Кој може да си дозволи канцеларија од 20 милиони квадратни метри? Дури и 20 квадратни метри може да бидат одличен работен простор, камоли нешто милион пати поголемо. Згора на тоа, не постои зграда во светот со толку многу работен простор. Таа површина е еднаква на педесетина најголеми облакодери, на пример. И никој не ја изградил, бидејќи е дело на природата.
Додека ние главно работиме преку недела и чекаме малку слободно време за да излеземе во природа, некои биле доволно среќни токму природата да им биде работното место. Во својата „канцеларија“ од 1.917 хектари, позната како парк на природата Езерани, работат Борче Лазаровски и Тони Џеповски, двајца од вкупно тројцата ренџери што го чуваат и го заштитуваат. Секој ден, тие барем по еднаш го обиколуваат ова вредно парче природа распослано покрај северниот брег на Преспанско Езеро, од селото Асамати, до населбата Сир Хан.
– Низ паркот се движиме со нашето теренско возило, или пеш каде што има потреба, и успеваме да направиме барем по една обиколка во денот. Имаме работно време, но често го пречекоруваме, бидејќи такви се потребите. Тоа што најмногу ме привлекува кај оваа работа е што работиме на отворено, во природа – ни рече Џеповски.
Паркот Езерани е едно од најзначајните места за птиците во Европа. На тоа мало парче земја може да се сретнат дури 42 отсто од европските видови птици. Како и секое водно живеалиште, тоа е портата меѓу копнениот и водениот свет, место каде што можат да се сретнат сите видови, и оние што пливаат, и тие што одат, а особено тие што летаат. Долги години Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) заедно со Швајцарската агенција за развој и соработка, со државните органи и со локалната самоуправа вложуваат големи напори да го заштитат ова парче. Ренџерската служба функционира веќе три години.
– Езерани е особено важно за птиците. Еден од најзначајните видови птици е белиот пеликан. Птиците најмногу го посетуваат паркот напролет, кога има многу поплавени ливади и изобилство од храна за нив. Сега повеќе се движат блиску до брегот – додаде Лазаровски.
Но тоа не значи дека паркот треба да се чува само кога птиците се во него. Нему му треба заштита низ целата година, за да може да ги зачува сите вредности. Освен тоа, тој не е важен само за светските летачи, туку и за самото Преспанско Езеро. Го помага прочистувањето на водата во езерото, како и одржувањето на неговиот биодиверзитет.
Што го загрозува паркот? Вообичаено, тоа се нелегалниот лов и риболов, ископувањето песок за во градежништвото, незаконското сечење дрвја или истурањето отпад. Тука Борче и Тони застануваат во негова одбрана. Тие не можат да го спречат користењето пестициди или загадувањето во околината на паркот, кое секако има влијание и врз природата внатре во него. Но директното уништување не може да помине.
Ренџерите се тие што ќе го застанат секој случаен минувач, не за да го избркаат, туку за да му помогнат. Ќе му укажат каде смее, а каде не смее да се движи заради заштитата на кревките екосистеми и ќе му помогнат да се снајде. Ако некој го крши законот, пак, и ја загрозува природата, тогаш го спречуваат во тоа, со помош на други надлежни служби. Во зависност од тоа што се случува, повик ќе добијат службите за комунален ред, за шумарство, за лов и риболов, за црпење минерали или други.
– Никој не се обидел да ни побегне. И онака нема каде да бега. Порано се случуваше почесто да интервенираме, но како што поминуваше времето, жителите на околните села научија што смее, а што не смее да се направи во паркот, и сега нашите интервенции се ретки. Но остануваме подготвени. Нашата цел е пред се` да се разбереме со луѓето човечки. Да ги избегнеме проблемите – нагласи Џеповски.
Конечно, дали паркот е безбеден? Можеби една ренџерска служба од тројца луѓе не може да спречи инвазија од злоупотреби на природата. Но не може да биде целта да се постави цела армија, која деноноќно ќе стражари и ќе го затвори просторот. Природните богатства може да се заштитат само ако ги чуваат сите, а тоа го велат и самите ренџери. Затоа е многу подобро кога и локалните жители и посетителите се едуцираат за тоа што смее, а што не смее да се прави во Езерани, а Тони и Борче се таму само за да ги потсетат и да внимаваат на нив.
Гоце Трпковски