“Популарноста е некое чудно чувство, понекогаш е малку непријатно, одземена ти е слободата, постојано сте следени. Но тоа е составен дел од животот на популарно телевизиско лице“ , објаснува, Филиз Ахмет позната како Нигар Калфа од серијата “Величествениот Султан“.
Нигар Калфа е личност со голема самоконторола, секогаш се држи на растојание од останатите девојки од харемот. Таа е темпераментна, но и таинствена. Задолжена е да се грижи и да ја советува Хурем, големата љубов на Величенствениот Султан.
Во екслузивното интервју за порталот www.balkon3.com популарната скопјанка вели: “Им благодарам на сите мои сограѓани што ја следат серијата и тие што многу ја сакаат Нигар Калфа. Не би можела да кажам од каде потекнува таа љубов, сепак најдобро е да ги прашаме самите гледачи. Но само во едно сум сигурна, многу си ја сакам работата, верувам во неа и во карактерот кој го толкувам“.
Како живеете со славата што ја имате во Турција? Ве препознаваат ли, ве запираат ли на улица, ја прашуваме популарната скопјанка.
“Не знам, тоа е некое чудно чувство, понекогаш е малку непријатно, одземена ти е слободата, постојано сте следени. Тоа е составен дел од животот на познато телевизиско лице. Мораме да сме трпеливи. Генерално добивам убави реакции“, објаснува Филиз Ахмет.
Серијата “Величествениот Султан“ веднаш по почетокот на прикажувањето во Турција и истовремено во повеќе други европски земји, така и во Македонија, се здоби со висок рејтинг. Дали е свесна за нејзината популарност и за гледаноста на серијата во Скопје, ја прашавме Филиз?
“Мислам дека се добри, не сум била во Скопје затоа не можам со сигурност тоа да го потврдам. Вие подобро ги знаете реакциите, но, како што имам слушнато, бројот на нашите гледачи постојано расте“, вели во насмевка Филиз, задоволна од личниот и успехот на серијата.
За краток период од мирен, спокоен живот во Скопје, Филиз преминува во еден величествен свет (живот во еден Харем) во серијата и секојдневен живот во една динамична метропола како што е Истанбул.
“Тоа многу не влијаеше на мене, во мојот живот повеќе пати сум имала големи промени, затоа ништо не ме изненадува. Многу сум задоволна од средината во која са наоѓам и секако од убавата промена. Сепак, во Истанбул најмногу ми недостасуваат семејството и пријателите. Копнееам по родителите“, додава Филиз.
НАПОРНО, НО ЗАБАВНО
За темпото и начинот на снимање на најамбициозната серија направена во турската ТВ историја, со врвен декор, костими и визуелни ефекти, Филиз Ахмет вели дека деновите кога имаат снимање е променливо, понекогаш е многу напорно, некогаш во чекање да започне нивната сцена, а има и денови кога е многу забавно. “Тоа е еден голем механизам, работат 150-мина професионалци, сите си ја одработуваат својата задача за да можат гледачите да уживаат во 120-те минути, колку што трае една епизода“, додава Филиз.
ПОПУЛАРНОСТА Е ЧУДНО ЧУВСТВО
“Хм, не знам воопшто не сум размислувала за тоа, (насмевка) убаво e, истовремено и голема одговорност“ вели популарната актерка одговарајќи на прашањето какво е чувството да бидете одговорен за харемот во популарната серија “Величествениот Султан“.
Какви се Хурем и Махидевран и Сулејман приватно? “Со сите соработувам прекрасно, нема потреба да се навлегува во детаљи“, вели таа и додава дека актерите знаат дека серијата се емитува и во Македонија, дека и во Скопје се популарни, но за нив тоа е нормално.
„Величествениот Султан“ од самиот ден на емитувањето со ликовите и со интригите во сарајот продолжува да предизвикува љубопитност. Во овој момент многу е тешко да се каже до кога ќе продолжи серијата. Сеуште има вртоглаво висока гледаност и огромен рејтинг.
ТЕАТАРОТ ПРВА ЉУБОВ
На сцена за прв пат се појавува на шест години. Филиз е внука на познатиот актер Љутви Сејфула. Факултетот за драмски уметности во Скопје го заврши пред околу десетина години. Дипломирала во класата на проф. Елјеса Касо. За својот голем талент и успешно одиграни улоги има добиено голем број значајни признанија: Награда за најдобра женска улога на фестивалот „Војдан Чернордински“ во Прилеп, во 2003 и 2007 година, награда на камерниот театар во Струмица „Ристо Шишков“ во 2005 година. “Телевизиските серии и филмовите се многу потребни, и убаво е да си дел од нив, но театарот е мојата прва љубов“, потенцираше Филиз Ахмет.
“За вас не знам што значи Филиз Ахмет, но за мене уште од серијата “Збогум Румелија“ преставува вистинска актерка која и е потребна на Турција. Долго време во “Величенствениот султан“ ја следам нејзината тивка, но активна улога. Таа е скромна внука на големиот скопски актерски мајстор Љутви Сејфула. Филиз не се појавува многу по магазинските таблоиди, но секогаш е во нашите умови. Филиз Ахмет во наредната деценија ќе биде артистка за која најмногу ќе се зборува. Ова добро запаметете го! “ вели Месут Јар, познатиот турски ТВ критичар.
Хусамедин Гина