подлога за утринското кафе.
Сакајќи да го провериме тоа, направивме мала анкета. Сите што беа околу, без исклучок, рекоа дека во нивните семејства, секојдневно се прави чај. “Има куќи во кои чајот врие 24 часа на ден”, ни рече Бесник.
ЗАВИСНИ ОД ЧАЈ
Разговорот со Бесник го свртевме на темата колку чајот што го пиевме е добар или лош за здравјето, како што сме слушале како почетници, кога поискусните сакале да не воведат во непознатото задоволство, велејќи дека треба да внимаваме, да не ни се слоши од многу чај.
“Ако се пие со мерка – добар е! Но, ако претераш, ова е исто како дрога! Јас знам луѓе, имам другари, што се зависни од чај. Тој ако не испие 10 – 15 – 20 чаја дневно, се тресе цел ден! Ако немаш мерка, ова е полошо од дрога! Да пиеш два-три е друго! Има луѓе, прават чај во 8 наутро, кога ќе почнат, пијат до 10 – 11 навечер”, ни раскажа.
Решивме да продолжиме во некоја друга чајџилница, накај турските, над улицата на јорганџиите. Веднаш зад аголот не чекаше пријатно изненадување, како нарачано за добра фото-илустрација за тоа колку е чајот дел од животот на муслиманското население. Пред нас беа три-четворица дуќанџии, кои застанале да се напијат чај пред дуќаните, на сред улица, далдисани во срдечен муабет. Решивме да им се обратиме, да го споделат со нас нивното искуство.
“Ако се пие со мерка, чајот е добар! Ако пиете како нас, што претеруваме, не чини. Има разни чајџии. Некој пие по 10-12 во денот, некој помалку, некој повеќе.. некој пие виски, ние пиеме чај! Убаво е со чај. Со чај секогаш паѓа убав муабет. Ќе размениш нешто”, ни рекоа најкомуникативните од нив, велејќи дека пиењето чај пред дуќан е честа ситуација во чаршијата.
ЛЕК ЗА ГЛАВОБОЛКА Во следната чајџилница, во близина на Куршумли ан, научивме дека иако чајот е дел од животот на Турците, Албанците, Бошњаците.. во сите делови на Македонија, сепак, чајџилници најмногу има во Скопје, во Куманово, и во Тетово, а добар чај може да се најде само кај добрите мајстори.
“И ова си има мајсторија! Не се прави чај туку-така”, ни рече следниот домаќин. Од него го побаравме рецептот за правење чај во два чајника. “Најпрвин во долниот чајник ставаш вода, а во горниот ставаш само чај, сув. Ги ставаш на шпорет и ги оставаш додека да зоврие водата. Откако ќе зоврие водата, дел од водата од долниот чајник претураш во горниот, за да се попари чајот. Долниот чајник се дополнува со вода и повторно ги ставаш чајниците на шпорет, и се оставаат 10-15 минути на потивок оган. По 15-20 минути, чајот е подготвен за пиење”, ни рече.
Прашувајќи за квалитетот, дознавме и нешто за табиетите на муштериите. Домаќините ни рекоа дека чајот е подобар кога се пие свеж и дека не чини да се остава да стои повеќе од два-три часа. Ако стоел многу, веќе го губи шмекот и станува потежок за желудникот. “Има луѓе што не пијат чај во чајџилница. Дома можеби пијат и по 15, ама во чајџилница – не пијат! Други, не сакаат оладен чај. Тие сакаат да го пијат и – да им гори душата. Некои се навикнати да пијат тежок чај – не прашуваат ни за здравје, ни за висок притисок. Имам другар – тој е навикнат да пие темен, катран! Овој чај, што го пиеме, за него е вода! Ќе ми се налути да му дадам ваков!”, ни рече Бесник.
Муабетот за крвниот притисок и за главоболките не потсети дека е време да привршуваме со нашата екскурзија низ чајџилниците. Зад нас веќе имавме по 5-6 чаја, па не сакавме повеќе да ризикуваме – немавме тренинг. Но, искусните чајџии што беа со нас ни рекоа да не се грижиме многу-многу.
“Ако имаш низок притисок, да пиеш појак чај, без шеќер – ќе ти се нормализира! А, помага и за главоболка. Еднаш ми се случи – патував цел ден од Скопје за Турција – главата ме скина од болка. Кога стигнав во Истанбул, испив два чаја кај тетка ми, главата веднаш ми помина! Нема штета во чајот, само треба да си ја знаете мерката и да имате тренинг. Ние немаме гајле”, ни рекоа пријателите на нашите пријатели. За крај уште ни остана да прошетаме и да ги видиме некогаш култните чајџилници, од времето кога чаршијата беше полна со млади, кога беше собиралиште на рокери и уметници. Се потсетивме каде беа некогашна Аксарај, се’ уште активната Галерија 7.., чајџилницата Румели каде што и ден денес постарите Турци одат да гледаат фудбалски натпревари од турското првенство, или Ат-Ал, омиленото место на дружините што играат домино.
Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фото: Милан СТРЕЗОВСКИ