Малиот Селдо од Македонија продолжува да ниже големи спортски успеси на мразот во Италија. Осумгодишниот Селдин Салиу, кој потекнува од македонското село Требиште, го освои третото место во уметничко лизгање на големиот Куп на Италија кој се одржа кон крајот на март.
Селдо со своите родители и малото братче Лиман живее во гратчето Фелтре во Италија. Досега во оваа земја, каде и научил да лизга, има освоено многу награди, но третото место на Купот на Италија е многу значаен успех за него, ако се земе предвид дека станува збор за натпреварување на национално ниво. Осумгодишното момче е скромно иако досега многупати се искачилo на подиумот и освоилo голем број признанија.
Третото место го освои со извонредниот настап и со одличната кореографија, а интересно е што за својот настап ја одбра музиката од филмот „Враќање во иднината“. Целото семесјтво е пресреќно што Селдо успeа да се искачи на пиедесталот. Ако се земе во предвид дека другите две момчиња кои ги освоија првото и второто место се повозрасни од Селдо тогаш неговиот успех е уште позначаен.
– Многу сме задоволни од овој успех на државно ниво. Што ќе се случи понатаму оставаме да покаже времето, а се разбира да одлучи и самиот Селдо. Го поддржуваме во неговите одлуки, а во исто време сакаме да си го помине детството како и секое друго дете на негова возраст, велат неговите родители.

Селдо на победничкиот пиедестал
Балкон3 неодамна ја објави приказната за малиот шампион од селото Требиште. Текстот за Селдо предизвика огромно внимание и беше пренесен од неколку медиуми во Македонија и во Италија.
Настапот за кој Селдин Салиу го освои третото место можете да го погледнете на следниот линк: https://www.facebook.com/photo.php?v=10200432488088863&set=vb.1656160187&type=2&theater.