Сакате да летувате во Турција, но истовремено сакате тивко и мирно место. Балкон 3 ви нуди прекрасна алтернатива. Повелете во Сеферихисар.
10:00 часот наутро. Место Истанбул.
Патуваме за Сеферихисар, главниот град на „тивките“ градови во Турција. Од Истанбул до Сеферихисар во текот на летото само две фирми имаат директна линија. Во текот на зимата се патува преку Измир. За тие што мислат да патуваат со автобус патот е следниот. Од Ескихисар до Јалова се стигнува со ферибот, потоа следува автобуската станица во Бурса, пауза за ручек во Сусурлук, посета на Акхисар, земјата на маслинките, а во 18:30 стигнувате на автобуската станица во Измир. Од Измир до Сеферихисар, пејсажот е страствен, патиштата се празни.
Конечно во 19:20 пристигнувате во Сеферихисар. Туристите најчесто ја посетуваат областа од мај до септември. Покрај тоа, Сеферихисар е место каде што се снимале и голем број од популарните телевизиски сериии.
Следното утро започнуваме да го истражуваме градот. Првата дестинација ни е калето „Сигачик“. На самиот влез покрај синото море се наоѓа калето Сигачик кое датира од времето на Сулејман Величествениот. Исто така, тука може да се забележат пристаништето за јахти, рибните ресторани, една огромна фигура на Полжав (тивок град) и бистата на Ататурк.
За ентузијастите кои сакаат да ја видат подводната убавина, да нуркаат и за тие што сакаат да ловат риби со копје се организираат патувања до другите заливи.
Еден ден во текот на неделата, во Сигачик се поставува пазар каде што се продаваат локалните занаетчиски производи. Задоволство е да се видат жените кои учествуваат во трговијата на активен начин. Од тука продолжувам кон улиците на Калето.
Во калето влегуваме преку една голема дрвена врата. Веднаш на влезот се среќавате со тесните улички, едноспратни и двоспратните куќи изградени од ќерпич наредени една до друга.
Можеби е од топлото време, но во местото можам да забележам само неколку бабички кои со тажни и осамени очи гледаат надвор од ниските прозорци, или пак наведнати бабички, кои се обидуваат да чистат пред вратата на ќуката… Се прашувам, каде се децата? И колку е прифатливо сами да ја водат борбата за живот, без никаква помош. Sе приближувам до една бабичка и ја поздравувам. Кого барате ми вели бабичката со сини очи. Се чуствува заморот од годините, според мојата претпоставка, бабата е некаде на околу 80-годишна возраст.
Не слуша добро, буквално се довикуваме меѓу себе. И велам дека сум турист и дека сум дојдена од Истанбул за да го прошетам местото. Бабичката ми вели, добро си направила ќерко… „Во калето има два главни патишта, ќерко. Било од кој пат да одиш, на крајот е излезот од калето, а пред тебе ќе се појави морето. Ако излезеш од вратата и се искачиш нагоре по скалите ќе го видиш прекрасниот пејсаж на Сигачик.“
И се заблагодарив на бабата за објаснувањето, но срцето не ми дозволуваше да си заминам. Како да копнеев за муабет со бабичката. Иако тешко се движеше ме придружи два – три чекори, не можев да оддолеам и ја прашав. „Бабичке, сама ли живееш тука? Немаш ли никого?“ Наидов на една тажна приказна. Бабичката по потекло била од Измир, мајката ја изгубила на многу рана возраст, починала на 40-години. Шест месеци подоцна татко и се оженил со друга жена, а нејзе на само 15- годишна возраст ја омажил за некој човек на возраст од 30 години, кој никогаш пред тоа не го видела. Таа во Сеферихисар дошла како „дете невеста“. Од бракот има син и ќерка, синот живее во Истанбул, ќерка и во Измир, а мажот и починал.
Би сакала да седнам и да ја слушам со денови, но има доста места што треба да се посетат. Се збогувавме, а јас продолжив за да ја посетам историската џамија во Сигачик.
На ред е античкиот град Теос. Таму можете да одите со такси или пак со свој автомобил, потребни ви се 15-20 минути. За жал во античкиот град веќе не можете да најдете историски споменици, голем број на статуи од лав и змија се украдени изминатите години. Сепак последните години ископувањата добиле интензитет и затоа веруваме дека еден ден повторно ќе можеме да ги видиме античките дела. Теос е едно од најстарите населени места во регионот, еден од 12-те јонски градови во областа, која прва го прифатила христијанството, и активен религиозен центар, каде што истовремено живееле пет светци.
Старите куќи и бетонските згради кои се наоѓаат во центарот, му даваат живот на градот. Во центарот како симбол на „Тивок град“, има статуа на полжав. Како да ве поздравува и како да вели„Добродојдовте во мирниот свет“.
Старата зграда на општината е пренаменета во селски пазар. Просторите се поделени на производителите, без надоместок. Влегувам внатре, има изложба на слики и ќерамички дела. Делата се со возбудлива убавина. За моја среќа тој ден беше пазарен ден. Производите се свежи и органски, не можам да оддолеам и ги полнам торбите.
Следниот ден имав можност да се сретнам со успешниот и полн со визија, градоначалникот Тунч Сојер. Неговата најголема инвестиција е добивањето на етикатата за „Тивок Град“. Сеферихисар е првиот град од Турција кој е зачленет во таа меѓународна заедница. Моментално во Турција има десет града со етикетета „Тивок град“.
Остатокот од денот го поминав на хотелската плажа, дуваше тивко ветренце, ги слушав звуците на брановите, уживав во топлото егејско сонце. Навечер во 22 часот, од централниот автобуски терминал започна моето патување за враќање назад во Истанбул.
Ако еден ден патот ве однесе на Егејот, немојте да пропуштите да го посетите убавото гратче Сеферихисар. Госпопримството, природни убавини, прекрсаното море, златните плажи, сонцето, ветрот, историските убавини и популарните топли извори ве очекуваат.
Гулшах Џенгиз