Во Србија на 1 јануари не пристигнува Новата година. Ако секаде во светот со големи фанфари на 31 декември се испраќа старата година и со насмевки, бакнежи и прегратки меѓу најблиските се дочекува новата, во Србија тоа како да не е случај. И во оваа земја вечерта на 31 декември, како и секаде во светот, сите гласно одборјуваат и извикуваат „10 ,9 ,8 ,7 ,6 ,5 ,4 ,3 , 2 ,1 , среќна Нова година!“.
Но, сепак, дел од српските граѓани би кажале дека, 1 јануари е само формалност, колку да се биде дел од глобалните трендови кои се немилосрдни кон традицијата. А традицијата во Србија вели дека старата година не си заминува на 1 јануари. Многумина ги чуваат и старите календари по овој датум чекајќи да дојде 14 јануари кога ја слават таканаречената Српска нова година или пак како што е позната во Македонија-Стара нова година. За Србите токму на тој ден започнува првиот ден од годината, па деновиве забрзано се подготвуваат, купуваат намирници, ја штелуваат пиротехниката, ги „светнуваат“ домовите во очекување на гости.
Всушност на 14 јануари многу православни народи ја дочекуваат Новата година. Ако по Грегоријанскиот календар дента е 14 јануари, според стариот Јулијански календар тогаш всушност е 1 јануари односно првиот ден од годината. На Балканот овој ден покрај во Србија се слави и во Македонија, во Црна Гора, а и во делови на БиХ и во Хрватска. Листата ја надополнуваат Русија, Белорусија, Украина, Молдавија, Грузија… Но, и покрај тоа, на Балканот најзагреани за Старата нова година се Србите. Плоштадите во градовите во оваа земја се уште се украсени со новогодишни светилки и елки, а дел од нив се подготвуваат за организираните дочеци кои се спектакуларни исто како и за 1 јануари.
Бранимир од Белград објаснува дека станува збор за традиција која се почитува иако во Србија Новата година се слави како и секаде во светот. „И Српската нова година се одбележува со прослави, концерти на плоштадите, но пред се станува збор за традиција и посебност односно нешто што е наше и специфично, би рекол интимно“, објаснува белграѓанецот.
Тој вели дека и телевизиската програма е прилагодена и се слична како онаа на Нова година, но, сепак признава дека голем дел од емисиите се всушност реприза од 1 јануари. „За мене и за останатите Срби славењето на Српската нова година е одржување на традицијата и покажување на една особеност, специфичност. Всушност во ова време кога животот е забрзан, динамичен и во време кога постои глобална хистерија за празниците ние имаме нешто автентично кое го славиме во кругот на најблиските“, додава Бранимир и на шега вели дека на 14 јануари се пука повеќе од оружје, за разлика од 1 јануари кога главна е пиротехниката односно петардите.
Со него се согласува и Ивана (31) од Пирот, секако не за пукањето од оружје, туку за фактот дека Српската нова година е интимна прослава, во кругот на семејството. „Иако еуфоријата е поголема за „стандардниот“ дочек на 31 јануари сепак Србите масовно, по традиција, ја слават и Српската нова година која се чека вечерта на 13 јануари. Сепак, тоа е многу поскромна прослава, главно во домашна атмосфера, со пријателите и семејството. Има и голем број на понуди за дочек во клубовите, на плоштадите, по рестораните… Колку се држиме до оваа традиција говор и фактот што Владата на Србија за прв пат предложи годинава 14 јануари да биде неработен ден“, вели Ивана. Таа на шега вели дека и менито е исто како за Нова година па некои само го подгреваат прасето кое им останало на 1 јануари. Како и да е, Србите, но и сите оние кои два пати ја дочекуваат новата година имаат двојна можност за забава, но пред се за дружење со најсаканите. Подобро е два пати да се слави отколку еднаш.
Среќна Стара нова година!