Водич низ СКОПЈЕ

Слободно летање над урбаната џунгла

Човекот отсекогаш сонува да лета и да ја победи гравитацијата како што тоа го сторил митскиот летач Икар. Летањето ја симболизира слободата по која секој човек тежнее. Токму затоа секому му се случило, барем на сон, да се вивне во воздух и за миг да ја почувствува слободата на летањето. Но, ако за многумина тоа е само сон за момчињата од македонскиот паркур тим „Try2Fly” летањето е нивно секојдневие. Тие прелетуваат преку огради, скокаат на згради, на кровови, прават салта во воздух од кои може да ви застане здивот, а на дрвја полесно се искачуваат од мачки.

Драган (15), Даниел (17) и Андреа (15) се меѓу првите македонски државјани кои ја практикуваат вештината наречена паркур. Со нив разговаравме што е тоа паркур и зошто се одлучиле за оваа вештина.

– Кон крајот на 80-те и почетокот на 90-те во Франција почнува да се развива оваа вештина од страна на Давид Беле. Во почетокот паркурот го изучувале пред се војската, а и пожарникарите бидејки им бил корисен во нивната работа. Паркур е вештина на движењето која се користи за побрзо и поефикасно преминување на пречките што ви стојат на патот, од точка А до точка Б, притоа употребувајки го само своето тело и својот ум. Во денешно време повеќе е застапено таканареченото слободно трчање, во кое се практикуваат салтата, за разлика од паркурот каде што ако направиш салто само се успоруваш себеси, а тоа не е самата цел на овој спорт, вели Драган Стојковиќ.

ФИЛМОВИТЕ КАКО ИНСПИРАЦИЈА

Овие момчиња првпат за вештината паркур разбрале преку филмовите ”Yamakashi” и ”B-13”’. Напоредно со ова тие одат и на училиште и не забораваат на своите обврски, но сепак скоро секој ден му се радуваат на слободното летање над урбаната џунгла.

– За време на школска година имаме тренинзи 2-3 пати неделно, а за време на распустот одржуваме тренинзи скоро секој ден. Во зимскиот период претежно сме во сала, додека на лето повеќето пати сме надвор. Тренинзите отприлика ни траат 2 до 3 часа,освен ако некој не не избрка од местото и ни го уништи целиот тренинг, раскажува Драган.

Даниел Стојановски објаснува дека нивните родители се загрижени за нивната безбедност, но дека сепак им веруваат.

– Нормално дека родителите се грижат и се секираат да не дојде до некоја посериозна повреда, но сепак не поддржуваат во тоа што го правиме. При секое излегување кога одам да вежбам ме предупредуваат да бидам внимателен и да не пробувам нешто ако не сум сигурен, објаснува Даниел.

СО ПАРКУР ПОДАЛЕКУ ОД АЛКОХОЛОТ

Паркурот се практикува во голем број држави, но сепак малкумина се осмелуваат да ја победат гравитацијата како што го прават тоа овие момчиња.

– Во соседните земји е поактуелен отколку кај нас, но постепено заинтересираноста се зголемува и овде во Македонија. Кога одиме надвор од државата гледаме да вежбаме со други групи и потоа се трудиме да останеме во контакт за понатаму да вежбаме заедно и слично. Исто така многу често овде во Македонија вежбаме со останатите тимови и сме во многу добри односи, ни вели Даниел.

За крај Андреа ни објаснува зошто е добро младите во една земја да се занимаваат со оваа вештина.

– Вежбајќи паркур забораваш на сите проблеми околу тебе, адреналинот се покачува и чувството е бесценето, понастрана си од пороците (алкохол,цигари и др.), а запознаваш и нови пријатели. Исто така можеме да учествуваме на разни настани, филмови, ТВ шоу-а прикажувајки паркур, вели тој.

Според него, со паркур подеднакво се развиваат телото и умот. На шега завршува и дека ова слободно летање им помага полесно да „фатат“ девојки. Овие тројца другари го остварија својот сон и пробаа да летаат. Со или без крилја, не е битно, слободата за нив веќе е освоена.

Фото: Тоше Огњанов

Коментари