Време е за Балкон3 рецепт. Викендов одлучивме да Ви помогнеме да приготвите трилече, омилениот десерт на екипата на Балкон3. Неодоливо слатко задоволство кое се топи во уста, соврешно за конзумирање во топлите денови кои ни претстојат. Наидовме на различни информации за тоа од каде потекнува трилечето, но најверојатно неговата татковина е Јужна Америка. Откривме дека зборот трилече доаѓа од Tres leches (три вида млеко) и е латино-американско благо, веројатно првично од Аргентина или Мексико, кое најпрвин се попарувало со три вида млеко овчо, козјо и кравјо. Кај нас најверојатно доаѓа преку Албанија. Едно е сигурно, секоја слаткарница која држи до себе, во менито мора да го содржи млечниот колач со интересно име. Кој пробал знае:) кој не пробал може и сам да направи: Балкон3 рецепт за Трилече.. И ако направите трилече, не се срамете да не викнете на дегустација 🙂
Потребни состојки:
За кора:
– 6 јајца
– 300 грама шеќер
– 2 ќесички ванилин шеќер
– 1 пециво
– 400 грама брашно
За прелив:
– 500 мл хопла
– 2 литра млеко
– 300 грама млеко во прав
– течен карамел
Подготовка:
Скршете ги шесте јајца и одвојте ги белките од жолчките. Белките се матат со шеќерот, а потоа на оваа смеса се додаваат претходно изматените жолчки, како и брашното, пецивото и ванилиниот шеќер. Целата смеса се мати или се меша со лажица. Потоа се истура во четвртаста тава и на пече 30 минути на температура од 220ºC. Додека се пече тестото подгответе го преливот со тоа што во далбок сад ќе ги матите млекото, млекото во прав и хоплата. Испечената кора се остава да се олади, а потоа на неа се додава млечниот прелив и на крај одозгора се полева со течен карамел.
Добар апетит!