Интервју со Пол Хартнол – Orbital
Со огромната популарност на техно музиката на почетокот на 90-те се појавија голем број бендови и музичари, но малку од нив останаа толку долго на таа сцена како Orbital. Кога браќата Пол и Фил Хартнол почнаа да прават своја верзија на американската хаус музика и техното кои беа популарни на времето, тие го зедоа името од автопатот кој кружи околу Лондонските предградија. Уште од самиот почеток кога дебитираа со “Chime“ во 1990, една од нивните главни одлики беа рифовите кои ги придвижуваа масите да играат. Ова дуо отсекогаш било познато по одличните живи настапи, а заедно со други состави од овој тип, како што се Chemical Brothers, тие покажаа дека само со неколку рекови електронска опрема тие се во можност да дадат настапи со интензитет на еден рок бенд. Во 90-те станаа една од најеминентните и најпопуларни концертни групи, кои беа присутни на програмата, не само на големите денс фестивали туку и на популарниот Глестонбери. Меѓутоа во 2004, по седум албуми и голем број турнеи, тие прекинаа со работа. Следно, во 2009 по повод 20 годишнината на бендот, тие повторно почнаа да работат заедно првенствено со живи настапи, а оваа година го издадоа своето последно издание Wonky. Додека повеќето такви повторни собирања на бендови звучат неинспиративно, Orbital на новото издание звучат освежено, како времето минато во „привремената пензија“ креативно да ги освежило. Како тоа звучеше во живо се виде на нивниот одличен настап на фестивалот „Скопје Гори“ каде тие настапија заедно со бендови од различен профил, како што се Public Enemy и Партибрејкерс.
Во промотивните интервјуа по повод издавањето на новиот албум изјавивте дека една од причините поради која запревте со бендот е дека се почувствувавте креативно исцрпени. Но еве, почнавте да настапувате и снимате повторно?
– После четири години неактивност на бендот, јас бев среќен поради таа неактивност барем во првите две години. Од креативна гледна точка, тоа баш и не беше многу забавно. Некаде на половината од тој период бев да ги видам Chemical Brothers и тоа беше прекрасно, посебно што нивното шоу многу наликуваше на нашето. Тогаш сфатив дека ми недостасува сето тоа. Друга работа која ме натера да го сфатам тоа беше дека тие се бенд кои се на сцената доволно долго како и ние, и ги знаете нивните песни, бидејќи на концертот се редеа хитови. Кога настапував на мои концерти ми се случуваше да свирам само песни од својот нов албум. Можев да земам уште нешто, но тоа не се вклопуваше толку лесно. Од друга страна, со Orbital имав седум албуми и бев во можност да бирам одлични работи. Тоа ме натера да помислам дека не би треало да се откажам толку лесно од бендот и да го ценам малку повеќе. Тоа беа работите кои во следните неколку години ме натераа да размислувам дека можеби не требаше да прекинеме туку така и дека требаше да ги освежиме работите. После четири години, еден мој пријател кој букираше бендови за Big Chill, ме праша дали би сакале да бидеме хедлајнери на Big Chill и тоа беше искрата која ме натера да помислам дека настапите во живо беше тоа што најмногу ми недостасуваше. Поради тоа, зошто да не се обидам да ја освежам музиката и да направам повторно да биде возбудлива. Ако не ни беше интересно на тој настап и на неколку други потоа, сосема ќе престаневме. Ќе се концентриравме повеќе на нашите соло проекти. Тоа беше обид да се види дали ќе ни се допадне. И ете не сега тука.
Се промени ли начинот на кој работевте претходно?
– Многу работи се променија. Со самиот прекин после некое време ги увидов работите од поинаков агол, посебно оние кои беа погрешни. Кога се вративме, целиот свет се промени. Тоа е нормално, но кога прекинавме ситуацијата беше поинаква во однос на оваа сега, кога повторно почнавме. Светот сега е инспириран и придвижуван од поинакви работи. Чувството е поинакво. Јас сум пет години постар и пет години помудар. Земав и часови по пијано, што даде свој придонес, потоа почнав да користам аналогни синтисајзери. Пред крајот користевме речиси само дигитални и не ми се допаѓаше тоа. Сега е се послободно и користиме аналогна опрема. Сега знам повеќе за музиката и знам што ми треба. Сега уживам во многу работи и ги прифаќам како кога си музичар. Воопшто не се грижам за нив ниту се обидувам да се вклопам. Да не ги прифатев немаше да видам што е тоа Orbital и каков беше неговиот звук. Меѓутоа, кога почнавме неговиот звук беше се уште таму без разлика дали е под влијание на нешто друго. Тоа е добра работа и нешто што трае.
Кои се клучните и препознатливи карактеристики на звукот на Orbital?
– Хармонскиот стил. Самите хармонии. Мислам дека ритмовите се поинакви. Мелодиите се сложени, но не како кај Squarepusher. Toa звучи помалку комплицирано и чудно. Одамна ги немам слушано тие албуми, но тие истовремено ми звучат и смешно и чудно.
Повратничкиoт Wonky е навистина одличен албум на кој Orbital навистина звучат освежено.
– За да продолжиме да го работиме ова ни беше потребна нова музика во нашиот сет. Пред две години снимивме две песни за еден сингл, кои веднаш ги ставивме на плејлистата. Тогаш Фил предложи да направиме уште. Кога ќе направиме албум, тогаш тој ќе помогне да се промовираат живите настапи. Сега се такви работите, а некогаш беше обратно. Тоа е исто така многу интересно, бидејќи дава поинаков агол на гледање. Ние бевме бенд кој снима албуми и на тој начин заработувавме преку концертите со кои го промовиравме албумот. Сега албумите не се важни. Тие се во основа материјал за живиот настап. Се што е таму се базира на „сакам ова да го свирам во живо и дали би сакал да го изведувам во живо“. Тоа е тоа што ја исполнува нивната намена. Имаме нумери кои сеуште не сме ги изведувале во живо, во смисла дека се побавни. Ми се допаѓаат, но сеуште не сме пробале како звучат на концерти. Тие може да се појават на листата за една година. Тоа беше концептот позади тоа издание, ако така сакаш, односно да звучи одлично во живо. Овој албум беше добра насока во која се упативме, бидејќи навистина ги држи работите. Кога престанавме да работиме, добивме поинаква перспектива за тоа што го правиме. Се вративме кај музичките инструменти кои ги сакавме односно големите аналогни синтисајзери и престанавме да размислуваме за тоа што луѓето би очекувале. После две години настапи во живо знаевме дека многу од тие стари нумери на некој чуден начин сеуште функционираат во фестивалско опкружување. Ние не моравме да копираме, да слушаме или да правиме работи кои не ни се допаѓаат туку имавме слобода да правиме како ние сакаме.
Дали кога ги снимате албумите размислувате како тие ќе звучат кога се слушаат во кола, во дневна соба, на стадион?
– Па, размислувам само како тоа звучи во живо. За албумот размислувам како една целина. Најчесто го преслушувам на слушалки додека шетам наоколу или додека патувам со воз. Ако звучи добро во живо тогаш ќе звучи добро и во кола. Најчесто размислувавме како тоа ќе звучи во живо.
Каков е вашиот работен однос со брат ви Фил Хартнол?
– Тоа е интересна соработка. Јас никогаш не сум работел директно со него. Кога го пишувам мојот материјал, иако и тој пишува, обично заедно бираме што останува, а што не. Ако на обајцата ни се допадне нешто, тогаш тоа останува. Тој дава сугестии, зошто не го направиш ова вака, повеќе диско ритам и помалку од истото. Заедно ги продуцираме работите иако најголемиот дел од материјалот го пишувам јас. Тоа е начинот на кој се разви овој однос. Јас се побргу и побргу можам да пишувам музика, а тој не го прави тоа. Но, тој прави она што му одговара, го бара тоа што сака да го слушне. Неговата улога во сето ова е продукцијата.
Ако на фестивалите нас публиката најмногу не привлекуваат хедлајнерите, што е тоа што хедлајнерите ги привлекува да учествуваат на фестивалите?
– Да бидам искрен, идеме таму каде што ќе не поканат да настапиме. Ако некој сака, мене ќе ми биде драго да настапам каде било. Супер е да се настапува на места како што е Македонија, каде никогаш не сум бил. Обожувам да патувам. Тоа што открив е дека откако престанавме, после пет години пауза откривме дека нема да настапуваме во Германија, Франција, Скандинавија. Пред да прекинеме со бендот бевме неколку пати во Грција и еднаш во Бугарија. Никогаш не настапувавме во Источна Европа. Сега сме тука. Почнавме да доаѓаме во јужните делови од Европа што е многу интересно, бидејќи е сосема поинаква област. Не знам зошто и како, но во последните пет години некои комуникации се отворија и се повеќе бендови доаѓаат тука.