Црвен крст во акција! Ќе ги учи младите од различна етничка припадност на взаемно разбирање, толеранција и култура на дијалог. Целта е да се регрутираат нови волонтери, кои преку изработка на заеднички проекти треба да стекнат навики за промоција на хуманите вредности и активниот приод кон животот.
Даница Ѓуровска студент на Медицинскиот факултет во Скопје – физиотерапевт, волонтер и член на Црвен Крст и волонтер во клуб 25 и Јелена Владановиќ студент на Педагошкиот факултет – предучилишна возраст, волонтер и член на Црвениот Крст се носители на проектот „Прва помош – Спаси се себе, спаси го другарот“.
Идејата е во сите училници во ОУ „Кирил и Методиј“ да се постават кутии со материјал за прва помош со кој би се санирале евентуални повреди кои може да се случат и би се подигнала свеста на децата да му помогнат на другарот. Ќе се подигне и чувството за солидарност, свеста за начинот на дејствување при повреди или елементарни непогоди, а во рамки на проектот ќе се одржат и кратки едукативни предавања за правилна употреба на кутиите за прва помош. Сето тоа ќе биде објаснето на мал постер кој ќе биде залепен до сандачињата за прва помош. Ова е прв ваков проект во Македонија и целта е да се примени во сите училишта. За да се соберат доволно пари за оваа акција ќе се организираат собирни центри и ќе се побараат донации од успешни компании.
Во проектот се вклучени сите 34 општински организации на Црвениот крст во нашата земја, како и градската организација на Црвен крст на град Скопје. Преку нив се регрутираат млади волонтери на возраст од 14 до 18 години, кои добиваат соодветна обука за дисеминација, за културата на дијалог како основен предулсов за градење интеркултурно општество, препознавање на потребите на заедницата и изработка на хуманитарен проект. Минатата година беа изработени рекордни 202 проекти за добробит на заедницата, преку кои беа помогнати повеќе од 3.000 лица.
Балкон3