На 1000 метри надморска височина, во подножјето на планинскиот масив Даутица се наоѓа Свето Преображение, еден од најубавите манастирски комплекси во Македонија. Екипата на Балкон 3 го посети манастирот, кој се наоѓа во близина на селото Зрзе, и поради тоа многумина го знаат токму со тоа име.
Во манастирот не пречекаа љубезно, несебично и гостопримливо нудејќи ни ги мирот, спокојот и прекрасниот поглед. Домаќините може да ве остават да уживате или пак да ве прошетаат околу и во црквата за да ви ги раскажат необичните приказни (легенди) пренесувани со генерации.
ЗА МАНАСТИРСКАТА ЛЕГЕНДА…
Според канонските правила, кога сме свртени кон запад, на иконостасите во црквите иконата на мајката божја секогаш треба да биде на десната страна. Но, кога ќе влезете во црквата во Зрзе, ќе забележите дека иконата на Богородица е на левата страна. Во преданието се вели дека игуменот кој ја поставил иконата на мајката Богородица забележал дека таа го менува канонското место и самата се преместувала на спротивната страна, каде што била иконата на Исус Христос.
Тоа се повторувало три дена и секогаш кога монасите ќе ја врателе на старото место, таа пак се враќала на спротивната страна. На третиот пат, кога игуменот ја прашал иконата зошто го менува местото, усните на Богородица се помрднале и таа одговорила: „Не сакам да му вртам грб на мојот син, затоа и го менувам канонското место“.
Kомплексот цркви во манастирот Зрзе е составен од црквата “Св. Преображение”, подигната во XIV век и црквата “Св. Петар и Павле”, подигната во XVII век. Концепцијата на основата на целиот црковен комплекс, заедно со темелните ѕидови на јужната страна од црквата “Св. Преображение” ни даваат за право да тврдиме дека црквите се подигнати врз темелите на ранохристијанска базилика. Конзерваторско-реставраторските работи на црковниот комплекс се изведени во периодот околу 1963 година.
Непосредно над селото Зрзе на мало возвишување, на терен во пад се наоѓа црквата Свети Никола. Точниот датум на изградба на црквата не може со сигурност да се потврди, иако се знае дека тоа се случило пред 1459 година. Црквата е живописана од сликарот Онуфрие во 1535 година, а фрески добиле и олтарниот простор во параклисот и западниот ѕид на црквата од надворешна страна.
КАКО ДА СТАСАТЕ ДО МАНАСТИРОТ ВО ЗРЗЕ?
Манастирот Свето Преображение се наоѓа на 33 километри северозападно од Прилеп. Од Скопје до манастирот преку Прилеп има 169 км., а се стасува преку Е-75 и патот 106. Преку Тетово и Гостивар пак се вози по патот М-4 и растојанието кое треба да го минете е 175 км. Од Битола до Зрзе пак има 77 км. и се стигнува преку патот М-5. Со оглед на тоа што Битола се наоѓа на само 15 километри од Грција, наша препорака за грчките туристи, кои бараат интересни места за посета, е задолжително да го стават манастирот Зрзе на својот план за патување. Посетете го манастирот во Зрзе, а во меѓу време се надеваме дека нашите фотографии ќе ви го доловат културното, духовното и природното богатство, со кое изобилува ова место.