Водич низ СКОПЈЕ

„Тавук гогсу“ – десерт со пилешко месо

Во турската кујна може да се најдат многу десерти кои се прават со млеко, но дефинитивно ретки се оние кои во себе содржат месо. Тавук гогсу (tavuk göğsü) е вид млечен пудинг, дел од традиционалната турска кујна, чие име во буквален превод значи „пилешки гради“. Знам дека звучи малку чудно, бидејќи и јас не можев да поверувам дека од пилешко месо може да се направи толку вкусен десерт. Кога келнерот ми кажа дека станува збор за пудинг од пилешко месо бев изненадена и мислев дека станува збор за шега.
tavuk-gogsu_cover

Всушност вкусот на пилешкото месо воопшто не се чувствува, бидејќи пилешките гради се добро зготвени и обработени. Единствено нешто што ќе забележите се парченцата пилешкото месо што го прави овој десерт оригинален.
Овој популарен десерт, кој им бил служен на султаните во Отоманската Палата Топкапи, денес во Турција се смета за традиционален десерт. Истиот, за оние кои не јадат месо, може да биде приготвен и без месо.

Состојки:

– 7 чаши млеко
– 1.5 чаша шеќер
– 3/4 чаша густин
– 1 1/4 чаша оризово брашно
– 1 1/2 чаша вода
– 1/2 лажица сол
– 1 парче пилешки стек
– цимет

tavu goksu 1

Подготовка:

Пилешкиот стек го вариме се додека не омекне убаво. Го сечеме попречно на ленти со должина од околу 5 сантиметри. Парчињата ги земаме во рака и ги триеме со дланките додека не се претворат во тенки и долги делчиња. Ги измиваме 3-4 пати со жешка вода, менувајќи ја водата секој пат. Потоа ги цедиме убаво за да останат сосема без вода. Во шерпа ги истураме шеќерот, млекото и солта. Го оставаме шеќерот да се стопи. Во посебен сад ги промешуваме брашното и густинот. Полека додаваме од млекото и мешаме дури да се добие мазна паста. Ја истураме пастата во млеко и мешаме додека не почне да се згуснува. Земаме 4-5 лажици од пудингот и ги ставаме во садот со парчињата пилешко месо. Ги промешуваме со виљушка, па ги враќаме во пудингот. Вариме на тивок оган и мешаме се` додека не се згусне. Кога ќе биде готов го истураме во сад длабок 2-3 сантиметри, кој може да се стави и на оган и во фрижидер. Го потпечуваме малку одоздола и го оставаме во фрижидер 2-3 часа. Потоа го сечеме на правоаголници и го виткаме во тенки ролни со печената страна нагоре. На крај му наросуваме цимет.

Afiyet olsun 🙂

Кристина Ангелеска

Коментари