Сите поштари се маратонци. Секој ден под своите нозе оставаат километри и километри. И главниот јунак во оваа приказна е поштар. Трајче Михов го знаат сите во Велес. И тука нема ништо чудно, бидејќи нема кој не ги знае поштарите. Но, Трајче е веројатно единствениот поштар во светот кој за 24 часа има истрчано 220 километри. Тој е маратонец, и тоа со „тапија“. Во октомври 2013 година Трајче го освои првото место на ултрамаратонот во Белград. Скромен и ненаметлив, за овој успех не сака да говори како за подвиг.
Трајче почнал да работи како поштар пред 13 години и токму професијата го „нурнала“ во маратонските води. Вели дека си ја сака работата, бидејќи му е мило кога на луѓето им носи добри вести. Екипата на Балкон3 се увери дека Трајче секогаш брза, без разлика дали е во шорцеви и патики или во поштарската униформа. Така беше и додека го снимавме ова видео.