Водич низ СКОПЈЕ

Турската кинематографија го доби својот адут за Оскар

Најновиот кинематографски спектакл на турската филмска индустрија, проектот наречен Fetih 1453 (Освојување 1453), конечно ја доживеа својата светска премиера. По повеќе од три години работа, режисерот Faruk Aksoy гордо може да се пофали дека направи филм, кој импресионира во секој сегмент. Доволно е да се погледнат само неколку секвенци од трејлерот и самите ќе се уверите дека станува збор за вистинско филмско ремек-дело на кое може да му позавиди и Холивуд.

Очигледната безидејност на најголемата светска филмска работилница, вешто ја искористи се помоќната турска кинематографија која не ги штедеше сите свои потенцијали во намерата да докаже дека може да продуцира високо буџетeн филм кој ќе им конкурира на најголемите блокбастери.

Првите неколку недели од премиерното прикажување во Турска кое симболично започна во 14 часот и 53 минути беа сосема доволни да се срушат речиси сите рекорди. Турска освен што го продуцираше својот најскап филм во историјата, со буџет од околу 17 милиони долари, го доби и својот најгледан филм, кој според многумина допрва ќе руши рекорди, освојува награди и поставува нови стандарди.

Филмот рецензентите го споредуваат со одличниот “Небеско Кралство” на Ридли Скот и “Троја” на Волфганг Питерсон, кое само по себе е комплимент со кој не можат да се пофалат многу други поскапи и поамбициозни проекти кои завршиле како тотално разочарување.

Вештите рецензенти иако во најголем дел се осврнуваат на естетиката на филмот, сепак не останале рамнодушни во однос на политичкиот контекст, односно пораката која ја испраќа овој филм. Моќта на некогашната Империја ја споредуваат со актуелниот економско/политички и воен потенцијал на модерна Турција, која како држава со своето влијание успеа да се наметне како светски фактор.

Падот на Византија

Во однос на самото сценариo на филмот, Fetih 1453 е епска историска приказна за освојувањето на Константинопол од моќната Османлиска империја, предводена од големиот воин, султанот Мехмед Втори. Овој настан се случува токму  во периодот на најголем процут на Империјата, која своите апетити за надмоќ ги задоволи со освојување на симболот на Источното Римско Царство, градот Константинопол, центарот на Византија.

Филмот започнува со зборовите на Мeхмед кој вели, “Вистина еден ден Константинопол ќе биде освоен. Колку прекрасен војсководец е оној кој ќе го освои, колку прекрасна ќе биде неговата војска”.

Освен неговиот главен императив – покорување на градот, филмот  во поголемиот дел го третира животниот пат на младиот султан кој на престолот доаѓа со само 12 години, обременет со товарот на својот славен татко и убеден во мисијата да им покаже на своите поданици дека во него чука срце на голем војсководец. Во тоа и ќе успее откако триумфално ќе го истакне знамето на Импeријата на ѕидините на разурнатиот град.

Fetih 1453 e филм кој никако не смеете да го пропуштите. Направен според сите современи естетски критериуми како треба да изгледа еден историски спектакл тој во целост го заслужува вашето ценето внимание и време. Со оглед на одличните рецензии кои ги одбива овој филм не треба да се изненадиме ако филмот го освои престижниот Оскар за најдобар филм од не американско потекло, бидејќи дефинитивно тоа и го заслужува.

Режија: Faruk Aksoy

Сценарио: Atilla Engin, Irfan Saruhan

Главни улоги: Еvrim Evin,İbrahim Çelikkol, Dilek Serbest, Recep Aktuğ

Филмот во моментов се прикажува во поголемиот дел од Европа, но за жал засега немаме информации дали ќе се најде во официјална кино премиера во некои од нашите сали. Ако, тоа и се случи, наша препорака е  Fetih 1453  задолжително да го погледнете на големо платно и да уживате во магијата која ја нуди филмската уметност.

Зоран Зафировски

Коментари

Тагови: