Кога ќе видите група од педесетина луѓе, кои заинтересирано слушаат туристички водич и ревносно фотографираат се наоколу, сигурно ќе си помислите: „еј, некои странски туристи одлучиле да го посетат Скопје“. Сепак во нашиот случај не беше така. Ние бевме странци во сопствениот град.
Екипата на Балкон 3 едно неделно мајско претпладне беше дел од тричасовната прошетка низ Отоманското наследство на Скопје, која за сите заинтересирани бесплатно ја организира археологот и туристички водич, Василка Димитровска. Посетивме четири џамии, изградени во 15-от век (Султан-муратовата џамија, Гази Иса Беговата џамија, Исхак Бег (Алаџа) џамијата и Мустафа-пашината џамија), а имавме можност да се запознаеме и со историјата на Скопското Кале, Куршумли ан, Даут-пашиниот амам, Капан ан, Сули ан и Безистенот во Старата скопска чаршија. Оние кои го пропуштија овој занимлив и корисен „час по историја“, се надеваме дека ќе почувствуваат барем дел од атмосферата, преку видеото кое го подготвивме. Со Димитровска разговаравме за бесплатните тури низ Скопје и за нејзините искуства со странските и домашните туристи.