Водич низ СКОПЈЕ

Зијан: Се уште добро се забавуваме на сцена

Зијан – интервју

Добро познатата гитарска мелодија го распара тешкиот дојрански воздух. За само дел од секундата беше придружена од извици на воодушевување на неколкуилјадната публика, која во еден глас почна да ги пее стиховите „Запеј, запеј бистра водо и ти сонце мило, златно. Запеј птицо и понеси песна нова, мака стара…“.

Бев дете кога се појави „Пушти коси“ и на гевгелиската група Зијан и го „заработи“ статусот на рок легенди. Сега, дваесетина години подоцна, имав задоволство да разговарам со двајца од основачите на групата, Ацо Митрев и Коце Динев. Интервјуто го направивме по нивниот настап на Д Фестивал, кој се одржа минатиот викенд во Дојран. Скромни и непосредни, раскажуваат за нивните почетоци, најголемите успеси, идните планови.

– Зијан постои од 1980 година кога тргнавме на студии во Скопје. Ние пред тоа имавме друга група, која се викаше Трета смена, но се прекрстивме во Зијан. Од тој период би ги издвоил настапите на рок фестивалите во Младинскиот културен центар во Скопје, вели Динев. 

Тој е автор на антологиската „Пушти коси“. Вели дека песната настанала во еден здив, но на почетокот воопшто не очекувал дека ќе прерасне во рок – „евергрин“.

– Тоа беше, што се вели, песна „од ракав“. Интересно е што сосема случајно ја снимивме. Имавме договорено снимање за МТВ и ги имавме сите песни што ни беа потребни. „Пушти коси“ влета последна како аутсајдер, но на крајот излезе една од најуспешните на албумот. Песната си остана, добра е, искрена, проста песна.

Сепак Зијан не се само „Пушти коси“. Публиката добро ги памети и „Еј остани“, „Деца бевме“, „Елизабет“, „Обична песна“, за кои сеуште се пишува по музичките форуми и на Youtube. Сите членови на групата важат за одлични инструменталисти, што во 1987 година им ја донесе победата на познатата Гитаријада во Заечар. Сепак, се сеќаваат дека не било лесно да се пробиеш и да бидеш препознаен на тогашната југословенска сцена.

– За нас од Гевгелија, беше тешко беше и во Скопје да се дојде до некаква снимка, некој медиум и ние практично не дојдовме до снимка во Скопје, се додека не победивме во Зајачар, во Суботица. Тогаш си рекоа: овие веројатно се добри, раскажува Митрев. Динев се надодава: Во 1990 година го снимивме албумот и помина како што помина. Тогаш почнаа да се отвораат студијата, инаку пред тоа беше навистина тешко да се влезе во МТВ и да се снима.

Како со нетрпение да го очекуваа прашањето дали планираат нешто ново и дали овој концертен настап во Дојран е најава за повеќе живи настапи и можеби нови песни.

Митрев: Мислам дека веќе е дегутантно да говориме за тие фестивали и гитаријади, треба да видиме што можеме сега да направиме. Интересно е што сеуште добро функционираме на сцена, добро се разбираме, а имаме и млади сили во групата. Тоа се двајцата синови на Коце, кои се одлични музичари.  Едниот е гитарист, а другиот тапанар и мислам дека треба да им дадеме шанса.

Динев: Постојано ни се јавуваат организатори, кои слушнале дека ќе свириме на Д Фестивал и ни викаат „Еј Зијан зар уште свирите?“ и не бараат така што ќе мора да ги задоволиме нивните барања.

Митрев: Ние добро се забавуваме на сцена пред се. Трошиме огромна позитивна енергија и мене тоа ми е доволно. Нашиот план е само добро да свириме, а може и да изненадиме со нешто ново.

Мирко Трајановски

фото: Александар Семенпеев

 

Коментари