Кој вели дека бројот тринаесет е баксуз? Барем тоа не важи за музичкиот фестивал „Таксират“. Годинава, во своето тринаесетто издание, кое се оценува како едно од најдобрите досега, на почетокот на месецот фестивалот претстави разновидна програма, домашни и странски музички артисти кои делуваат во повеќе жанрови и стилови, претставници на т.н. независна алтернативна сцена, некои од нив со импресивна биографија, некои пак, штотуку почнуваат да го одат патот на својата кариера. Статистиката на крајот од фестивалот, случајно или не, поклопувајќи се со бројката на годинашново издание, покажа дека во осумте фестивалски вечери на „Таксират“ продефилирале 13 илјади посетители.
Фестивалот го отворија нашите познаници, босанскиот енергичен бенд „Дубиоза колектив“ кои најпрвин приредија мини-концерт на плоштадот „Македонија“, а потоа се преселија во ноќниот клуб „Колосеум“ кога и се случи вистинската журка пред нивните ревносни следбеници. Очекувано, бидејќи публиката веќе имаше прилика да присуствува на нивниот концерт лани, на 12-от „Таксират“, и овој пат „Дубиоза колектив“ ја вжештија атмосферата со својата звучна палета составена од ска, реге, панк, рок звучни линии, теми што ја третираат политичката реалност, промовирајќи го најновиот албум „Wild Wild East“.

Дубиоза колектив
Одличен почеток на фестивалот кој во наредните денови продолжи и тематски да се фокусира. Во рамките на „Мит и бит“ вечерта, на пример, во клубот „Колосеум“, навистина изненади настапот на српскиот бенд „САРС“ најмногу поради приемот кај публиката. Скопјани неочекувано „кубеа коси“ на нивниот концерт, пеејќи ги скоро сите нивни теми наизуст, еуфорично танцувајќи на нивната музика. За разлика од „САРС“, на истата вечер настапија и хрватскиот рапер Џенерал Ву, кој не наиде на добар прием и покрај неговиот талент, ниту, пак, нашите „Шутка рома рап“, ромското хип-хоп трио во придружба на дувачи, гитара и тапани, кое фасцинира во својот израз.
На вечерта наречена „Хип-хоп ворлд!“ за прв пат во Скопје гостуваше американскиот рапер Би Риал од легендарниот состав „Сајпрес Хил“, кој настапи со американската латино хип-хоп групација ,„Псајхо Реалм“. Нивна предгрупа беше калифорнискиот хардкор-бенд „Д Прикс“. Би Риал, знаат оние кои и се посветени на хип-хоп музиката, е вистинска легенда, кој широката популарност ја стекна со албумот „Black Sunday“. Скопјани имаа ретка можност да присуствуваат на неговиот концерт и во живо да се уверат во еден уникатен стил на рапување, па не случајно се смета за еден од најангажираните политички рапери денес, со тоа, носејќи ја со себе суштината на хип-хопот.

Би Риал
Мошне импресивна вечер беше петтата, кога настапи германскиот состав „Атари Тинејџ Риот“. И покрај техничките проблеми, бендот навистина пленеше со својот револуционерен музички концепт. „Атари Тинејџ Риот“, уште со својата појава во 90-те, беше интелектуалниот, жив контрапункт на заспаната денс сцена, но и на панк движењето кое во Германија видно опаѓаше. Во Скопје, овој бенд наиде на голем број на фанови, кои со бурни емоции возвраќаа на нивниот жесток и екстремен хард-кор звук, иако од преголемата звучна децибележа, навистина ушите на сите ни зуеја и следниот ден. Се разбира, побараа и бис, но тогаш настапија и техничките проблеми кога фронтменот Алек Емпајр видно изнервиран почна да удира по звучниците покажувајќи го средниот прст кон организаторот, па концертот беше прекинат.
На главната, последната вечер на „Таксират“ многубројните посетители на почетокот се соочија со агресивниот, но одличен метал звук зачинет со традиционални инструменти на делчевчаните „Верка“ кои го свиреа минатогодишниот албум „Моторни песни“. Рокенрол фанатиците „ТБ Трачери“ се движеа низ албумите „Клати и тркалај“, „Шлагери од Содома“ и „Купи ме“, а публиката како и секогаш, така и сега ги пееше нивните песни наизуст, во кои на саркастичен начин се инкорпорирани теми од секојдневието и општестевните случувања.

ТБ Трачери
Шведскиот прилично гласен состав „Клофингер“во Скопје го презентираше својот контроверзен звук зачинет со антирасистички погледи. И со „Клофингер“, како и со уште неколку групи кои претходно ги споменавме гости на „Таксират“, може да се каже дека годинава фестивалот освен на музиката, се фокусира и на политиката, односно на социјалните теми кои се автентично пренесени низ една уметничка варијанта.

Ејжн даб фондејшн
Следуваше настапот на британскиот бенд „Ејжн даб фондејшн“ кој на домашната публика и е добро познат. Но, нивниот звук е сосема поинаков од претходните на сцената, тие носат нова електрична-електронска енергија. Беа одлична можност за танцување и малку порелаксирана атмосфера. Црномурестиот американски рапер Џозеф Антонио Картагена, познат како Фет Џо, пак, веднаш во првите редови во „Метрополис арената“ ги привлече неговите бројни обожаватели, додека британците „Каисер чифс“ не воведоа во една сосема поинаква звучна планета. Тие се инди-рок, њувејв и пост-панк состав, а на светските, па и на македонските нивни фанови од новата генерација, им се вистинска инспирација.

Кајзер Чифс
Оние кои издржаа до крајот, оние со силна кондиција, бидејќи „Таксират“ навистина е фестивал кој „трча маратони“, уживаа во една ретка атракција. Егзотична атмосфера со експлозивни ритми направија португалците „Бурака сом система“, што беше одличен крај за годинашниот „Таксират“.
Т.И.
фото: www.taksirat.com.mk