Водич низ СКОПЈЕ

„Турците и Грците и другите соседи се буквално браќа“

TR GR EN

Периклис Цукалас од Баба Зула во интервју за Балкон 3

Баба Зула 2012: Периклис Цукалас, Мурат Ертел, Уми Дениз, Косар Камчи, Левент Акман.

Концерт на Баба Зула! Тоа не е обичен настан, туку холистичко уметничко искуство, еден „аудио-визуелен празник“, како што тие самите велат. Баба Зула се претставници на она што се нарекува „истанбулска психоделија“, комплексен проект кој го изразува богатството, уникатноста и динамиката на овој град. Користат мноштво електронски и акустични инструменти, костими и уметнички форми, како поезија, стомачен танц, театар. Станаа познати во Грција преку музичкиот документарен филм на Фатих Акин за Истанбул („Минувајќи го мостот“, 2005). Се разбира тие имаат соработка со безброј личности од Турција и со меѓународни уметници. Нивниот премин во Грција овој пат ги опфати Солун, а потоа и познатиот „Passport“ клуб во Пиреа – тоа е местото кое го посетивме… Кога пристигнавме беше толку преполно што „немаше каде игла да падне“, како што велат Грците.

http://www.youtube.com/watch?feature=player_detailpage&v=hhDezmxA-0Y

Тоа не беше изненадување. Знаејќи дека ќе биде вака, го контактирав Периклис Цукалас пред концертот за кратко интервју за Балкон3, кое тој љубезно го прифати. Периклис, целосно заслужено, е докажан музичар, а неговата сегашна соработка со Баба Зула е типичен пример дека мостовите на креативноста (најчесто во музиката) никогаш не престанаа цврсто да ги спојуваат Турција и Грција.

Периклис Цуклас

Периклис Цукалас

Какви беа почетоците на групата? Кои беа ваши извори на инспирација, восхит и влијанија?

Баба Зула е формирана од двајца членови на групата „Zen“ која постоела претходно, а тоа се Мурат Ертел и Левент Акман. Како Баба Зула бендот се појави во 1996 година. Инспирацијата доаѓа од која било тема, личност, политичка или верска ситуација, расположение, социјални групи, начин на живeење или нешто што предизвикува интерес кај нас и чувствуваме дека имаме што да кажеме на таа тема. Се восхитуваме на вистината, силата на единството, отпорноста кон нешто расипано, реализмот, но и соништата, создавањето.

http://www.youtube.com/watch?v=6qQrPjlchUQ&feature=player_detailpage

„Pırasa“ – Баба Зула пеат заедно со публиката во Пиреа

Кој е тој нов, посебен елемент кој групата сака да го понуди на музиката?

Бендот за своја главна цел нема да понуди нешто ново, ниту пак нешто друго, освен сопствениот звук и збор. Ние имаме пораснато со различни музички, уметнички влијанија од исток и запад, север и југ. Затоа, резултатот е природна состојба која потекнува од филтрирање на сите овие елементи.

Постои ли некоја ваша креација која, поради некоја причина, ја сметате за посебно значајна?

Мислам дека сета наша работа, освен основната raison d’etre, ги одразува нашите мислења и се занимава со прашања кои подеднакво нè интересираат. Го сакаме тоа што го создаваме и се радуваме дека луѓето нè сфаќаат и поддржуваат

Публиката беше нестрплива  очекувајќи психоделичен стомачен  танц… “Col aslanları” во живо во Пиреа

Која е вашата приказна како музичар од Грција и како се сретнаа вашите патишта?

Мојата приказна во музиката е приказната на мојот живот, бидејќи првиот контакт со музика беше кога бев бебе во комбето за турнеи на бендот на татко ми. Значи сè дојде природно и мојот интерес за инструменти дојде многу рано, следуваа патувања, учење, концерти, кои ќе продолжат сè доне можам да кажам кога. Долги години, околу петнаесет, поминав во Саудиска Арабија помеѓу Арапи, Индијци и други азиски имигранти и музичари. Сè уште живеам помеѓу различни земји и соработници од различни музички и географски координати. На пример, после мојата долгогодишна соработка со Hainides, потоа со Glykeria и сега, освен со мојот бенд Баба Зула, работам со Diamanda Galas и Voivod. Исто така, јас сум професор по уд (oud), класична отоманска музика и фолклорни традиции на источниот Медитеран, а студирав и црковна византиската музика и  продолжувам со изучувањето на класичната музика на северниот дел на Индија (Хиндустан). Значи, како што знаете, секој музичар од источниот Медитеран го гледа Истанбул како епицентар или една од неговите фундаментални дестинации. Беше само прашање на време кога ќе се најдеме со остатокот од Баба Зула за да дознаеме дека си одговараме во многу работи.

Екстатична публика за “Zaniye” (во живо во Пиреа)

Кои се вашите планови за концертна турнеја? Каде може да ве видиме во нашето соседство?

– Постојано имаме концерти. По светската турнеја која ја направивме во 2012 година нашите концерти не престана и настапуваме насекаде низ светот. По Грција следи Индија и така натаму… За повеќе информации може да ги следите најавите на www.babazula.com.

Дали музичката култура на Грција е интересна за Баба Зула?

Грција е особено интересна за нас од многу причини: уметнички, културни, социјални, традиционални, на кој било начин. Имаме повеќе заеднички нешта во сите области, а не само во однос на музичката култура на земјата.

Кажете ни неколку збора за Истанбул, како се поврзувате со градот – уметнички и во секојдневниот живот?

Истанбул е метропола на источниот Медитеран и моето родно место. Неколку зборови би биле премалку. Знаете, луѓето пишуваат цели студии, книги, песни, човечки судбини, што можам да кажам… Ќе бидете повеќе заинтересирани за вашето сопствено искуство од градот отколку за моето. Истанбул отсекогаш бил мултикултурен мозаик од секаков вид на луѓе, култури, живот, уметност, студии, бескрајно патување и, како што вели мојот пријател Левент, секој ден кога ќе излезете од вашиот дом не знаете што ќе ви се случи сè додека не се вратите! И сето ова е основна инспирација за нас и за сите уметници во градот.

Ако не ви пречи едно клише прашање, но тоа е интересно за нашиот Балкон. Што вие лично, и Баба Зула како бенд, мислите за односот помеѓу Турците и Грците, за компатибилноста на културите на пример?

Мислам дека историјата на двата народа, освен фактот дека е многу важна, е исто така и многу интересна. Имаме повеќе заеднички нешта отколку нешта кои нè разделуваат, бидејќи нашите истории еднаш се споија и тргнаа по заеднички пат за векови и поколенија. Тие се сменија и двата народа беа втурнати во нови религии, Турците порано не беа исламисти, а Грците не беа христијани. Постојат многу други поважни елементи на интерес кои успешно се кријат од страна на формалните државни власти што оди во прилог на неколкумина кои имаат за цел да ги контролираат масите за да се задржи вештачко непријателство помеѓу сојузниците и гласачите, каде што фашизмот и милитаризмот ги собираат остатоците. Масите, како што тие нè нарекуваат, се составени од прекрасни, образовани луѓе, соседи, роднини и пријатели, луѓе со почит кон различноста, создавањето и визијата за иднината, и како што реков, вистината е таа и не може да биде разводнета со митови, сказни, полуучења, омраза и војска.

„I Scream Ice Cream“ L.P.

Турците и Грците, како и другите соседи се буквално браќа, нивното генеалошко стебло е такво. Но, ние сме само енциклопедиски заинтересирани за крв“. Потребно е да се интересираме за онаа која што се создава, бидејќи  се создава од љубов, а не за крв која залудно се пролева затоа што се пролева од омраза.

http://www.youtube.com/watch?v=G2SzPoWOnWc&feature=player_detailpage

„Atina“

Што се однесува до концертот, мислам дека ги имам истите проблеми како и Периклис – како да се опише чувството или искуството. Музиката е генијална, се слуша но, е исто така неопиплива. Едноставно препуштате да ве води, како и сите други во возбудената публика. Врската со бендот, исто така, се одвиваше по природен ред. Тоа е нешто што треба да се доживее.

Посакувајќи им наскоро пак да наминат во соседството, длабоко им се заблагодаруваме!

Баба Зула – дискографија:

  • 1996 – Tabutta Rövaşata – soundtrack for “Tabutta Rövaşata” (“Somersault in the Coffin”) by Derviş Zaim (Ada Music)
  • 1999 – Üç Oyundan Onyedi Müzik (“17 Pieces from 3 Plays”) (Doublemoon)
  • 2003 – Psychebelly Dance Music (Doublemoon, mixed by Mad Professor)
  • 2005 – Feat. in the movie “Crossing the Bridge: The Sound of Istanbul” by Fatih Akın
  • 2005 – Duble Oryantal (Doublemoon, mixed by Mad Professor)
  • 2006 – Dondurmam Gaymak – soundtrack for Dondurmam Gaymak (“Ice Cream, I Scream”) by Yüksel Aksu (Rh Pozitif)
  • 2007 – Kökler (“Roots”) (Doublemoon)
  • 2010 – Gecekondu (Doublemoon)

Софија Николау

Коментари