Водич низ СКОПЈЕ

Шеш беш или дубара

Две коцки, 30 пулови, малку повеќе слободно време и забавата може да трае со часови. Додека безгрижно ги тркалате заровите убедени дека и покрај лошата среќа вие сте најдобриот во вашето маало, капирате дека играњето табла е многу повеќе од обична забава. Тоа е игра која како никоја друга може да се пофали со култен статус на национален спорт, особено на Балканот, каде и по неколку милениуми со истиот жар сеуште се врти табла.

Независно дали се наоѓате низ скопските кафулиња во Дебар Маало, чајчилниците во Стара Чаршија, на одмор во Скиатос, шопинг во Солун или на викенд во Истанбул, ретко кој може може да остане рамнодушен на звукот на заровите. Некои ќе речат дека тоа е најиритантното нешто што го чуле во животот, но тоа можат да го констатираат само оние кои никогаш не седнале да изиграат ниту една партија.

 

 

А, таквите сигурно ги има малку. Ако ништо друго барем некогаш се нашле во средина во која се игра табла. Кај нас речиси и да нема парк, кафеана, двор во кој нема да сретнете витешки двобој во надмудрување и убедување кој е подобар. Првите пишани документи за таблата потекнуваат пет илјади години пред нашата ера, а се откриени во денешен Иран. Нив вековите преку Римските освојувања, се шири низ целиот дотогаш познат свет. Денес се игра табла на сите континенти во скоро сите земји во светот во безброј варијации. Она што е тренд последниве години е се позачестеното играње табла онлајн.

Тоа и не треба да зачудува со оглед на популарноста на веб игрите, меѓу кои оние на Фејсбук, но и на шахот,покерот или бриџот. Благодарение на големите наградни фондови, светските првенства, се поголем е бројот на играчи кои наместо играњето со своите пријатели, во опуштена атмосфера со пиво или кафе, се обидуваат на интернационално, а не само на комшиско ниво да ја покажат својата умешност во играње табла.

Многумина пасионираните олд скул играчи сметаат дека магијата да се игра во четири очи е незаменливо искуство, кое не може да се замени со кликање на тастатура и маус.  Сепак, тоа не го намалува се поголемиот бројот на интернет играчи кои најверојатно во недостаток на добра екипа се одлучува да си најде виртуелни онлајн партнери и да се испроба со нив.

Во однос на заработувачката, покрај интернетиграњето покер, кое го држи приматот на игра каде се вртат најмногу пари, таблата котира прилично високо. Ова е препорака до сите оние маалски експерти кои се повеќе стануваат осамени во својата пасија да вртат табла пред зграда,  да се испробаат и ако ништо друго барем да се обидат да заработат нешто.

Да се спои корисното со забавното е главниот императив. Единствено што може да им   недоставува е магичниот звук на коцките додека се обидуваат да го победат својот најголем конкурент.

 Зоран Зафировски

Коментари

Тагови: