Интервју со Дејан Зафиров, човекот кој со велосипед извози 5.300 километри од Њујорк до Сан Франциско. Дејан пред пет и пол години ја изгубил левата нога и сега се движи со помош на протеза, но не ги заборавил своите соништа.
„Спортот не треба да биде пречка за лицата со физички недостаток…Физичкиот недостаток не треба да биде причина да заборавиме на нашите соништа”. Со оваа мисла младиот штипјанец Дејан Зафиров на 11-ти септември минатата година го започна големиот подвиг – со велосипед да извози од Источниот до Западниот брег на САД. Патешествието од Њујорк до Сан Франциско траеше точно два месеца. За, храброста, примерот што го дава на другите и успешно остварената цел, Зафиров доби признание од амбасадорот на САД во Македонија, Пол Волерс. Сонот на Дејан почнал по кошмарот кој му се случил пред пет и пол години кога во несреќа при работа ја изгубил левата нога. Од тогаш се движи со помош на протеза. Хендикепот го мотивирал пред себе да ја постави целта: со велосипед да мине 24.000 километри на сите континенти. Од 2009 година до денес успеал да извози над 14.000 километри. Овој успех е поттик минатото лето да го организира првиот камп за млади луѓе со хендикеп, на кој тие имаат можност да спортуваат. „Всушност мојата главна цел е да ги поттикнам и да ги охрабрам тие млади луѓе да ги живеат своите соништа. Без тоа, моето возење би било залудно“, вели Зафиров во разговорот за Балкон 3. Ние силно го поддржуваме: „Продолжи да возиш, Дејане!“.
Мирко Трајановски