Леана Таќи стана првата жена од Македонија што освои титула na триатлонот „Ајронмен, 70,3“. Пливаше 1.9 км, возеше велосипед 90 км и истрча 21 км и беше една од околу 400 жени што учествуваа на триатлонот, заедно со уште 1800 мажи-атлети.
Големите луѓе, со несекојдневни подвизи, најчесто се и најскромни. Да си поставиш цел пред себе, која малкумина, не само од твоето опкружување, но и пошироко, не се осмелуваат да ја замислат, да успееш да ја оствариш, и на крај да кажеш дека тоа не те прави ништо посебна во однос на другите, е навистина ретка вредност.
Скопјанката Леана Таќи некои ја познаваат како пејачка и одличен вокал, други – како маркетинг-менаџер, а нејзина најнова пасија е триатлонот „Ајронмен, 70,3“. Со учеството на еден од таквите настани во Цел ам Зе, во областа на Салцбург, Австрија, Леа стана првата жена од Македонија што освоила таква титула. Пливаше 1.9 км, возеше велосипед 90 км и истрча 21 км и беше една од околу 400 жени што учествуваа на триатлонот, заедно со уште 1800 мажи-атлети. Вели дека не размислува многу на фактот што е првата жена од Македонија, бидејќи во светот многу жени се впуштаат во такви подвизи.
„Тоа што кај нас сме малку подалеку од светските случувања и не секој има услови за вакво нешто, не ме прави мене нешто посебна. Едноставно, секоја девојка што има желба и решителност, може да го направи истото. Најинтересно ми е дека и покрај многу лошите услови, малото разочарување од организацијата, уште утре би се пријавила на нов настан. Посакувам да се пријавам на цел Ајронмен в година (двојно подолга трка од Ајронмен 70.3), ако сè оди според планот – а во меѓувреме, веројатно уште на некој 70.3 настан“, вели 30-годишната Леа, која работи како маркетинг-менаџерка во американска софтверска компанија.
Иако спортот е нејзино секојдневие уште од дете, посериозно почнала да се занимава пред пет години, кога одлучила да учествува на првиот полумаратон во Скопје. Тогаш почнува нејзината приказна.
„Спортувам речиси секој ден во неделата.Трчам и возам велосипед редовно од 2007 година кога поминав една година на студии во Амстердам, но посериозните спортско-рекреативни амбиции ми се развија дури откако го истрчав првиот полумаратон. Мојот близок пријател Душко Величковски, инаку првиот „Ајронмен“ од Македонија со сè уште најдобро време, е човекот кој ме инспирираше да се пријавам на 70.3 Ајронмен-настан. Тој дури и ме натера да се пријавам на мојот прв полумаратон – пред тоа најголемата должина што ја имав истрчано беше 10 км. Уште од тогаш се шегувавме дека сум родена за триатлон, бидејќи многу сакам пливање“, се потсетува Таќи.
За ова натпреварување официјално се подготвувала пет месеци, главно со акцент на пливањето.
Коментарите од типот – „а, бе, луда ли си“ се уште стигаат на нејзина адреса. Ноподдршката од најблиските и нивните пораки беа главната мотивација и двигател во тешките моменти на трката. Признава дека имало моменти кога за време на трката си помислувала да се откаже. Првичен шок и бил стартот на пливањето „кој е хаотичен и тежок, особено ако ви е прва трка“.
„Штом го поминав тоа, токму кога требаше да почнам со искачување на големата нагорнина, видов незгода на патот, односно неколку минути порано еден од тркачите падна во каналот од страна кој беше 3-4 метри длабок. Го спасуваа неколку екипи и го спасија со медицински хеликоптер. Се уште не можам да дознаам каква е состојбата на човекот. Како и да е, многу ме вознемири глетката, а 10 минути пред да се спуштам надолу почна да дува многу силен ветер и дожд. И некако бев стегната од глетката од претходно и следните два часа ми беа пеколни, бидејќи ме фати блага хипотермија и дури имаше моменти кога едвај управував со велосипедот. Но, формата што ја имав стекнато во месеците тренирање ме натера да не се откажам и да издржам до крај, иако доста побавно од она што првобитно го очекував“ – раскажува Таќи за Балкон3.
За разлика од многумина триатлонци на кои трчањето им задава најголема мака, зашто доаѓа на крај како трета дисциплина, за Леана тоа не е случај.
„Токму спротивното, кога почна трчањето, бидејќи веќе знаев дека нема да трчам најбрзо што можам (студеното време ми направи неколку проблеми низ трката подоцна) – истрчав најдобро што знам, бидејќи сепак во полумаратон имам најмногу искуство. Голема помош во тие критични моменти беше што низ главата ми се вртеа сликите од подготовките со моето момче Томе Попчевалиев, кој исто така учествуваше на триатлонот.
Со него ги снимавмее пливачките тренинзи и потоа ги анализиравме. Голема поддршка добив и од мојот пријател Душко, а благодарна сум и на советите од Стојан Поповски, нашиот најдобар триатлонец, како и од неколку пријатели надвор од нашите граници , вели Леа.
Сребра Ѓорѓијевска