Интервју со Милош Најдановиќ – Балканрок за Балкон3
Балкан рок е магична приказна. Форум на љубители на рок и хеви метал музика кој прераснал во веб магазин чија мисија е место под сонцето покрај светските изданија како „New Musical Express“, „Rolling Stone“, „Q“ и „Mojo“. На патот до успехот ги следат илјадници верни рокери со мотото дека секое големо остварување некогаш било само луда идеја.
Ретки се оние кои успеваат да ги сплотат љубовта и работата во едно. Таков совршен спој за жал е привилегија на малкумина. Но, кога ќе се случи, приказната обично трае. Една таква љубов веќе пет години се крие зад рокерското веб остварување Балкан рок (www.balkanrock.com). Највлијателниот специјализиран онлајн магазин за рок и хеви метал музика во соседна Србија, верно го следи публика од околу девет илјади љубители на овие животно-музички правци. Зад форумот кој спонтано прераснал во респектирана веб страница стои група на млади ентузијасти на чело со сопственикот Дејан Диниќ. Денес, таму можете да прочитате најави за концерти, да уживате во свежи музички остварување, интервјуа со омилените бендови, да најдете пикантерии за рок сцената и биографии на светски и не толку светски имиња.
– Балкан рок е волшебна приказна. Во 2006 година функционираше како форум за љубители на рок и хеви метал музика. Дејан сакаше да направи собиралиште на истомисленици во чест на подзаборавениот белградски рок состав Каризма. Место на кое ќе се дружат љубители на оваа музика, но и музичари и млади бендови од Ниш. Ме повика да помогнам околу пишувањето на текстови и одржувањето на форумот. Приказната живееше се посилно со секој нов ден и сфативме дека можеме да направиме нешто поголемо и посилно. Така се роди www.balkanrock.com – зборува за Балкон3 главниот уредник на Балкан рок, Милош Најдановиќ.
Овој специјализиран медиум на почетокот претставувал само неафирмирани бендови и пишувал рецензии од локални концерти. Најдановиќ објаснува дека работат без профит, посветено и за своја душа.
– За нас зборот профит не постои. Во идејата влеговме без капитал и без намера да направиме капитал. Работиме дури со загуба, поради тоа што имаме трошоци за одржување на годишно ниво. Целиот тим е составен од дваесетина волонтери и функционира беспрекорно. Живееме за оваа приказна. Основавме и здружение на граѓани кое помага во афирмација на млади бендови за кои повремено организираме свирки и фестивали. Најголем успех досега ни е фестивалот „Медијана Балканрок“ кој во соработка со нишката општина Медијана го организираме две години по ред – вели дваесет и три годишниот Најдановиќ кој од својата седумнаесетта година пишува за музика.
Зад долговечноста на Балкан рок, според Најдановиќ стои верната публика и фактот дека се работи за специјализиран медиум.
– Само специјализираните медиуми можат да опстанат на Интернет. Општите портали и дневните весници секогаш ќе бидат читани и секогаш ќе имаат силни спонзори и лесно ќе успеат, но во ограничен број. Специјализираните медиуми се суштината на Интернетот. Да имате читатели, конзументи, кои трагаат по својата област на интерес и кога ќе наидат на сајт кој се занимава со она што го бараат чувствуваат припадност кон медиумот и редовно го посетуваат. Не само тоа, туку и учествуваат во креирањето на неговата содржина што овозможува максимална интеракција. Најголема потешкотија се секако парите. Но, има сајтови кои имаа спонзори, реклами и испаќаа хонорари, а немаа лојални новинари. Штом снема пари, сите си заминуваат со што полека тие приказни завршуваат – вели тој.
Најголеми успеси порталот бележи со серија интервјуа со светски ѕвезди од рангот на Били Кобам и Џон Лејтон и несреќната приказна на талентираниот Адам Бомб.
– Џон Лејтон го сретнавме во Димитровград. Човекот ја отвори душата и Балканрок беше првиот светски медиум кој доби конкретен одговор на прашањето зошто го напушти бендот „Uriah Heep“. Тоа е прашање на кое секогаш избегнуваше да одговори но, изгледа пријатната српска атмосфера го натера да се „исповеда“. Интересна е приказната како го направивме тоа интервју. Имавме договор со организаторите на концертот по завршувањето на музичкиот дел да не запознаат со Лејтон но, кога дојде време за тој дел исчезнаа. Среќа, Димитровград е мало место, па по многу брканици го најдовме во хотелот. Кога се претставивме беше воодушевен и со задоволство зборуваше со нас. Беше тоа ретко отворен разговор. Имаше многу неформални муабети, беше заинтересиран за политичката ситуација во земјата, но му ветив дека деталите ќе останат меѓу нас и не сакам да ја изиграм неговата доверба. Останавме пријатели до денес и повремено се допишуваме и разменуваме искуства – емотивно раскажува Најдановиќ
– Интересно беше да се разговара и со Били Кобам кој е еден од најценетите џез фјужн тапанари. Духовита личност е. Секогаш имаше некаква досетка, но даваше прилично сериозно одговори. Тоа интервју беше застрашувачко за мене. Додека бев дете татко ми редовно ми го пушташе неговиот „Spectrum“ и одеднаш оваа легенда седи спроти мене. Морам да признаам дека тоа ме уплаши малку, особено кога зборувавме за неговата соработка со Мајлс Дејвис – вели тој.
Една од најчитаните стории на www.balkanrock.com е потресната приказна на гитаристот Адам Бомб. Човекот кој никогаш не стекна светската слава отворено зборува за својата депресија.
– За нас тоа беше едно емотивно и тешко искуство. Групата „Kiss“ го одбива Бомб за аудиција затоа што е премлад, а бил цимер со Изи Страдлин од „Guns N Roses“, но и покрај тоа не свирел со нив затоа што Аксел Роуз се плашел да не го одбие ако го повика.
Зборуваше за тоа како го уништила издавачката куќа која му ветувала слава, а не добил ништо. Патува по Европа со својот бенд и за време на свирките прави паузи за лично да продава ливчиња за лотарија, маици и компакт дискови со што би заработил дополнителни пари.
Беше навистина потресно да се гледа таков талент како пали којзнае кој џоинт по ред и да се слуша неговата животна приказна. Никој од нас не беше рамнодушен додека со своите катран црни прсти од оганот од запалката објаснуваше дека ќе се занимава со рок додека не умре – раскажува Милош за Балкон3.
Горан Игиќ