Инспекторот Костас Харитос е намќорест, средовечен полицаец кој живее во мал стан во Атина. Се бори со тешки случаи на убиства во мрачниот урбан свет.
Инспекторот
Харитос не е ниту суперхерој ниту антихерој. Тој е човек од соседството со контрадикторен карактер. Се спротивставува на корумпираниот систем, но нема ништо против тоа да даде мито на вработен во јавното здравство за подобар третман. Неговата сопруга и ќерка се типични претставнички на средната класа но се секогаш на негова страна што ги прави важни и интересни. Кога добива наредби од надредените Харитос секогаш делува изморено и здодеано, но е цврсто решен да ја заврши работата до крај. Тој преферира да го користи умот наместо сила – отворено жалејќи за своето искуство како полицаец за време на воената хунта. Во четирите романи следиме како успешно решава случаи во Атина додека го пцуе сообраќајот во градот, не ги сака странците и се гордее со својата ќерка адвокат свршена за доктор.
Харитос во Истанбул
Во петтиот роман (2008, Дадилката), сопругата Адриани го убедува Харитос да одат на одмор во Истанбул. На Харитос му е здодевна туристичката понуда, но е пресреќен кога ќе се запознае со истанбулската кујна. Патем забележува дека сообраќајот таму е полош од тој во Атина, но вреди да се патува само поради погледот на Босфор. Во една таверна близу плоштадот Таксим, во сопственост на грчки староседелец (Рум), добива впечатоци од прва рака за вкусовите и луѓето во Истанбул и Атина.
Удобноста и уживањето во културата и традицијата завршуваат во моментот кога еден непознат човек му приоѓа и поставува необично прашање кое ќе го вовлече во интригантен случај на исчезнато лице. Една постара жена исчезнува во Драма (Грција) во чудни околности. Таа води потекло од Трабзон (Турција) и е осомничена во случај на убиство во Истанбул. Харитос добива повик од неговиот наредник да го преземе случајот и да се пријави во истанбулската полиција за соработка. Постепено жената почнува да остава траги низ Истанбул и Трабзон кој се наоѓа на брегот на Црното Море, убивајќи неколку луѓе по пат. Две држави со лоши политички односи, со историја на трауматични раселувања на население и незгоден случај на повеќекратни убиства со потенцијални дипломатски импликации…
Која е оваа жена? Зошто убива? Дали постои шема во нејзиниот необичен начин на убивање? Харитос работи заедно со назначениот партнер, полицаецот Мурат, кој е повратник од Германија. Мурат е либерал по убедување и го мрази старомодниот начин на размислување. Тој преферира германска кујна, а неговата сопруга Нермин, порасната во Германија, образована директорка на една компанија, носи марама по свој избор. Двајцата полицајци треба да ја надминат меѓусебната недоверба. Историјата и националноста кои на почеток ги разделуваат во текот на разоткривањето на мистеријата постепено ги зближуваат.
Заплетот е возбудлив, полн со агонија, пресврти и субверзивен хумор, а приказната ни нуди многу нешта за размислување. Читателот на овој мајсторски напишан роман добива поглед во разновидноста на луѓето кои го сочинуваат мозаикот на Истанбул и има можност да научи многу за современата историја и урбаните преобразби. Всушност, читателот добива клуч за разбирање на современите Грци и Турци преку средбите со сите жени претставени во романот, нивната историја, интеракција и нивните права. Авторот внимателно се држи подалеку од површноста на надворешниот изглед и вешто загледува во душата на ликовите.
Белешка за авторот
Петрос Маркарис е роден во Истанбул во Грчко-Ерменско семејство. Студирал во Виена, а од 1964 Атина е неговото постојано живеалиште. Својата прва театарска претстава ја напишал во 1965, преведувал класични дела од германски на грчки, има напишано голем број кратки раскази, сценарија за телевизиски серии и има работено со режисерот Тео Ангелопулос на сценариото за филмот “Запрениот чекор на штркот”(“Suspended step of the stork”, 1991). Во 1995 го претстави пред меѓународната читетелска публика својот популарен лик, инспекторот Харитас. Неговите наградувани романи се преведени на 14 јазици и издадени во 20 земји вклучувајќи ја Турција. Во најновите романи, трилогијата “Криза” (“The Crisis Trilogy”) инспекторот се соочува со злосторства во Атина во услови на општество погодено од финансиска криза.
Дознајте повеќе за Петрос Маркарис и неговите дела на: http://www.diogenes.ch/rights/autoren/a-z/m/markaris_petros/biographie
Софија Николау