Насилството меѓу децата и тинејџерите од училиштата и улиците се префрли на социјалните мрежи. Интернетот стана простор за задевање, заплашување и исмевање. Токму оваа проблематика е тема на 4-минутниот анимиран филм „Силеџија“, развиен од страна на фондацијата „Метаморфозис“, во рамките на проектот „Приватност на интернет на лесен начин“.Филмот е наменет за тинејџери и има верзии на шест јазици: македонски, албански, англиски, турски, ромски и француски јазик. За идејата за филмот „Силеџија“, но и за сајбернасилството како појава која зема се поголем замав меѓу младите, разговаравме со Ирина Шумадиева, проект координатор во „Метаморфозис“.
Колку приказната која е прикажана во филмот „Силеџија“ е честа појава во реалноста? Дали може да се направи некаква споредба помеѓу Македонија и другите земји од регионот со земјите од Западна Европа и САД?
– Приказната е всушност базирана на вистински случки за кои сме слушале од самите ученици за време на средбите со нив кога обично разговараме на овие и други теми кои се однесуваат на нивната безбедност на интернет. Тоа е всушност едно типично сценарио, кое во реалноста веројатно би изгледало уште пострашно. Оваа приказна има среќен крај, за да биде истовремено и реална и поучна, односно таа го прикажува препорачаното сценарио по кое треба да се води жртвата доколку се најде во ваква ситуација. Во реалноста за жал, само 20-30% кажуваат дека воопшто биле жртва на сајбернасилство (Брошура за сајбернасилство: http://crisp.org.mk/component/option,com_docman/task,doc_details/gid,59/Itemid,38/lang,mk/).
Оваа појава не е нешто што е во релација со територијалната поделба на Земјата. За среќа, овде во Македонија навреме го покренавме ова прашање, работевме со деца, со наставници и со родители, па делувавме на развојот на свеста. На некој начин, ја пресретнавме појавата додека уште беше во рана фаза. Во светски рамки пак, имало случаи со катастрофални последици, кои ги воделе жртвите во состојба на сериозна повлеченост од средината, тешка депресија, па дури и нагон за самоубиство.
Многумина ќе се сетат на детето од Војна на ѕвездите кое се снимало во училиштето додека репродуцирало сцена од Војна на ѕвездите, мавтајќи со палка за голф во улога на меч. Откако неговите пријатели го откриле видеото и го поставиле на интернет, тоа брзо се рашири, со избројани 900 милиони прегледи во периодот од 2003 до 2006 година. И тоа, зборуваме за ерата пред појавата на Јутјуб во 2005. Толку многу прегледи, коментари и ремикси се произлезени, што младината заборава дека додека исмева некого и си го прави животот поинтересен, всушност уништува нечиј друг. Тогаш, момчето по име Гајслин Раза мораше да го заврши своето образование во психијатриска установа, а случајот познат оригинално како „The Star Wars Kid“ е феномен и прв случај на масовно консумирано онлајн видео, како и најсилно нарушување на приватноста на интернет забележано во новата ера.
Дали главната причина за растот на сајбер насилството може да се лоцира во брзиот подем на социјалните мрежи и масовната „зависност“ на младите од нив?
– Секако дека има големо влијание. Имено, ако некое дете е навредувано или исмевано на Фејсбук, а притоа тоа ретко кој го чита, проблемот би бил помал, но знаејќи ја моќта на социјалните мрежи во однос на брзото ширење на содржините кои се споделуваат преку нив, како и фактот дека имаат голем број корисници, ја прави работата далеку посериозна. Но, тука мора да се додаде и фактот дека голем број деца доста рано и недозволено (под дозволената возрасна граница) стануваат корисници на социјалните мрежи, без да бидат надгледувани за тоа од нивните родители или наставници. Исто така, мобилните телефони кои се веќе во сопственост на 90% од децата кои ги посетуваат погорните одделенија во основно училиште (според мини-истражување на Метаморфозис) додаваат масло на огнот. Сајбернасилството преку интернет се одвива паралелно и интензивно и преку мобилен телефон.
Дали во Македонија има некаква статистика за случаи на сајбер насилство и дали постои законска регулатива за спречување на ваквата појава и санкционирање на насилниците?
– Секако дека постојат случаи на сајбернасилство и во нашата земја. Некои од нив се евидентирани од Дирекцијата за заштита на личните податоци и случаите се пренесени до јавноста преку медиумите и преку веб-сајтот crisp.org.mk. Сајбернасилството во некои случаи е тешко да се докаже, но со материјални докази, може да се изведе правдата на виделина.
Дали почести жртви на сајбер насилство се момчињата или девојчињата? Дали има одредена возрасна група каде оваа појава е најчеста?
– Жртви можат да бидат и момчињата и девојчињата подеднакво, со тоа што според некои статистики, женските почесто ги пријавуваат ваквите случаи. Најчесто оваа појава се случува помеѓу врсници на возраст 12-17 години, но не е исклучена појавата и надвор од оваа возрасна рамка (Податоци од 2012: http://www.covenanteyes.com/2012/01/17/bullying-statistics-fast-facts-about-cyberbullying/).
Што може да преземат жртвите на сајбер насилство за да се заштитат?
– Прво и основно не треба да молчат. Треба да ги известат родителите, а потоа заедно со нив да ги посетат одговорните во училиштето доколку се работи за случај во кој е вклучен соученик или повеќе соученици. Доколку се работи за некаква форма на нарушување на приватноста на интернет, можат заедно да се обратат до Дирекцијата за заштита на личните податоци, а за потешки случаи, треба да се контактира и полицијата. Она што е најважно во ваквите случаи е да не се одговара на сајбернасилството со насилство, да се пријави несоодветно однесување и да се чуваат сите докази на злоупотреба на приватноста на жртвата и нејзиниот углед (имејл пораки, коментари, СМС-пораки, видеосодржини, фотомонтажи и сл.).
Мирко Трајановски