Водич низ СКОПЈЕ

Скапоцениот камен од Македонија

Не секоја земја може да се пофали дека има свој, национален скапоцен камен. Кина е позната по кинескиот жад, Австралија по австралискиот опал, Чешката Република по чешкиот гранат, Колумбија – по колумбискиот смарагд, балтичките земји – по познатиот балтички килибар, САД – по тиркизот. Ова е приказна за македонскиот рубин – скапоцениот камен од Македонија.

Долго време, со години, во себе си го поставувавме прашањето: дали и другите забележуваат колку е во Прилеп и Прилепско често необичното име Рубин, Рубинчо? Можеби ни денес не сме баш сигурни дали е тоа впечаток, нешто што само нам ни изгледа така, но, овојпат имаме теорија. Ова е приказна за восхитувачкиот свет на кристалите, за скапоцените камења од Македонија, за македонскиот рубин.

Со Деко се знаевме одамна, уште од времето кога го препознававме само како музичар, еден од најинтересните во македонскиот рокенрол, пред да замине во Италија, во 1991, кога на прагот тропаше војната во поранешна Југославија. Го препознававме како клавијатурист, гитарист и еден од богатите креативни извори на култните македонски бендови ‘Бадмингтонс’, ‘Клержо’ – македонски Реј Манзарек, Џон Лорд и Дејв Гринфилд. Музичар со дух што не мирува, кој знаеше да не’ инспирира, да ја смирува нашата младешка бунтовност и да ја насочува кон нешто креативно, конструктивно. Доволно беше само да ги гледаме настапите на неговите бендови и, ако имаме среќа, некогаш да поразговараме со него, кога ќе го сретневме во местата каде што излегувавме.

Поминаа години. Знаевме дека Деко е во Италија, во Трст, но, не знаевме што работи, дали ќе имаме прилика повторно да се видиме. И, се случи. Бргу се рашири гласот дека Деко е во Скопје. Набргу го чувме на радио. Разбравме дека сето време бил во Трст и дека се занимава со нешто што никогаш порано не помислил – ја открил моќта на кристалите. Веќе беше јасно: Деко е дома – како што си ветил кога пристигнал во Трст. Оттогаш, почнавме почесто да го гледаме по медиумите и некако срамежливо и ненаметливо почнавме да го препознаваме по една друга приказна –  големиот вљубеник во „камчињата“ и човекот кој го откри и прв изрежа македонски рубин. Го препознаваат соседите, кои веќе биле возрасни за да одат на неговите концерти; го препознаваат нашите колеги кои никогаш не слушнале за „Клержо“, го препознава таксистот, кога случајно ќе го сретнеме во соседната лента од колоната возила застанати пред семафор. „Многу ми е интересно да го слушам кога зборува за камчињата, за кристалите“, ни рече еден, неодамна.

Одиме на договорената средба, во дуќанчето со камчиња, во маалото кај Грчката амбасада. Ќе имаме ексклузивна прилика да видиме како се реже македонски рубин. Приказната почнува во Трст, во 1991 година, кога Деко – Дејан Шкартов, замина во Италија, натоварен во воз со велосипед, ранец и синтисајзер, барајќи подобра иднина, оставајќи ја зад себе Југославија, која штотуку беше почнала да се распаѓа. Војна на прагот. Време кога луѓето од неговата возраст беа носени на нечии туѓи фронтови, вовлекувани во туѓи војни. Решил да си ја проба среќата во Трст, кај тетка му. Поминале месеци, почнал да работи по нешто – да пазарува за болни пензионери.. – откако видел дека дошол во земја каде што не е созреан моментот за неговата музика. Набргу ќе прочита напис во весник. Во Бразил се бараат земјоделски инженери, токму како него –  високообразован овоштар. Набргу тропнал на вратата на Примо Ровис, славен кафе-магнат од Трст, почесниот конзул на Бразил.

„Имавме куса средба. Зборувавме за војната во Југославија, кој сум, од каде сум. И самиот бил дете на војна, се доселил во Трст во времето на Втората светска војна. Рече дека идејата за Бразил не е толку добра како што изгледа на прв поглед. И негови роднини заминувале од Бразил. Не вети ништо, но, зема мој контакт“, ни раскажа Деко, додека ги гледавме првите зафати со машината врз камчето необработен рубин.

Не поминало многу време. Повик од секретарката на г. Ровис. Да дојде на разговор. Имало некаква работа – требало да се уредува дворот на куќата на семејството Ровис. Ангажманот бил прилика да се запознаат подобро и, неколку пати му бил продолжуван. Во очите на семејството Ровис, Дејан е се’ повеќе бил работлив, благороден човек, на кој можат да се потпрат за многу работи. Токму тогаш ќе се случи пресврт.

„Одеднаш, г. Ровис реши да го продаде бизнисот со кафе и да почне нешто ново. Нарача два контејнера со скапоцени камења, кои требаше да ги средиме, камче по камче. Така се роди љубовта кон кристалите“, се сеќава Деко.

Во годините што ги поминал таму, работејќи како човек што се грижи за колекцијата Arte di Dio, научил многу за природните својства и терапевтското дејство на кристалите. Но, уште од почетокот, кога дошол во Трст, бил решен да се врати во Македонија.

„Некако не ме сфаќаа сериозно кога реков – си одам дома. Дојдов, во 2001 година и, го отворивме дуќанчево. Решив да го пренесам овде искуството што го стекнав таму со кристалите“, се сеќава.

Како што минувало времето во дуќанот, луѓето што доаѓале се’ почесто почнале да му повторуваат една идеја, на која на почетокот гледал со недоврерба: во Македонија, кај Прилеп има рубини. Му се чинело дека луѓето шират неосновани гласини за нешто што личи на рубин. Но, муабетот се повторувал се’ повеќе. Еден ден решил. Ги употребил познанствата од Италија, набавил машини, побарал совети – и почнал.

Пред очите го гледавме тоа што некогаш звучело невозможно. Стоиме во работилницата исполнета со разнобојни камчиња, кристали со фасцинантни форми, со ѕидови излепени со влезници од концерти и слики од тапани „Премиер“ по кои мечтае Влатко – пријател од некогашните бендови, со кого денес Деко реже камчиња. Пред нас се режеше македонски рубин. По неколку минути, во рацете имавме рубин со форма на срце.

„Македонскиот рубин денес е препознатлив и би можел да биде елитен дипломатски подарок од Македонија. Македонија доби свој национален скапоцен камен, какви што се жадот за Кина, или опалот за Австралија. Нашата идеја е сево ова, што го работиме сега во оваа мала работилница, еден ден да се работи на отворено, како туристичка атракција, каква што е фабриката за дијаманти во Амстердам“, ни рече Деко.

Како промоција на македонскиот рубин, подароци од розевиот камен од Македонија добиле неколку важни луѓе од светот, како Папата Бенедикт 16, големиот индиски јоги Paramhans Swami Maheshwarananda – Swamiji и холивудската актерка Daryl Hannah и најкусиот актер на светот Варвик Дејвис.

Во литературата што ни беше достапна, рубинот е опишан како „метафизички камен на љубовта и мудроста“. Низ историјата важел за кралски скапоцен камен, кој го носеле кралевите, кралиците и свештениците. Според Katrina Raphaell, еден од најеминентните кристалотерапевди во последните 20 години, македонскиот рубин е скапоцен камен кој има моќно исцелителско дејство врз енергетскиот центар на срцето. На тоа упатуваат и учењата на древната индиска ayurvedic medicine, според кои the pink gemstones поволно влијаат врз енергетскиот центар на срцето и го го урамнотежуваат протокот на енергија во него.

„Кога тој центар е во баланс, човекот може да чувствува и дава повеќе љубов. Урамнотеженоста во чакрата Анахата прави човекот да биде и да остане човечен. Дали можеби таквото влијание на македонскиот рубин прави токму така не’ доживуваат луѓето што ја посетуваат нашата земја – како гостопримливи, полиглоти и ненасилни?“, гласно размислуваше Деко, додека разговаравме седнати на скалите пред неговото дуќанче.

Дали и другите забележуваат колку е во Прилеп и Прилепско често необичното име Рубин, Рубинчо? Можеби ни денес не сме баш сигурни, но, овојпат имаме теорија.

Текст и фотографии: Васко Марковски

Коментари