Едрене, град на граница, магично место кое ги спојува Анадолија и Европа, каде се среќаваат трите реки Тунџа, Арда и Марица. Град кој ве освојува со својата топлина веднаш штом ќе стапнете во него. Срдечноста на луѓето и географското богатство кое се огледа во традиционалните култури го прават Едрене посебно место.
Со векови Едрене бил домаќин на многу култури. По поделбата на Римското Царство градот бил во границите на Византиската Империја, а подоцна бил главен град на Отоманското Царство цели 92 години до освојувањето на Константинопол. Затоа градот се состои од историски споменици како што се палати, џамии, верски училишта, покриени пазари, меани, бањи и многу други. Големиот архитект Синан го дизајнирал своето ремек дело, познатата џамија Селимије во овој град.
Постојат и редица други посебни градби, како што се италијанската католичка црква, бугарската црква Свети Георгиј, црквата Свети Константин и Елена и големата синагога (втора по големина во Европа) коишто му даваат боја и богатство на градот.
Како што можете да видите не е возможно да се каже сè за Едрене во еден напис, па затоа ајде да се вратиме на главната тема! Ќе зборуваме за познатиот пржен црн дроб од Едрене. Тој е доволна причина да го посетите градот и има вкус што ги привлекува и оние кои не се љубители на вакви јадења.
Месото е главна состојка во кујната на Едрене, а пржениот црн дроб стана симбол на градот. Па кои се причините што го прават ова јадење толку познато? Што е она што го разликува од другите јадења? Ако сакате да го дознаете тајниот рецепт сега имате можност, затоа што јас ќе го споделам со вас!
Прво правило: готвачите од Едрене преферираат црниот дроб да биде изваден од теле не постаро од една година. Исто така месото е неопходно да биде свежо, по можност донесено уште првиот ден. Црниот дроб се сече на многу тенки парчиња (како што велат „тенки како ливчиња“) и треба потполно да се исчисти од вени, крв и жили (ова е особено важно, бидејќи ја прави целата разлика).
Тајната на специјалниот мирис на црниот дроб е во маслото за пржење. Црниот дроб се валка во брашно и треба да се пржи неколку минути во врело сончогледово масло на висока температура.
Се посолува откако ќе се испржи и е подготвен за послужување. Најдобар додаток на ова јадење се сувите лути пиперки од видот „Караачи“ кои исто така се одгледуваат во Караагач, Едрене. Пиперките треба прво да се испржат во врело масло.
Црниот дроб и пиперките се готови и може да ги консумирате со ајран. Добар апетит!
Бидејќи сега ја дознавте тајната на овој одличен рецепт време е да го посетите Едрене, и тоа што е можно побрзо. Нема да зажалите!
Текст и фото: Аркан Чинетчи