Туристите од Турција ја посетуваат Македонија од неколку причини. Како прво, многу ја сакаат Македонија, а нејзините граѓани ги чувствуваат како браќа. Второ, немаат потреба од визи и трето, според нив најважното е тоа што своите девизи сакаат да ги остават во пријателска земја.
Човек за да човек ужива во својот град, треба да стане „глумец“ и да ја одигра улогата на турист. Само така, без никаква нервоза, заборавајќи ги секојдневните обврски и проблеми, можете да прошетате низ скопските улици, да им се насмеете на луѓето околу вас, да ги поздравите, да фотографирате, со еден збор да уживате во убавините на своето родно место. Како турист во Скопје, се што гледате ви е „различно“, дури и тревата на Скопското кале е позелена. И покрај тоа што Калето сеуште е рута на посетителите, неговите врати се затворени, а нема милост ниту за туристите кои патувале илјадници километри за одблизу да го видат најпривлечното и најпровокативното место во градот.
ЗДРАВО РУМЕЛИЈА
Дваесетмината гости од Анталија и Аланија, екипата на Балкон3 ги пречека на паркингот на Скопското кале. Првпат доаѓаат во Скопје. Патуваат со аранжманот на турската агенција „Бејаз лале“, а тука ги пречекува водич од скопската агенција „Бадем Тур“. Гостите од Турција претежно се балкански иселници, кои доаѓаат да ги видат своите родни краишта и роднините.
За туристичкиот пакет од четири полупансиони и пет дена, насловен „Здраво Румелија“ се наплаќа 559 евра. Дестинацијата е следна: со авион пристигнуваат во Приштина, а потоа следуваат Скопје, Битола, Ресен, Охрид, Струга, и на крај Призрен. „Има неколку причини што сме во Македонија“, вели 42-годишниот Мустафа Мави, сопственик на синџир колонијали во Анталија и додава: „Како прво многу ја сакаме Македонија, граѓаните на оваа балканска земја ги чувствуваме како браќа. Сакавме да ги запознаеме културните различности. Второ, затоа што не ни се потребни визи. И третата, најглавната причина е економската. Наместо да одам во Германија, каде што ни бараат визи, а згора на тоа уште на граница те прашуваат каде одиш, зошто си тука итн. Тоа не можам да го поднесам. Многу повеќе сакам девизите да ги оставам во една пријателска земја“.
НА ГУГЛ НЕМА МНОГУ ЗА МАКЕДОНИЈА
Разговорот со Мустафа го продолживме во дворот на Мустафа – Пашината џамија. Тука ни се придружи и неговиот син, десетгодишниот Арда. Имењак е со поранешниот најдобар играч на Галатасарај, но навива за вечниот ривал Фенарбахче. Јас сум за Бешикташ, па никако не успеавме да се „договориме“ кој ќе биде шампион годинава.
„Пред да дојдам, на Гугл пребарував за Македонија и освен на блогосферата, не можев да најдам никакви информации за вашата земја. Расказите на блогосферата не се релевантни податоци за мене. Сакав да знам за обичаите во Македонија, за тоа кои се националните јадења, пијалоци, културни знаменитости итн.“, вели Мустафа.
„На пример, една година бев во Дамаск, главниот град на Сирија и не однесоа во еден голем чадор. Таму имаше буквално се за земјата.“, додаде еден турист, дополнувајќи го Мустафа.
Од џамијата продолживме кон Куршумли ан, но групата и тука беше изненадена. Вратите на анот беа затворени, водичот им раскажа за фактите на споменикот на културата, фотографираа од надвор и продолживме кон турската чаршија. Тука се напија по едно чајче, сркнаа тавче-гравче и влегоа во продавница за сувенири. Не интересираше што купија. „Ништо“, ни одговорија на кратко. „Сето тоа го имаме и во Анталија“.
ЕДНО СКОПЈЕ, ДВА ГРАДА
Следната дестинација беше плоштадот Македонија. Пред тоа групата мина покрај Собранието, попладневното кафе го испи во Рамстор. „Воинот на коњ“ привлече многу внимание. За нив спомениците на плоштадот беа пријатно изненадување, а секако и цената на проектот „Скопје 2014“. По получасовната фото-сесија на плоштадот дојде време за вечера, а за нас погоден момент да го поставиме класичното прашање за впечатоците по шестчасовната прошетка низ Скопје.
Наставникот Ердал Кијак од Анталија задоволен од прошетката изјави: „Првпат сум во Скопје и очигледно е дека се работи за историски град и дека моментално е во фаза на градење. Мала земја во развој, има различни култури, луѓето се пријателски расположени и многу љубезни, тоа е многу убаво и позитивно.“ Инспекторот од Аланија Енес Оџак за впечатоците ни рече: „Под нивото на моите очекувања, се работи за европска држава, но многу е неуредна, не се одразува сопствената култура. Воопшто не чувствувам дека се наоѓам во некое различно место. Впечаток ми остави и тоа што Скопје е поделено на два дела. Тоа е многу лошо. Градот треба да делува во една целина. Се треба да биде заедничко. Всушност се работи за два града“, додаде на крајот Оџак.
Хусамедин Гина