Водич низ СКОПЈЕ

„Скаменетите свадбари“ во Куклица

Помина најдолгиот месец во годината. Гледајќи го сонцето, кое што деновиве иако со „заби“ ни е постојан придружник, можам слободно да кажам дека пролетта ни е блиску. Токму поради тоа сметам дека е време да почнеме да правиме „must visit list“. Затоа ако ви треба идеја за викенд прошетка, мој прв предлог е селото Куклица, близу Кратово, каде ќе ги најдете камените кукли. Во регионот на Осоговието на осум километри северозападно од Кратово се наоѓа една од најубавите природни реткости во Македонија, Куклица. Станува збор за уметничко дело на природата кое е старо над 50 илјади години, настанато со вертикална ерозија на меките вулкански карпи.

kuklica2

Локалитетот „Камени кукли“ е всушност комплекс на повеќе стотици камени фигури каде природата направила ремек дела несвојствени ни за најкреативниот човечки ум. Камениот град Куклица е место на кое фигурираат 120 помали и 15 поголеми камени столбови.

kuklica3 kuklica1

Тие се навистина изненадувачки природен феномен, а настанале под влијание на ерозијата и климатските промени кои се одвивале во минатото на овој терен. За странците е познат како Камениот град, кого го прати интересна легенда, која нема да ве остави рамнодушни и ќе ве натера да го посетите овој локалитет.

Легендата вели дека многу одамна во селото Куклица се случила голема трагедија. Момчето, во кое една девојка била бескрајно вљубена, се оженило со друга, поради што разочараната девојка ги проколнала младенците. Кога дошол свадбениот ден, навидум се било во ред: се собрале сватовите, стасале и другите гости, веселбата почнала. Во моментот кога младенците се бакнале, клетвата се остварила и сите свадбари се скамениле. Скаменетите свадбари и денес сведочат за гневот и за болката на несреќната девојка. Меѓу локалните жители местото е познато како „Весела свадба“ зашто сватовите останале насмеани, а младенците се скамениле во нежна прегратка.

kuklica5

Со малку фантазија, секој посетител може да си ги дополни празнините во приказната, бидејќи не се знае што се случило со девојката што ја фрлила клетвата. Мештаните раскажуваат дека нивните предци се обиделе да ја растурат клетвата на вљубената девојка, но не успеале. Исто така, кажуваат дека на секои 5 до 6 години, и во Горно и во Долно Маало, двата локалитета што се поделени со еден рид, никнува по една нова фигура. „Највпечатливи се невестата и младоженецот, кои се придружени од деверот и деверицата. Тие се најголеми и се гледаат еден со друг во очи“, кажуваат селаните.

kuklica4

Сепак треба да се спомене и научниот аспект кој е сосема спротивен. Имено, научниците тврдат дека камените кукли се создале уште пред да се појави каква било населеност на планетава, и тоа од вертикална ерозија на вулкански карпи.

kuklica_cover

Кратово, односно селото Куклица е најпознато по карактеристичните ерозивни форми наречени земјени пирамиди или камени кукли за кои научниците велат дека се создале пред 10 милиони години. Вертикалната ерозија на вулканските карпи создала „кукли“ повисоки од десет метри, кои и денес доминираат во питомата околина. Со тек на времето природата од нив извајала ретки ремек-дела.

kuklica6

Овие процеси, кои почнале пред десетина илјади години, продолжуваат и денес, така што некои земјени пирамиди постепено се уништуваат, а други се создаваат. Со тоа, пирамидите перманентно го менуваат својот облик, но тој процес е бавен и не може да се забележи за еден месец или една година. Феноменот земјени пирамиди или камени кукли, во светски рамки претставува ретка појава и за нивно создавање треба посебни геолошки, геоморфолошки, климатски и вегетациски услови. Тоа особено се однесува за добро изразените, типични појави како во Куклица. Затоа овој локалитет е заштитен како природна реткост. Воедно тука не треба да се преземаат активности би го загрозиле локалитетот, поединечните форми или со кои ќе се намали амбиенталната вредност и природниот изглед на просторот.

kuklica7

Природен феномен или легенда, оценете сами, но во секој случај додадете ја Куклица на Вашата листа за пролетни викенд екскурзии.

Текст и фото: Кристина Ангелеска

Коментари