Водич низ СКОПЈЕ

Три грчки плажи меѓу десетте најубави во Европа

Плажите Егремни на островот Лефкада, Навагио на Закинтос и Елафониси на Крит се на листата десет најубави плажи во Европа, според читателите на еден од најпопуларните турситички портали во светот, Tripadvisor (http://www.tripadvisor.co.uk/InfoCenter-a_ctr.breathtakingbeachesEUR).

Егремни е прекрасна плажа лоцирана на јужниот дел на јонскиот остров Лефкада и е оддалечена околу 30 километри од главниот град Лефкас. Долгата бела песочна плажа, над која се издигнуваат карпести гребени, и кристално чистата тиркизна морска вода измамуваат воздишките и од најпребирливите туристи. Сепак, не е лесно да се ужива во убавините на Егремни. Паркингот е лоциран на надморска виосчина од околу 150 метри, а за да се стигне до плажата треба да се спуштат точно 347 скалила. Доколку ја посетите плажата Егремни, убаво одморете и освежете се во морето и во некој од баровите, затоа што оние кои веќе биле, велат дека качувањето нагоре е многу понапорно од спуштањето по скалилата 🙂

Навагио или плажата на насуканиот брод е најпрепознатливото и нафотографирано место на јонскиот остров Закинтос. Голема заслуга за овие епитети имаат остатоците од бродот, кој како буквално да излегува од песокот. Приказната, која датира од 1983 година, вели дека станува збор за брод на кој се шверцувале цигари. Шверцерите обидувајќи се да избегаат од грчката морнарица го насукале бродот меѓу карпите на островот Закинтос. До рајските убавини на плажата, позната и како „заливот на шверцерите“, може да се дојде единствено со бротчињата кои на секој 30 минути тргнуваат од малото пристаниште Порто Вроми.

Елафониси е всушност мало островче, поврзано со Крит со плиток гребен, кој може лесно да се помине кога морето е мирно. Елафониси или „островот на еленот“ има прекрасна плажа со розев корален песок и чиста сина вода. Ова возбудливо место долго време беше диво и напуштено, но од година во година е се попопуларно меѓу туристите. До Елафониси може да се дојде со автомобил од селото Вати или со бротчињата кои поаѓаат од селото Палеохора.

На листата на Tripadvisor на десет европски плажи кои оставаат без здив се најдоа уште по две плажи од Шпанија и Италија, како и по една плажа од Хрватска, Турција и Португалија.

Коментари