Пограничните општини во Македонија и Грција, се пример дека двата соседни народа можат да ги издигнат меѓусебните релации над политиката. Локалните самоуправи од двете страни на границата ја интензивираат соработката со реализација на проеkти за подобрување на животот во пограничните градови.
Годинава од европските фондови ќе бидат искористени над 2,5 милиони евра за пограничниот јужен регион од Македонија и северниот дел од Грција. Битола и Новаци од македонска, а Лерин и Аминтео од грчка страна, заедничи ќе се борат против шумските пожари во пограничниот регион, ќе бараат решение пртив аерозагадувањето од термоелектраните што се во близина на овие општини, ќе разменуваат искуства за топлификација, ќе ги модернизираат зоолошките градини.
-Проблемите кои ги имаат општините, немаат граници. Политиката треба да им ја оставиме на политичарите, а наша главна цел е да овозможиме подобри услови за живот на граѓаните. Планираме многу заеднички проекти, а населението ќе има бенефит од тие активности-вели градоначалникот на Лерин, Јанис Васкопулос.
-Многу ни е важна соработката со соседните општини, затоа што проблемите често пати се заеднички. Се надеваме дека со секој преземен проект ја зацврстуваме соработката со нашите пријатели од Лерин и дека чекориме кон нови комуникации и добри односи, смета битолскиот градоначалник Владимир Талески.
Двете земји заеднички работат и на заштита од загадувањето на воздухот. Во Лерин веќе има поставено мерни станици за мерење на аерозагадувањето, а следен чекор е поставување на ваки мерни станици во Мелити, Грција, а потоа и во Битола. Христос Евангелу, претставник на префектурата Западна Македонија во Грција, вели дека ваквите проекти имаат за цел да го подобрат животот во двата погранични региони. „Овие активности секогаш ги поддржуваме, со цел унапредување и овозможување на подобар живот на двата региони. Се надевам дека соработката ќе продолжи во најдобар ред, а најголема корист ќе имаат нашите граѓани, вели Евангелу.
Битола почна соработка и со Солун. Во мај се сретнаа битолскиот градоначалник Владимир Талески и градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис. Потпишаа заедничка апликација за проект посветен на претприемништвото во културата.
„И покрај сите политички разлики кои произвлегуваат во моментот меѓу двете земји, двата братски народи ги поврзуваат врски кои понатаму треба да се развиваат. Овие односи и врски, пријателски и братски кои ги имаме, не може да ги прегази ниту една политика ниту било кој друг“, изјави Бутарис . Талески,пак, средбата ја нарече историска, која треба да предизвика промени во размислувањето на двата народи.
Во моментот преку ИПА фондовите на ЕУ се зајакнуваат капацитетите на противпожарните единици за што ќе бидат повлечени околу 500 илјади евра. Се работи план за превенција од пожари во пограничните региони, а ќе биде набавена современа опрема за пожарникарите, системи за мониторинг итн. Исто така во тек е и проектот за развој на зоолошките градини во Лерин и Битола, додека општините Битола и Аминдео работата на проект за спроведување топлификациона мрежа, за што се вклучени Техничкиот факултет во Битола и факултетот Аристотелис од Солун.