По старото новинарско правило дека не вест дека куче каснало човек, туку дека човек каснал куче, медиумите повеќе не треба да објавуваат за зголемување на малопродажните цени на горивата, тука да објават кога ќе се намалат. Како своевидно дежаву, на две недели, постојано ги слушаме истите аргументи, кои иако неважни за обичните граѓани, регулаторната комисија се чувствува должна да ни ги пренесе. Поради зголемената цена на суровата нафта на светските берзи, намаленото производство на Блискиот Исток, промената на курсот на денарот во однос на доларот…. и што уште не. Како тоа нам да ни значи нешто, кога ќе отидеме до најблиската бензиска станица и ќе наполниме гориво по рекордно висока цена.
Истражувавме на таа тема, ги компариравме цените на горивата во регионот и дојдовме до резултати кои прилично не изненадија. Она што е најинтересно во оваа анализа е цената на горивата во Турција, која е убедливо највисока во споредба со сите балкански, па дури и европски земји. Според официјалните дневни податоци на сајтот Fuel Prices Еurope, цената на еден литар супер 95 октани изнесува 1,936 евра или 4,630 турски лири. Од сите европски земји поскап бензин возат само во Норвешка, каде за еден литар се плаќа дури 2,043 евра.
Во споредба на Балканот, покрај лидерот Труција, најскапо гориво ќе наполните во Грција каде за литар супер 95 октани ви требаат 1,813 евра. Со најновото зголемување на цената во Македонија, за истиот тип на гориво ќе платите 1.422 евра односно 87.5 денари. Очигледно, користењето на моторно возило повеќе не треба да се става во категоријата потреба туку луксуз. Ова не се однесува на жителите на Косово кои во моментов можат да се пофалат дека возат најевтино гориво во регионот, само 1.100 евра за литар супер 95.
Токму поради неделните зголемувања на цените на горивата, сите оние планирани патувањето на годишен одмор, викенд или шопинг, со однапред вкалкулиран буџет, најверојатно ќе треба да биде предмет на посериозна ревизија и дополнување. Со оглед на најавите дека цената на горивата и понатаму ќе бележат пораст, не ви преостанува ништо друго туку да размислувате креативно како најекономично да стигнете до посакуваната дестинација.
Затоа добро планирајте ја вашата рута и полнете гориво онаму каде што е поевтино. Ако тргнете со кола во Атина, според рутата која ја препорачуваат на релевантниот сајт Via Michelin, за дистанца од 705 километри за гориво во просек се потребни околу 75 евра, плус 18 евра за патарини. Најдобра опција е да го наполните резервоарот до горе и да возите со пристојна брзина, во надеж дека ќе поминете некој километар повеќе.
Ако пак решите да одите на шопинг во Истанбул оваа авантура треба да ја планирате малку посериозно, со оглед на тоа што треба да транзитирате преку една земја. Опциите се преку Грција или преку Бугарија. Ако тргнете преку Грција за дистанца од 821 километри ќе потрошите колу 85 евра за гориво, плус четири евра за патарини. Постои и втора варијатна да патувате низ Бугарија, каде цените на горивото се поевтини -1,347 евра за литар супер и 1.363 евра за литар дизел- но треба поголемиот дел да го поминете на регионални патишта, а не на автопат. Оваа рута е пократка, но ќе ви треба повеќе време, па затоа и не важи за една од оние кои се препорачливи.
Наш совет е како и да решите да патувате, да не тргнувате без неколку нешта. Полн резевоар, многу музика и добро одбрана екипа – најважен детал токму поради фактот што ќе имате со кога да ги поделите трошоците, а при тоа дружењето и добриот провод ќе ви бидат гратис.
Македонија
Супер 95 октани -1.422 евра/87.5 денари
Дизел -1,215 евра/75,50 денари
LPG – 0,794 евра/48,50 денари
Грција
Супер 95 октани -1,813 евра
Дизел -1,591 евра
Турција
Супер 95 октани 1,936 евра/ 4,630 турски лири
Дизел 1,669 евра/ 3,990 турски лири
LPG 1,029 евра/ 2,460 турски лири
Зоран Зафировски