Понекогаш се расправаме чија е мусаката, сармата или баклавата, потоа дали правилно се вика донер или гиро. На крајот сепак заклучуваме дека без разлика кој ги измислил, тие се дел од традицијата на сите нас и уживаме додека ги консумираме.
Нашите кујни изобилуваат со вкусни јадења, без разлика дали некои се среќаваат во сите земји или се специфични за само еден регион, дури и за едно село. А дали и колку претеруваме со нив?
Според последниот извештај на Светската агенција за храна (ФАО) на Обединетите нации, 20,5 отсто од населението во Јужна Европа е со прекумерната тежина. Овој проблем е најмал во Грција (17,5 отсто), а најголем во Турција (29,3 отсто), додека Македонија е некаде на средината со 20,3 отсто.
Инаку, американските медиуми славенички го пренесоа извештајот на ОН бидејќи со него се покажа дека нивната земја веќе не е најдебела во развиениот свет.
Мексико ја презеде таа титула со 32,8 отсто дебели луѓе, а САД се на второто место со 31,8. За среќа, не учествуваме во тој натпревар, но очигледно сме далеку од најдобрите. Јапонија има убедливо најмал проблем со дебелината меѓу развиените држави, само 4,5 отсто Јапонци се со прекумерна тежина.
Индија и Бангладеш, пак (кои се сметаат за неразвиени региони според извештајот, а статистиката се води одделно), имаат само 1,5 односно 1,1 отсто дебели луѓе.
Многу калории, многу зачини, обилни оброци и задолжителна дремка по јадењето. Тоа се нашите обичаи. Тие ли ги ни создале потешкотиите поради дебелината? Па, не баш. Ако се прочитаат експертските анализи во врска со овој проблем ќе се дојде до поинаков заклучок – не е виновен традиционалниот животен стил, туку западниот, кој се` повеќе се прифаќа со развојот на општеството. Тој носи брзо јадење, нередовни оброци, стрес, а поради сето тоа помалку обрнуваме внимание на квалитетот на храната.
Екипата на Балкон3 ви посакува уште долго време да уживате во вкусните и пред се` квалитетни специјалитети од Македонија, Грција и од Турција. Но внимателно, и без претерување.
Автор: Гоце Трпковски