Европскиот филм десет дена ги „окупираше“ скопските кино сали. Љубителите на седмата уметност имаа можност да уживаат во седумдесетина филмови меѓу кои најголемо внимание привлекоа режисерските остварувања на Вуди Ален, Ларс Фон Трир, Александар Сокуров, Педро Алмодовар. Фестивалот на европскиот филм „Синедејс“ и даде шанса на европската кинематографија да ги измери мускулите со „брзите и бесни“ холивудски блокбастери.
„Главниот фокус е на актуелни филмови кои се продуцираат на европско тло и е насочен кон млади автори кои имаат снимено еден или два филмови и кои претендираат во блиска иднина да станат нов Вендерс, Фон Трир или Сокуров. Станува збор за филмови кои можеби на прв поглед не се толку интересни или примамливи, но на пример минатогодишниот победник „Кавасаки рози“ на Јан Хребејк потоа беше победник и во делот Панорама на Берлиеналето. За таа цел е избрана и гала програмата, која оваа година, според филмофилите е ѕвездена. Сите филмови што значеа нешто на Берлиеналето, Санденс, на фестивалите во Кан, Венеција, Карлови Вари ги имавме тука, вклучувајќи ги и делата на големите Вендерс, Фон Трир, Каурисмаки, Алмодовар, Кроненберг, Вуди Ален“, вели Златко Стефковски, директор на Младинскиот културен центар, кој е носител на проектот.
Со „Синедејс“ европскиот филм ја доби шансата која ја заслужува. И верувајте, ја искористи. И на најпребирливите филмски гурмани им понуди богато мени „по рецептот на старата дама“, токму како што стои на плакатот за фестивалот. Или како што пишува филмологот Илинденка Петрушева во својот осврт кон „Синедејс“:
„Момците и девојките од МКЦ знаеја дека Холивуд е – клише, бизнис! Уметноста на филмот е некаде другаде… Оти, европскиот филм не е само географска одредница!
Филмови со доминантно уметничка мотивација, филмови во движење, филмови во потрага по различности, филмови со многуслојни значења, филмови со интригантни ракописи, филмови со нова свежина надвор од уметничките граници на минатото и сегашноста… Европски филм – тоа е разбранувано море на авторски кинематографии коишто се борат како сонот да го престорат во стварност.“
Според Стефковски, борбата за публика со скапите холивудски остварувања и маркетинг машинериите на големите студија е можеби однапред изгубена. Сепак се почестите ревии на филмови од различни европски кинематографии и интересот на публиката за нив се доказ дека нема предавање.
„ Холивудските блокбастери се продаваат уште пред да започнат да се снимаат и војната е изгубена од почеток. Пазарот за нив е огромен, влијанието е огромно. Тоа е една полесна филмска индустрија. Таа индустрија е повосприемлива и полесно читлива за пошироката публика, а европскиот филм е со далеку, далеку помал буџет, но сепак тоа се филмови кои оставаат траен белег. Далеку од тоа дека блокбастерите како на пример Роки или Рамбо не остануваат трајно, но вистинските вредности се во вистинските европски филмови, како што беше на почетокот шпанскиот режисер Буњуел или останати големи имиња како Јиржи Менцл и Кшиштов Кишловски кои се вистинските класици не само во европскиот туку и во светскиот кинематографски опус.“
Фестивалот кој започна пред десет години, скромно прифаќајќи ја иницијативата на Педро Алмодовар за создавање паневропски филмски фестивал, прерасна во значаен белег на културното живеење во Скопје.
„Синедејс се издвојува од останатите филмски фестивали во земјава по тоа што се одликува со специфично третирање на европскиот филм и европската кинематографија“, објаснува Стефковски.
Наградата Златна ѕвезда за најдобар филм во официјалната конкуренција ја освои австрискиот филм „Лурд“ во режија на Џесика Хојснер. Публиката имаше можност да ги види и добитникот на Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, „Во подобар свет“ на Сузан Биер, „Л’Авр“ на Аки Каурисмаки, „Полноќ во Париз“ на Вуди Ален, „Фауст“ на Сокуров, „Кожата во која живеам“ на Алмодовар, „Меланхолија“ на Фон Трир, „Хабемус папам“ на Нани Морети итн. На фестивалот беа прикажани и четири македонски филма: „Девојчето со кибритчињата“ на Филип Матевски, „Луѓе без земја“ на Марко Ѓоковиќ, „Митот за Сара“ на Саша Станишиќ и „Образ“ на Стефан Сидовски. Селектор на главната селекција беше Германецот Бернд Будер, додека жирито го сочинуваа британскиот филмски критичар Нил Јанг, хрватскиот режисер Огњен Свиличиќ и македонскиот режисер Даријан Пејовски.
Покрај седумдесетината проекции во пет кино сали, во рамките на фестивалот се одржаа и работилници и предавања, како и десетина концерти на изведувачи од Македонија и неколку други европски земји.
Мирко Трајановски