Пролетта ги менува навиките за јадење на луѓето. Зимницата полека се заменува со специјалитети кои содржат свеж зеленчук. Балкон3 викендов Ви препорачува да подготвите јагнешка чорба со зеленчук. Врелата чорба е одличен избор за појадок кој ќе Ве „загрее“ во сеуште студените априлски утра или вкусно предјадење за неделниот ручек.
Потребни состојки за 4 порции:
– 4 лажици путер
– 1/2 кг. јагнешко месо исецкано на мали коцки
– 2 супени лажици брашно
– 1 чешне лук, сецкан
– 1 гранка рузмарин
– 1 ловоров лист
– 3 китки магдонос
– 1/2 чаша суво бело вино
– 2 мали компири сецкани на мали коцки
– 3 моркови, исецкани ситно
– 1 главица бел кромид ситно сецкан
– 1 чаша свеж грашок
– 3 чаши врела вода
– сол и бибер по вкус
Подготовка:
На загреана рингла се става тенџере во кое се ставаат 4 лажици путер. Откако ќе се стопи путерот, веднаш се става исецканото месо. Кусо време се пржи на тивок оган, а потоа се додава брашното и нежно се меша. Во тенџерето се додава лукот, рузмаринот и ловровиот лист. Сето тоа се полева со белото вино и се остава месото да подинста дваесетина минути. Потоа се додаваат компирот, морковот и кромидот и во тенџерето се истура водата. Чорбата се вари на тивок оган околу еден час, а 20 минути пред крајот се додава и грашокот. Доколку има потреба се додава уште вода. Пет минути пред да се заврши со варењеро се додава магданосот, сол и бибер по вкус. Чорбата се служи додека е сеуште врела, а највкусна е со лепче потпечено на скара.
Добар апетит!