Водич низ СКОПЈЕ

Три ѕвезди за „Полноќ во Париз“

TR EN

Кој не сонувал дека може, од една или друга причина, да патува во минатото? И тоа со можност за избор и на местото каде би се вратил. Да исправи некоја грешка, можеби да го убие Хитлер или Милошевиќ пред овие да дојдат во можност да ги направат сите белји што ги направија, да ја види во живо борбата на Али и Форман во Киншаса или да ги види Битлси на концерт.

Ако го прашате Вуди Ален, тој би се вратил во Париз во 20-те години на минатиот век. Или така барем мисли Гил Пендер (Овен Вилсон), неговото најново алтер-его во овогодишниот филм „Полноќ во Париз“, во кој Ален ги потпишува и сценариото и режијата.

Гил е холивудски сценарист специјализиран за преработка и доработка на туѓи сценарија а со амбиции да стане „сериозен“ писател, во Париз е со својата свршеница Инес (Рејчел Мекадамс), која безуспешно се обидува да ја убеди да се преселат во Париз, најубавиот град на светот каде ќе можат безгрижно да шетаат по дождот. Инес, напротив, сака да оди во шопинг, да игра во дискотеки, да се омажи за Гил и да го живеат заедно американскиот сон во голема куќа во Малибу.

Како што ќе му објасни Пол (Мајкл Шин), колега на Инес од студиите и професор по историја на уметноста специјализиран за творештвото на Матис, на кого ќе налетаат во Париз, Гил страда од „размислување за златното доба“, синдром кој не тера да мислиме дека животот бил многу подобар и поубав во некое минато доба, како што вели Пол „грешка во романтичната имагинација на луѓето што не можат најдобро да се справат со сегашноста“.

А не е дека Гил нема проблеми. Смета дека си го троши талентот на сценаријата (од кои, патем, добро заработува), пишува роман но е толку уплашен дека книгата е лоша што не дава никому да ја прочита, родителите на неговата девојка се десничари што не го поднесуваат, а девојката со која ќе се жени не ги разбира неговите потреби. Дури, како што одминува филмот, стануваме свесни дека Гил и Инес се повеќе се оддалечуваат и дека баш и немаат многу заеднички нешта.

Гил, како потенцијален доселеник, не е многу заинтересиран за стандардните туристички активности и упорно ги избегнува сите посети на Версај, дегустации на вино и други слични чудесија на кои Инес се обидува да го довлечка. Од друга страна, секогаш кога ќе и се придружи, ја користи можноста да ги саботира долгите здодевни беседи на Пол на секоја можна тема – од брачниот живот на Роден до која берба е подобра, 1959 или 1961. Гил се интересира за еден поинаков Париз. Град кој е поубав кога врне, град во кој авторите од „изгубената генерација“ ја создавале уметноста наместо да уживаат во неа, а попат си ги превземале жените, а и мажите еден на друг, или една на друга, зависно од случајот.

Конечно, а без никакви специјални ефекти, црвоточини во време—просторот и други потрепштини за патување низ времето, на Гил една пијана ноќ ќе му се оствари желбата – сите вистински желби се остваруваат, само треба доволно да ги посакуваме, нели – ќе се најде како тера муабет со Скот Фицџералд (Том Хиделстон) и жена му Зелда (Алисон Пил), додека на пијано свири Кол Портер лично. Друштвото станува се поимпресивно. До крајот на филмот, Гил ќе се најде во друштво со Ернест Хемингвеј (Кори Стол), Гертруда Стајн (Кети Бејтс), Пикасо, Матис, Дали, Ман Реј, Луис Буњуел, и кој уште не.

Малку од сите тие ликови имаат голема улога во филмот, освен како јунаци на серија чудни преживеалици што имаат задача да го илустрираат духот на времето во тогашен Париз. Попрецизно, да илустрираат како Гил, а и сите ние денес го доживуваме тоа време и како го замислуваме. Хемингвеј е тотален мачо тип кој само бара со кого да се степа. Салвадор Дали (извонредна вињета на Едриан Броди) е тотален егоист опседнат со носорози, а Луис Буњуел е се уште далеку од деновите на надреалистичката слава. Хемингвеј и Стајн ќе се покажат корисни подоцна, со совети за романот што го пишува Гил, ама и за неговиот приватен живот.

Но, најзначајно од сите ќе биде новото познанство со Адријана (Мерион Котијар), љубовница и муза на Пикасо (претходно и на Брак и на Модилјани) која, види чудо, смета дека 20-тите години се жива досада и, генерално земено, за никаде, и дека ерата на „Бел епок“ е вистинското време да се живее во Париз (а и во Бел Епок уметниците се незадоволни и би се вратиле во Ренесансата, и така натака и така навака.

Не би да го прераскажеме целиот филм, некои работи треба да ги откриете сами. Мора да забележиме, сепак, дека Гил до крај ќе сфати дека Пол, во крајна линија, бил во право. Златното доба не постои и треба да се живее во сегашноста, па кому што му се паднало. Гил тоа ќе го разбере и ќе го прифати предизвикот на сегашноста.

Приказната и поентата на филмот сепак се, ако ме прашате, од второстепено значење. Ова е пред се филм посветен на Париз, според јунаците најубавиот град на светот. Вуди Ален, кого слабо го знаеме по визуелните достигнувања на неговите филмови – мислам, далеку е од тоа да биде, на пример, Џон Форд на урбаната џунгла, или такво нешто – на самата физичка убавина на Париз и посветува многу малку време. На самиот почеток, со најавната шпица, добиваме серија кадри од Париз што сите ги знаеме (дури и вакви како мене што во Париз не биле никогаш). Париз во филмот многу малку го гледаме, а многу повеќе го чувствуваме и слушаме за него и за неговите убавини. Како што тоа убаво ќе го каже Адријана – „за мене секогаш ќе биде мистерија како е можно Париз да постои а некој да одбере да живее на кое било друго место“.

Значи, зборот ми е, ова е филм, пред се и над се, за Париз, што би се рекло, „како таков“. Ако вам повеќе ви се допаѓа некој друг град – Њујорк, Берлин, Истанбул, Сараево, Солун или Свети Николе, чувстувајте се слободни да снимите филм за него. Ален снимил филм за градот што нему најмногу му се допаѓа. Можеби не е ремек-дело, можеби ликовите не се доволно разработени, но е забавен и поучен. А плус, да не заборавам, во филмот се појавува и Карла Бруни (што очигледно е многу значајна работа за колегите од естрадните рубрики) па мора да го препорачам. (Да работевме со ѕвездички, три од пет можни).

Дејан Георгиевски

Коментари