Водич низ СКОПЈЕ

Танцувај со мене до крајот на љубовта во Истанбул

EN

Балкон3 извештај од концертот на Леонард Коен во Истанбул

Велат дека патувањата ги прошируваат хоризонтите, а патувањата до далечни места неминовно ја зголемуваат способноста за перцепција. Истанбул, неофицијално, град на 20 милиони души навистина ги шири вашите видици и поставува дефиниција на она што е големо. Пулсирачки, густо населен град кој е во постојано движење, дење-ноќе, низ бескрајните лавиринти на улици, згради, сообраќај и реки од луѓе. Невозможно е да се набројат случувањата во текот на денот и недостигаат зборови да се опише особената атмосфера. Истанбул е вистински крстопат каде се среќаваат истокот и западот. Распослан на два континенти, поделен со Босфорскиот теснец, но исто така поделен со контрасти кои ги забележувате на секој чекор. Наоѓалишта кои сведочат дека во минатото бил главен град на две големи империи, додека денес е културен и политички центар на современа Турција.

Концертот на Леонард Коен беше причина да го посетам Истанбул и не можев премногу да талкам надвор од предвидениот распоред – да најдам сместување близу спортската сала Улкер каде се одржа концертот, да ја пронајдам салата и да стигнам на време а потоа безбедно да се вратам на главната автобуска станица (Buyuk Otogar) во Бајрампаша. Навигацијата низ овој древен мегалополис, низ долгите мрежи на автобуси, метро и мини комбиња е во исто време предизвик и авантура, особено кога ретко се среќава човек кој зборува англиски.

Поголемиот дел од знаците се напишани само на турски и во таква ситуација најдобро е да не дозволите логиката да ви се испречи во комуникацијата со луѓето на улица. Сè што е потребно е да зборувате течно со раце и гестикулации и да ги знаете имињата на местата до кои сакате да стигнете. За среќа, Турците се едни од најотворените и најпријатните луѓе што сум ги сретнал. Google Maps помага да дознаете каде е точката А и како да стигнете до точката Б, но времето потребно за тој навигациски потфат е многу долго. И повторно мора да се потпрете на луѓето кои ги среќавате по пат. Сите тие се погрижија да останам на вистинскиот правец и во точниот автобус. Нивната неверојатна љубезност ме трогна уште повеќе бидејќи не ја очекував во град како Истанбул.

Спортската сала Улкер е затворена арена која се наоѓа во населбата Аташехир. Тоа е прекрасно заоблено здание со капацитет од 15.000 седишта и освен што е место на случување на големи спортски настани, салата беше и една од станиците на светската турнеја на Леонард Коен насловена Old Ideas World Tour. Последен пат присуствував на концерт на Леонард Коен во Белград, Србија и тоа беше еден настан за паметење. Претходната турнеја траеше две години и доби одлични критики. Кога заврши во 2010, со 247 концерти зад себе, Коен веднаш започна со работа на неговото следно дело Old Ideas (Стари идеи). Таа турнеја, 2008 – 2010, и новиот албум покажаа дека и покрај своите веќе одминати години Леонард Коен е сè уште  моќен и магичен изведувач и автор. Леонард Коен не свири песни – тој свири чувства. Освен што е благословен со “златен глас”, тој ја има и дарбата да комуницира со својата многубројна публика. Тоа е всушност тајната на човекот чиишто песни, поезија и проза станаа водичи кон најскриените и најтемни длабочини на нашите срца и души.

За бендот и за публиката секоја песна претставуваше посебен настан. Реакцијата и радоста која публиката ја покажуваше на секоја песна го прави потполно безначаен фактот што тој никогаш немал песна која се наоѓала на Top 20 листите. Не секој ден може да се види 79-годишниот Леонард Коен како немирно потскокнува на сцената и клекнува за да ја испее “Dance Me till the End of Love”. Неговиот хумор, огромна енергија и скромност ја обземаат и хипнотизираат публиката. Бендот ја отвора својата душа, воспоставува цврста врска со публиката и заедно нуркаат во светот на раскошна, тивка почит. Песните кои ги изведоа беа од сите периоди на плодната кариера на Коен заедно со некои нови остварувања кои многу ветуваат. Покрај најпознатите “The Future”, “Bird on a Wire”, “Everybody Knows”, “In My Secret Life”, “Suzanne”, бендот ги отсвире и “Darkness”, “Amen”, “Going Home”, “Anthem” од Old Ideas кои беа одлично прифатени.

Забележително, Леонард Коен покажа нешто што во овој дел од светот се смета за одлика на големите луѓе. Тој покажа црти на понизност и скромност кои се очекуваат од луѓе од повисок ранг. Во поголем дел од концертот тој беше понесен од самата моќ на музиката и пееше на колена или потпрен на едно колено, љубезно комуницираше со публиката и им се заблагодари на честитките за неговиот роденден. Како вистински лидер стоеше опчинет од изведбата на неговиот бенд, симнувајќи капа на музичарите кои, на моменти, блескаа на своите инструменти. Пратечките вокали исто така имаа прилика да ги покажат своите вокални способности. Сестрите Webb ја испеаја “If It Be Your Will” додека Шерон Робинсон, која Коен ја нарече “неспоредлива”, неколкупати во текот на концертот отпеа прекрасна, трогателна верзија на “Alexandra Leaving”. Концертот заврши после 3 часа и две враќања на сцената. Но ноќта не заврши со концертот. Некој ја искористи оваа прилика да ѝ предложи брак на својата љубена пред вратите на салата. Запознав една убава девојка од Техеран, Иран дојдена специјално за концертот.

Исто така имав и пропусница за позади сцената. Шерон Робинсон ме пречека и запозна со членовите на групата. Таа е прекрасна жена и беше вистинско задоволство да ја запознаам и интервјуирам.

Секако најголема возбуда за мене беше личната средба со Леонард Коен. По 3 часа свирење и пеење тој сè уште беше полн со енергија и ентузијазам и најверојатно ќе можеше а свири уште толку. Беше заинтересиран за земјата од која потекнувам, јазикот кој го зборувам, јазиците со кои е поврзан и што е тоа што го прави посебен. Премногу беше кратко времето за да се објасни сè, но им оставив на поклон неколку компакт дискови, нешто што ќе може засекогаш да го имаат.

Светлата на салата Улкер почнаа да згаснуваат, но впечатоците од музиката на Леонард Коен засекогаш ќе останат како светла точка во сеќавањата, нешто што ние ќе може засекогаш да го имаме.

Коментари