Адреналин, природни убавини, вкусно гравче. На 30-ти јуни 2013 година, на падините на Шар Планина, по седми пат се одржа маратонот во планински велосипедизам „Шарски води 2013“. Станува збор за исклучителен планински предел, богат со многу извори, мали рекички и водотеци, но и ретки природни убавини, идеални за рекреативен планински велосипедизам или планинарење. И покрај најавените влошени временски услови за време на одржувањето на трката, повеќе од 250 вљубеници во планинскиот велосипедизам и природата се појавија на стартот на ски-центарот Попова Шапка.
Речиси сите учесници ги поминаа предвидените 95 километри и стигнаа на целта во селото Вруток, каде што се наоѓаат изворите на Вардар. Таму, во непосредна близина на изворот Вруток, им беа врачени медалите на победниците, а трката симболично заврши со традиционалното гравче. Трката е веќе традиционална, а желбата на организаторите е догодина на Шар Планина да возат велосипедисти од целиот регион.
Автор: Балкон3