Најдобрата музика на светот е таа која ќе не убеди дека не постои друга музика на светот. Дваесет години после издавање на нивниот албум Тindersticks прават музика која го инспирира баш тоа чувство. Тие се едни од најбрилијантните и најоригинални бендови кои се појавија во Британија во раните 90ти, кога на топ листите доминираа инди бендови со доминантни гитарски звуци. Нивната музика беше убав меланж од суптилни примеси на филмска музика, соул џез, француска шансона, кабаре, поп, а сето тоа беше акцентирано со впечатливиот и треперлив баритон на Стјуарт А. Стејплс. Во февруари, го објавија албумот “The Something Rain,” кој воедно е прекрасно издание и нивен уметнички триумф.
Бендот е на турнеја во рамките на која го промовира новиот албум, а разговорот со клавијатуристот и еден од оснoвачите на Tindersticks, Дејвид Болтер се случи во Нови Сад после концертoт во Позориште младих кој слободно може да се каже, ги надмина сите очекувања. Бендот изведе сет листа со песни од различни моменти од нивната долга кариера, па дури и неочекувани и непланирани песни кои ги изненадија некои од членовите на бендот, но акцентот беше ставен на новиот албум и новите песни. Изборот беше толку добар што не се ни примети дека поминаа 2 часа. Кога заврши редовниот дел од концертот фасцинираната публика не покажуваше никакви намери да си замине, гласно повикувајќи го бендот да излезе на уште еден сет од песни. На бендот не му требаше многу и се појави за кратко и на публиката и приреди 2 извонредни бисови кои беа воодушевено примени. Се на се, концертот беше од посебно значење како за публиката така и за бендот.
Новиот албум The Something Rain е навистина одлично издание полно со убави песни. Како течеше процесот на создавање на ова издание?
Кога го објавивме нашето последно издание “Falling down a Mountain” се почувствувавме живнати и освежени поради новиот почеток со Tindersticks, бидејќи имавме мала пауза сво работата. Но тоа издание сепак имаше доста сличности со работите кои ги имавме правено порано додека кога се одлучивме да работиме на ова издание ние дефинитивно почувствувавме потреба да размислиме за него на поинакви начини. Поради тоа почнавме да пишуваме поинакви песни, имавме поинакви идеи и купивме стари ритам машини, стари клавијатури и се обидовме да почнеме од поинаква насока. Тој не наликуваше на Стјуарт како свири акустична гитара или не се базираше на пијано или на балади или нешто слично. Се работеше за поинакви идеи и се обидовме да размислуваме за него на поинаков начин.
Што значи овој албум за Тиндерстикс, отсликува ли некои промени?
Претпоставувам дека најголемата работа е уживањето. Ние се најдовме себе си во ситуација каде после 17 или 18 години со издавачка куќа (Island Records) позади себе, повеќе да немаме издавачка куќа, што ни даде слобода да направиме нешто поинакво. Но во исто време, таа ситуација не стави под огромен притисок да сработиме нешто што функционира без да размислуваме за сигурносната мрежа која до скоро ја имавме. Мислам и дека тоа не натера да сакаме да прифатиме ризик и да ја потиснеме музиката малку подалеку. Како кога правите музика за филмови и кога правите различни работи кои ги буткаат музичките идеи понатаму или кога се обидувате да не правите песни за кои ќе помислите дека ќе им се допаднат на луѓето кога ќе дојдат да ве видат. Тука се обидувате да направите нешто што ќе ве задоволи и ќе ве изненади, нешто за што чувствувате дека не сте го направиле претходно. Тоа е најголемиот предизвик. Тоа е секогаш тешко за нас кога имате некој како Стјуарт кој има посебен глас со што тоа секогаш ќе наликува на Tindersticks, но ние се обидуваме да размислуваме
Од каде идејата, каква е позадината на песните како што се “Medicine” или “Chocolate”?
„Chocolate„ беше идеја или приказна која се појави многу бргу. На нашиот втор албум напишав приказна која се викаше “My Sister” и која ја читаше Стјуарт. Овој пат се работеше за друга приказна која ја напишав. Всушност направив едно демо и го испратив до Стјуарт, и кога размисливме за него беше јасно дека овој пат ќе биде најдобро јас да го прочитам текстот и така да остане. Претпоставувам дека до тоа дојде многу бргу бидејќи после нашиот последен албум имаше празен простор и размислував дали да снимам едно ЕР и тоа да биде соло издание. На крајот, таа песна го инспирираше Стјуарт да напише неколку песни, поради што почнавме да работиме заедно неколку дена што резултираше во 5 или 6 песни. Тука помисливме дека ова е можеби почеток на нешто големо и можеби е ова следниот албум за кој треба да почнеме да размислуваме. Уште повеќе, ги повикавме луѓето од бендот да поработиме на песните и после севкупно 8 дена од период од 2-3 месеци имавме 15 или 16 песни. Од таму започна се.
Каква е поврзаноста помеѓу бендот и француската режисерка Клер Дениз? Во последните 10 години, бендот редовно снима музика за нејзините филмови.
Клер е личност која ја запознавме на еден концерт и таа беше инспирирана од песната “My Sister” да сними филм “Nanette et Boni.” Таа дојде да не види во Париз во периодот кога го објавивме вториот албум и не праша дали би биле заинтересирани да направиме музика или да ја искористи веќе постоечката музика. Мислам дека кога се запознавме веднаш ни се допадна и додека ги гледавме нејзините филмови сфативме дека таа ги снима на ист начин како што ние правиме музика. Тука не се работеше за обид да се направи импресивен филм кој сите ќе одат да го гледаат и кој би заработил многу пари. Тука се работеше за нешто длабоко во неа, што таа има потреба да го изрази што е многу слично со нашата музика.
Музиката на Тиндерстикс има во себе одлики на филмска музика. Свесно ли одевте на оваа варијанта?
Да! Тоа и беше причината зошто сакавме да направиме музика за филмови бидејќи луѓето често ги асоцираше на тоа. Лично, јас бев многу заинтересиран за тоа и тоа влијаеше на звуците кои ги користевме на првиот и вториот албум, и од тогаш имам поинако пристап кон структурирањето на песните, да не бидат само строфа, рефрен или само гитари. Се обидував да изнајдам различни бои во музиката и поинакви начини за правење музика. Добрата страна во врска со работата со Клер беше тоа што ни овозможуваше да правиме музика која ние сакавме да ја правиме, додека правењето музика за големи холивудски продуценти, тие би ви рекле точно каква музика сакаат и точно каде би сакале таа да биде, а тоа не е тоа што нас не интересира. На тој начин не ви се дава никаков простор да се изразите себе си.
Бендот е на голема турнеја во рамките на која го промовира последното издание “The Something Rain”. Што ќе се случи кога концертите ќе завршат?
Оваа година се навршуваат 20 години од Тиндерстикс, и иако за нас започна пред 20 години сепак мислам дека дури следната година ќе направиме нешто што ќе го одбележи тоа. Оваа година е во знакот на албумот кој штотуку беше објавен. Се надевам дека нешто ново ќе биде следната година.